(ВИДЕО) Пендаровски одлучи да ги потпише указите за законите за коридорите 8 и 10-д

4 mins read

Имајќи ги предвид приговорите на дел од синдикатите, граѓанските здруженија и на некои политички партии, укажувам дека секоја заинтересирана страна има право да поднесе иницијатива за оценка на уставноста на секој закон, вклучително и на овие, рече шефот на државата

За најоспоруваните измени на Законот за работни односи кои предвидуваат можност за зголемена работна недела на работниците ангажирани на проекти од национален и стратешки интерес, како што се коридорите 8 и 10-д, претседателот рече дека оваа година тие не ја содржат формулацијата „60-часовна недела“, која веќе еднаш беше укината од Уставен

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, одлучи да ги потпише указите за прогласување на петте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Оние што сметаат дека законите се неуставни, претседателот ги упати да поднесат иницијатива до Уставниот суд.

„Изминатите денови направив низа консултации и во однос на уставноста на новиот текст на законот со експерти од областа на трудовото право, поранешни судии на Уставен и со советниците од мојот кабинет. По сумирањето на различните мислења донесов одлука да го потпишам указот за прогласување на овој закон и за останатите четири закони. Имајќи ги предвид приговорите на дел од синдикатите, граѓанските здруженија и на некои политички партии, укажувам дека секоја заинтересирана страна има право да поднесе иницијатива за оценка на уставноста на секој закон, вклучително и на овој. Уставниот суд е единствената институција во нашиот правен поредок која го дава последниот збор во однос на уставноста на законите. Уставниот суд има на располагање и механизми со кои може брзо и ефикасно да донесе одлука ако така сметаат судиите“,

рече Пендаровски на прес-конференција попладнево.

Станува збор за измени и дополнување на пет закони: Законот за урбанистичко планирање; Законот за работните односи; Законот за експропријација; Законот за градење; и Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија.

За најоспоруваните измени на Законот за работни односи кои предвидуваат можност за зголемена работна недела на работниците ангажирани на проекти од национален и стратешки интерес, како што се коридорите 8 и 10-д, претседателот рече дека оваа година тие не ја содржат формулацијата „60-часовна недела“, која веќе еднаш беше укината од Уставен.

„Во однос на Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, сакам да ја информирам јавноста дека текстот на усвоениот закон не ја содржи оспорената одредба од Уставниот суд која предвидуваше дека работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината. Изминатиот месец дадов неколку јавни изјави дека нема да потпишам указ за прогласување на закон кој содржи одредба што претходно е оспорена од Уставен суд и во таа насока новиот текст на законот не ја содржи формулацијата 60-часовна работна недела“,

рече Пендаровски.

Пред да ја соопшти одлуката за потпишување, шефот на државата рече дека дебатата околу овие закони изминатите недели се развила легитимно, но се изгубил фокусот, па наместо за придобивките и ризиците, се зборувало за евроатлантските аспирации на државата.

„Изминатите недели се разви сосема легитимна дебата во однос на содржината на овие закони, а за еден од нив и неговата уставност, имајќи ја предвид одлуката на Уставниот суд од минатата година. Не спорејќи ги легитимното право за сеопфатна дебата за секој закон, вклучително и овие, сакам да укажам дека дебата од мал број субјекти беше употребена или злоупотребена за зголемување на и онака високата поларизација во нашето општество, што го оттргна фокусот од вистинските прашања поврзани со овие закони. Наместо дискусијата да се насочи кон придобивките и можните ризици во однос на проектот, јавната дебата се претвори во расправа за нашите стратешки евроатлантски ориентации и аспирации“,

рече Пендаровски.

Одговарајќи на новинарско прашање за Законот за работни односи за кој синдикатите најбурно реагираат и денот на изгласување во Собранието го нарекоа „црн петок“, Пендаровски настапи со објаснување дека во толкувањето што тој го има дека тоа не е противуставно, му помогнала и одредбата од законот за прекувремената работа што гласи „освен за работи кои имаат специфичен процес на работа“. Изградбата на автопатиштата, според него е специфична бидејќи има градежна сезона која трае најмногу шест месеци, па затоа смета дека нема да се надмине годишниот максимум за прекувремена работа.

„Синдикатот и неколку невладини организации минатата година кога беше донесе специјалниот закон го оспори целиот. Уставниот суд рече дека целиот закон е во ред освен член 12 каде пишува 60-часовна недела. Никому не оспорувам право и сега да поднесе и да каже дека ова мое толкување не држи. Таму освен што нема експлицитно кажано 60-часовна ќе биде работна недела по работник, има една друга одредба која ми помогна со поддршка на моите советници. На пример членот 117 во ставот 2 зборува за тоа колку може да трае прекувремената работа (најмногу 8 часа во текот на една недела, најмногу 190 часа годишно) и вели освен за работи кои имаат специфичен процес на работа. Да преведам тука, зборуваме за патишта, знаете дека сезоната трае три до шест месеци максимум – јануари-февруари никој не поставува асфалт, така што на ниво на квартал или година мое уверување е дека нема да се пробијат законските саати. Се разбира“,

објаснуваше Пендаровски.

Дали со тоа што ги потпишал петте закони, шефот на државата чиј мандат истекува во мај в година, очекува поддршка од СДСМ и ДУИ за уште пет години на функцијата, Пендаровски со одговор дека никогаш не калкулира.

Четири години од мандатот изминаа, вели тој, и македонската јавноста имала прилика секојдневно да го следи неговото однесување и знае дека во неколку наврати за важни проекти имал спротивно мислење од Владата или од партиите кои го поддржаа и во 2014 и во 2019 година.

„Не сум калкулирал со поддршка никогаш. Слушам дека некои размислуваат и во една слична, малку модификувана насока – дали бидејќи Бехтел и Енка се во заднина, јас ако потпишам ќе ја добијам поддршката од Америка?! Тоа се детски анализи, никогаш немале втемеленост во реалноста, ако е нешто во прилог на граѓаните го потпишувам, сосема небитно кој го предлага до мене. Ако е нешто спротивно на нивните интереси, кој и да се јави, не може да ми влијае. Неколку пати тоа сум го кажал, од фамозната прес-конференција летото 2019 кога беше апсена тогашната специјална обвинителка, законот за илегални градби, да нема праг при евентуална промена на изборниот модел да може и помалите партии да влезат во парламентот итн. Мислам дека на многу инстанци сум покажал дека размислувам со своја глава“,

рече Пендаровски.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Проговори некрофилот Линдзи

Следно

(ВИДЕО) Ескалиција на тензиите во општина Звечан: КФОР употреби солзавец за разбивање на демонстрантите кои возвратија со камења и шишиња

Latest from Blog