Видео од тунелот во „Идризово“: Бил долг 40 метри, го копале осудени на доживотен затвор

2 mins read

Акцијата за откривање почнала откако МВР добило сознанија дека група од најмалку осум осудени лица кои издржуваат казни од 10 години до доживотен затвор, подгтовува организирано бегство

Четириесет метри долг, на длабочина од околу еден метар и широк околу 80 сантиметри во дијаметар е тунелот што бил ископан во затворот „Идризово“.   

Министерството за внатрешни работи попладнево излезе официјално со детали за тунелот во најаголемиот затвор во државата, преку кој, како што се наведува, најмалку осуммина затвореници осудени на високи затворски казни планирале организирано бегство.

„Министерството за внатрешни работи, Биро за јавна безбедност, Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Агенцијата за национална безбедност спречи организирано бегство од Казнено поправниот дом Идризово“,

изјави попладнево портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Тунелот бил откриен откако МВР добило криминалистички сознанија за планот за бегство на затворениците преку тунелот.  

„Министерството за внатрешни работи по добиени криминалистички сознанија дека група од најмалку осум осудени лица кои издржуваат казна затвор во КПД Идризово, осудени за сериозни кривични дела со определени казни од 10 години до доживотен затвор, подготвуваат бегство од затворот со копање на тунел, спроведе криминалистичко оперативни активности на проверка на информациите по што истите ги сподели со Управата за извршување на санкциите“,

соопшти Ангеловски.

Откако сознанијата ги доставиле до Управата за извршување санкции, биле извршени проверки на местото на кое било посочено дека е можно да се наоѓа тунелот. Натамошните активности на истражните органи, во кои како што може да се види од видеото објавено од МВР била употребена и градежна механизација, го откриле ископаниот тунел.

Според МВР, тој бил долг околу 40 метри и лоциран близу објект кој се користел за одлагање на јаглен во правец на заштитната ограда зад која се наоѓа женското одделение во затворот, а во непосредба близи на заградата на затвореното одделение во „Идризово“.

Тунелот бил на длабочина од околу еден метар, а во дијаметар бил широк околу 80 сантиметри и бил обезбеден со попречни греди и тули.

„Во тунелот се пронајдени повеќе пластични корпи на кои се врзани јажиња, а со кои се извлекувала ископаната земја и електричен кабел со сијалица која им служела за осветлување на тунелот“,

информираат од МВР.

Оттаму велат дека во координација со надлежното јавно обвинителство преземаат доплнителни активности за целосно расчистување на случајот.

Истовремено додека екипите на надлежните институции денеска беа на терен во затворот „Идризово“, премиерот на Димитар Ковачевски на прес-конференција соопшти дека на седница на Влада е разрешен сега веќе поранешниот директорот на затворот „Идризово“, Шпенд Тахири. На негово место на предлог на Ковачевски, за нов в.д. директор на Казнен-поправниот дом е именуван генерал-мајог Зоран Јовановски, кадар со богата кариера во Министерството За внатрешни работи.

Премиерот Ковачевски на прес-конференцијата воопшто не го спомена денешниот случај со тунелот во „Идризово“, додека ја споделуваше информацијата за разрешувањето на директорот и иемнувањето на нов, ниту дека тоа е поврзано со тунелот во затворот.

Сепак, одговарајќи на новинарско прашање Ковачевски рече дека сите информации кои се однесуваат на оваа институција ги имаат службите кои се задолжени за безбедноста во државата.

„Вклучително Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Управата за извршување санкции и се што е потребно е преземено во однос на санирање и унапредување на состојбите во КПД `Идризово`“,

рече премиерот.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

(Видео) Објавена снимка од тунелот во Идризово: Полицијата со детали за обидот за бегство

Следно

Јапонскиот премиер ја посети Буча

Latest from Blog