(ВИДЕО) Во светот со роботи, во Скопје со инкасатор на точак – како функционираат јавните катни гаражи

3 mins read

Во обид од прва рака да дознаеме каде е проблемот, ни помогна корисничка на паркингот која со години редовно вади месечен билет. При влезот во гаражата, системот не ѝ ја препозна картичката, иако уредно платила за месецот

Помошник-директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за републиката, Благојче Јаќимовиќ, вели дека тендерот за одржување на рампите и системот бил истечен веќе цела година

На почетокот на годинава ги тестиравме услугите во неколку јавни катни гаражи во Скопје, кои се изградени во времето на проектот „Скопје 2014“. Иако се релативно нови, наидовме на руинирани ѕидови и тоалети, нефункционални системи за олеснување на паркирањето, нефункционални лифтови и ескалатори…

По емитувањето на сторијата, до „360 степени“ стигнаа поплаки од граѓани и за други катни гаражи. Најгласни беа оние за гаражата кај Националната опера и балет. Како на едно место да се паркираат што повеќе автомобили и како побрзо да се внесе и да се изнесе автомобилот. Ова се параметрите по кои се водат и властите и архитектите кога дизајнираат или градат катни гаражи. И додека во Токио, Берлин или Њујорк со децении наназад може да се остави и да се подигне автомобил без воопшто да се влезе во катната гаража, во Скопје ја затекнавме оваа слика. Инкасатор во подземната гаража „Кресненско востание“ патува со велосипед од својата кабина во паркиралиштето до рампите. Системот не ги препознава месечните билети, па мора тој да ги отвора рачно.

360: Дали фрустрира ова што мора човек да доаѓа цело време по вас?

Возач: Што да се прави, што се мора тоа е.

Во обид од прва рака да дознаеме каде е проблемот, ни помогна корисничка на паркингот која со години редовно вади месечен билет. При влезот во гаражата, системот не ѝ ја препознава картичката, иако уредно платила за месецот. На дел од рампата има известување дека поради софтверски проблем не може да се продолжат месечните и годишните билети и се апелира до граѓаните парите да не ги уплаќаат во банка.

Па, наместо со картичка, таа и сите други со месечни билети, вадат обичен билет. Поголем проблем се јавува кога треба да се излезе од подземната гаража.

На излез сопственикот на месечниот билет прво го известува вработениот дека има месечен или годишен билет. Се проверува рачно. Потоа се поништува дневниот билет издаден при влез.

360: Здраво, со месечна сум, ќе ми отворите?

Вработена: Ќе дојдам сега.

Откако ќе го поништат билетот, следува нова комплексна фаза во процесот на излегување од гаражата – треба да се почека вработениот да дојде до излезот, кој се наоѓа на поголема оддалеченост од пунктот за наплата, за да ја отвори рампата со својата службена картичка.

360: До кога вака? Кога ќе се среди системот?

Вработена: Не знам да ти кажам.

И така за сите корисници на месечни или годишни билети.

Наредниот ден се обидовме сами да извадиме месечен билет. Иако Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за републиката нуди таква услуга, не добивме и право да ја искористиме.

360: Здраво, да ве прашам да извадам месечна карта, колку пари е?

Вработен: Нема ништо од тоа, се чека на фирма. За еден месец максимум треба да биде официјализирано и да видиме што ќе биде, како ќе биде и колку пари. Колку места има сега не знаеме.

360: Значи, за еден месец ќе може да се вадат картички?

Вработен : Не да се вади, туку да се види. Гаражата е фул. Има нова фирма, не знаеме што ќе биде и како.

Зошто не функционираат старите картички? Зошто не може да се извади нов годишен или месечен билет во гаража за која се потрошија 9,5 милиони евра јавни пари?

Помошник-директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за републиката, Благојче Јаќимовиќ, вели дека тендерот за одржување на рампите и системот бил истечен веќе цела година.

Немало распишано тендер, системот функционирал како што функционирал. Ние увидовме аномалии и грешки и сега по првпат побаравме софтверот да ни припаѓа нам, додека претходно ни велеа дека софтверот не е наш, а сега во тендерот стои дека набавуваме и нов софтвер за користење кој ние ќе го контролираме“,

вели Јаќимовиќ.

Јаќимовиќ признава дека имало грешки и од претходната фирма и од претпријатието, но одби да навлезе во анализа – дали некој направил злоупотреби во периодот кога паркингот работел без договор за сервисер.

Призна дека во моментов во катните гаражи со кои раководи претпријатието не можат да се вадат месечни билети, но најави дека тоа ќе се реши со изборот на нова фирма што ќе го одржува системот.

Бидејќи сега се издадени и премногу месечни и годишни билети, прашавме како ќе се избира кој ќе има право на нив?

„Апсолутно нема предност. Кој прв ќе дојде, прв ќе биде услужен.“

кажа Јаќимовиќ.

Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење на републиката управува со вкупно четири гаражи. Додека во трите каде што го има проблемот со месечните и годишните билети паркирањето некако и функционира, четвртата гаража е посебна приказна.

Овие слики се од периодот кога „Солунски конгрес“ работеше. Слично како во Токио, Берлин, Њујорк, автомобилот се оставаше во лифт на приземјето, а сè друго беше работа на самата гаража.

Денеска во гаражата повторно се паркира по скопски стандарди. Лифтовите и платформите не работат, па се паркира на првиот кат – кој каде што ќе стигне. Директорот Јаќимовиќ најави тендер и за оваа гаража, иако вели дека повеќе пари се трошат за одржување на системот отколку што можат да наплатат за паркирањето.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Дупката во свесноста на американската армија се простира многу вон балоните

Следно

Ердоган: „Туркије ги мобилизираше сите свои ресурси за 11 области погодени од земјотресите“

Latest from Blog