Дупката во свесноста на американската армија се простира многу вон балоните

5 mins read

Фергусон кој своевремено довршува студии во Западна Германија и работи како дописник за Дејли Телеграф, се присетува на 28 мај 1987 денот кога на Црвениот плоштад во Москва, во близина на Кремљ, слета мала бела Цесна управувана од 18-годишниот Германец, Матијас Раст.

„Тој беше забележан неколку пати од советската противвоздушна одбрана и од цивилните контролори на лет, како и од пресретнувачи на советската авијација. Меѓутоа сите тие го помешаа авионот на Раст со пријателски цивилен авион и властите не го пресретнаа,“ пишува Фергусон.

Тој очекува дека еден ден ќе чуеме иста приказна за тоа што точно се случува во НОРАД откако во американскиот воздушен простор влезе кинескиот балон.

„Идентично тешко е да се верува дека генерал Ванхерк слушнал за балонот само откако локален весник од Билингс, Монтана, објави фотографија од него, како што е тешко да се верува во бесрамните кинески тврдења дека се работи само за хидрометеоролошки балон што скршнал од курсот. А сега знаеме дека НОРАД цело време го следел балонот и го чувал тоа во тајност,“ пишува Фергусон чија претпоставка е дека Белата куќа сакала да го скрие ова за да не мора да се откажува патувањето на Блинкен во Пекинг, каде требаше да се смират работите меѓу двете држави.

Во однос на севкупното позиционирање на Кина на денешен ден и капацитетите на САД да се справат со нејзе ако тоа затреба, Фергусон споменува тврдења на неколку американски експерти кои својот мир го наоѓаат во тоа дека ако дојде до војна во крајна линија САД сепак се побогати и помоќни од Кина, па исходот може да биде само во корист на Америка. Експертите потсетуваат дека на САД и нејзините сојузници отпаѓаат 50% од светскиот БДП додека на Кина и Русија заедно околу 20%, како и тоа дека САД своевремено го победиле и СССР бидејќи биле „поенергични, поиновативни, попродуктивни и легитимни.“

За тоа дали вакви историски споредби би издржале и денес, Фергусон потсетува на студија на РАНД корпорацијата нарачана од Пентагон, според која:

„САД покажуваат одредени карактеристики на некогаш доминантна сила која го има поминато својот конкурентски пик: според одредени важни мерки, САД се задоволни таму каде што се, веќе се високо бирократизирани и ловат успеси на краток рок наместо долгорочен продуктивен напредок.

Тие се општествено и политички поделени, свесни за потребата за реформи но неволни или неспособни да ги спроведат, и страдаат од немање верба во заедничкиот национален проект кој некогаш ги придвижуваше.“

Додека:

„Кина очигледно има корист од потентната национална волја и амбиција, и дома и во странство, и од обединетиот национален идентитет меѓу најголемиот дел од популацијата. Таа има многу активна држава која истура ресурси во создавање човечки капитал, истражување и развој, висока технологија и инфраструктура.“

Дури и ако ваквата анализа се прифати како поедноставување на работите бидејќи за време на војна станува важно кој има поголема економија и капацитет за масовно производство на оружје, Фергусон потсетува дека додадената вредност на кинеското производство денес е два пати поголема од таа на САД, додека пред неполни 20 години во 2004 била два и пол пати помала.

Фергусон споменува и анализа од Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС) под наслов „Криза на празни кутии“ во која се тврди дека „американската индустриска база – вклучително и индустриската база за производство на муниција – моментално не е подготвена за поддршка на долга конвенционална војна.“ Ситуацијата е уште полоша за главните европски сојузници на Америка.

„Како што пандемијата на ковид-19 ја покажа склертотичната состојба на американското здравство, така и руската инвазија на Украина го изложи видливиот распад на нашиот некогаш моќен воено-индустриски комплекс,“ пишува Фергусон.

Тој наведува и неколку примери за ова што го зборува:

– „Количините на Џавелин префрлени во Украина до крајот на август 2022 претставуваат 7-годишно производство по стапка од фискалната година 2022,“ ЦСИС.

– „До јануари 2023, американската армија и испорача на Украина  1.074.000 155-милиметарски гранати, значително намалувајќи го бројот на 155-милиметарски гранати што ги има на залиха,“ ЦСИС.

– „Украина испукува над 5.000 артилериски гранати секој ден, што е еднакво на годишната нарачка на помала европска држава во време на мир,“ Фајненшл тајмс.

– „До 20 јануари 38 ХИМАРС-и се испратени во Украина. Секој од нив чини околу 6,8 милиони долари… На почетокот од минатата година Локхид Мартин произведуваше по 48 ХИМАРС-и годишно, а сега крена на 60. За да се стигне до предвидената стапка од 90 годишно ќе треба уште 18 до 24 месеци.“

– „ До сега 8.500 Џавелини – околу една третина од американската залиха – се испратени во Украина. Локхид Мартин го зголеми производството на Џавелин ракети на 4.000 годишно од досегашните 2.100.“ (Фајненшл тајмс).

„Или поедноставно да го кажеме ова: Примарните на американската одбрана – петте големи одбранбени производители – со мака успеваат да ги покријат потребите на украинската армија во релативно мала војна против руска војска која имаше лоши перформанси во досегашната една година од конфликтот. И имајте предвид дека додадената вредност на руското производство е една-десетина од она на САД,“ порачува Фергусон.

Петте големи производители се бранат дека не може од нив да се очекува да одржуваат производствен капацитет кога потребите на американската влада се толку непредвидлив, потсетувајќи дека од срамното повлекување на САД од Авганистан до одлуката да се вооружува Украина за долга војна минаа само осум месеци.

Ваквата состојба Фергусон ја става во перспектива на судир меѓу Кина и САД заради Тајван што според него ќе значи дека САД ќе потроши над 5.000 ракети со голем домет за три недели од конфликтот (4.000 воздух-земја ЈАССМ; 450 ЛРАСМ, 400 Харпуни и 400 Томахавки). ЛРАСМ ќе бидат потрошени за една недела, а ќе бидат потребни 2 години за да се произведат ЈАССМ.

Во исто време Кина ќе биде помалку ограничена бидејќи „инвестира во муниција и стекнување на најмодерни вооружени системи и опрема со пет до шест пати побрза стапка отколку САД.“

„Проблемот со набавка е далеку подлабок отколку снабдувањето муниција. Според Канцеларијата за владина ревизија (ГАО) минатата година трошокот за изградба на 12 нуклеарни подморници од класата Колумбија пораснала за 3,4 милијарди долари и изнесува 112 милијарди долари. Сега цената за истите е 132 милијарди долари и веќе има сомнежи дека тие ќе бидат подготвени да бидат пуштени во служба во 2031.

ГАО идентификува вакви пролонгирања во 17 големи програми, вклучително ДДГ-1000 уништувачот, МКУ-4Ц дронот за надзор, ЦХ-53К товарниот хеликоптер и МХ-139А хеликоптерот кој треба да патролира над силосите со нуклеарни проектили.

Има и полошо. Минатиот септември Пентагон ја суспендираше испораката на Ф-35 воените авиони откако компонента од моторот на авионот – произведена од Ханивел – излезе дека содржи забранета кинеска легура. Грешка за време на пробните летови во декември доведе до уште еден прекин во испораката. Последната цена за Ф-35 програмата е 412 милијарди долари,“ анализира Фергусон.

Иако има и одредени напредоци кај Пентагон, пример во набавките на муниција и ракети, како и зголемување на производството, останува правилото дека „обуката на работниците и ланците за снабдување не може преку ноќ да бидат активирани.“

„Ова не е 1941. Идејата дека САД бил заспан џин на вечерта пред Перл Харбор е мит кој ја потценува тогашната подготвеност на САД за војна. Програмата за изградба на бродови која им овозможи поморска доминација на САД во Втората светска војна започнува со Законот за поморска експанзија од 1938.

Во наше време, за споредба, имаме воено-индустриска база која се намалува. Во 2013 Агенцијата за заштита на средината затвори 121-годишна топилница за олово во Мисури, последната топилница во земјата која главно работи со олово. И тоа е само за оловото. Според извештај од Министерството за енергетика од 2021, од 35 продукти од минерали кои се идентификувани како критични… на САД му недостасува домашно производство за 14 од нив, а за 31 потребната количина со над 50% ја покрива со увоз,“ анализира Фергусон.

Споменувајќи го текстот на Харолд Џејмс под наслов „Доцна советска Америка“, кој според него е еден од најдобрите есеи кои излегле изминативе 3 години, Фергусон смета дека еден од многуте симптоми за рѓосувањето на американската армија во оригиналниот советски случај беше опаѓањето на советската воена ефикасност што ја открива Матиас Руст.

„Меѓутоа тогаш барем имаше последици за одговорните. Не само што Раст беше осуден на четири години тешка робија; Горбачов го отпушти својот министер за одбрана, маршал Сергеј Соколов, и командантот на советската воена авијација, маршал Александар Колдунов.

Се уште чекам да слушнам кои високи функционери во американската влада ќе бидат казнети за својата улога во фијаското со кинескиот балон. Тоа што до сега се немаат тркалано глави додава уште потажно значење на фразата ‘процеп во подрачната свесност’,“ порачува Фергусон.

ИЗВОР: off.net.mk

Претходно

Судот немаше милост кон Дани, најтрофејниот фудбалер останува зад решетки!

Следно

(ВИДЕО) Во светот со роботи, во Скопје со инкасатор на точак – како функционираат јавните катни гаражи

Latest from Blog