(ВИДЕО) Како војната за Украина се води на македонската твитер-сцена каде што „дрмаат“ пет проруски профили

February 7, 2023
3 mins read

„Преспа институт“ во периодот од 1 јануари до 31 декември 2022 година истражувал твитови на топ 300 македонски корисници. Преку нивните реобјави и интеракции се стигнало до бројка од 10 до 11.000 домашни твитер-профили кои влегле во анализата. Извлечени се 513.000 твита од кои 41.000 се однесувале на политички теми. Тука е првиот интересен наод – главна тема е домашна политика со 15.000 твитови, втора тема се Украина, Русија, плус Путин со 7.000 твита. Анализата открила дека на домашната твитер-сцена, на политички теми доминираат пет проруски профили

„Уште 100 наслови месецов за НАТО/ЕУ-планот да ја растуреле Руската Федерација и еве ти 1 март.“

„Им изгина пола војска, 5 милиони бегалци има, а они како нашите северџани се радуваат оти имало столче за нив во НАТО.“

„Гледате ли Русин на овој срамен настан за Македонија и македонскиот народ кога се потпиша капитулација т. е. Рамковниот договор.“

Ова се само дел од објавите на домашната твитер-сцена во која, на политички теми доминираат пет профили. Според анализата на „Преспа институт“, овие пет профили се комплетно проруски настроени во темата Украина, војната и Путин. Тоа, како што велат од „Преспа“, значи дека овие пет твитерџии и нивните објави влијаат на јавното мислење и перцепциите на граѓаните за работите за кои твитаат.

Објава на домашен твитерџија со проруска содржина

  

Почеток на февруари 2023. Тимот на „Преспа институтот“ ја финишира едногодишната анализа за состојбата на домашната твитер-сцена, за периодот од 1 јануари до 31 декември 2022.

Истражувањето ги опфатило твитовите на топ 300 македонски корисници. Преку нивните реобјави и интеракции се стигнало до бројка од 10 до 11.000 домашни твитер-профили кои влегле во анализата.

Извлечени се 513.000 твита од кои 41.000 се однесувале на политички теми. Тука е првиот интересен наод – главна тема е домашна политика со 15.000 твитови, втора тема се Украина, Русија, плус Путин со 7.000 твита.

 

Графички приказ на дел од истражувањето на „Преспа институт“

Дека руската инвазија била значајна за домашната твитер-заедница покажува фактот дека 24 февруари, денот на почетокот на агресијата на Украина, е пикот на твитер-сообраќајот во 2022 година, поголем и од денот на прифаќањето на „францускиот предлог“.

Графикон кој го покажува „пикот“ во твитер-сообраќајот за политичка тема на денот на стартот на руската агресија

„Тука е важно да го потенцирам фактот дека тоа не е нужно тема која зборува само за војната во Украина, туку тука имаме и проруска и проукраинска пропаганда, тука имаме твитови за Путин, како тој влијае врз Западен Балкан, како влијае врз нашата држава, каде граѓаните на Северна Македонија го гледаат во секојдневието“,

вели Демијан Хаџи-Ангелковски, надворешен соработник и истражувач во „Преспа институт“

Втора клучна информација што произлегува од истражувањето е дека во твитер-објавите поврзани со политичките теми во земјава, како да постои монопол.

Графички приказ кој ја покажува ангажираноста на петте профили за одредена политичка тема

„Кога ќе ги анализираме топ 10 корисниците кои пишуваат на овие теми, истите 5 профили се појавуваат цело време. За сите теми и сите во првите 10 твитерџии, најчесто се место број еден, два и три, па после можеби некој ќе биде петто, шесто. Овие 5 твитерџии се одговорни за 15 проценти од објавите на тие теми. Тие 15 проценти можеби не звучат како многу голема бројка, но ако анализираме дека само 5 профили се одговорни за 15 проценти од објавите на овие теми, а 10.000 профили се одговорни за останатите 85 проценти, тогаш тие 15 проценти изгледаат прилично многу“,

анализира Хаџи-Ангелковски.

Демијан Хаџи-Ангелковски, надворешен соработник и истражувач во „Преспа институт“

Третиот важен аспект е дека овие пет профили јасно заземале страна во војната во Украина.

„Конкретно, овие 5 профили се комплетно проруски настроени во темата Украина, војната и Путин, при што два од тие пет профили почнуваат со силна руска пропаганда пред почетокот на војната, крајот на јануари и почетокот на февруари, тоа се деновите кога не беше сигурно дали ќе има војна и тие почнуваат со пораки кои се против НАТО, против Западот, прилично силно апологетски настроени кон Путин и практично бараат и ги тераат другите корисници да бидат про-Путин, да го оправдаат Путин“,

изјави Хаџи-Ангелковски.

Но, иако биле гласни и ангажирани на Твитер, нивните објави во врска со агресијата во измината година не биле многу споделувани.

„Тие практично се оние кои го генерираат шумот на Твитер – пишуваат сè и сешто, но нема некоја особена интеракција со нивните твитови“,

вели Хаџи-Ангелковски.

Но, тоа не значи дека нивната порака, конкретно проруска, не доаѓа до публиката.  

„Создаваат квантум на твитови кои луѓето го читаат и придонесуваат за формирање на размислување кај оние кои тоа го читаат. Имајте предвид дека не го следевме учеството на time.mk како влијае на целиот процес и колку од овие твитови што тие ги напишале се појавиле на time.mk во топ 10“,

вели Андреја Стојковски, извршен директор на „Преспа институт“.

Андреја Стојковски, извршен директор на „Преспа институт“

За истражувачите од „Преспа институтот“ има јасни индиции за организирана пропаганда.

„Бидејќи овие пет профили се појавуваат за теми Русија, Украина, Путин, домашна политика, критика за секоја власт, македонски национални чувства, антибугарски сентимент, францускиот предлог… Сите овие теми толку добро се секвенционирани и го покриваат целиот период на 2022 и со тоа оставаат впечаток дека станува збор за подготвена кампања на ширење размислувања кои потоа го димензионираат домашниот дискурс“,

смета Стојковски.

Оттука, проценките на „Преспа институтот“ се дека овие пет домашни твитерџии можеби не влијаат на политиките креирани од државата, но дека имаат влијание на мислењето и перцепциите на граѓаните на Македонија за работите за кои твитаат.     

Очекувањата се дека најмалку додека трае руската инвазија на Украина, ќе трае и кампањата на домашната политичка твитер-сцена доминирана од петте профили, дел од нив и со очигледна партиска афилијација.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Диверзитетот стана голем бизнис

Следно

Бројот на загинати во земјотресот во Турција и во Сирија надмина 6.200, спасувачките екипи се во трка за пронаоѓање преживеани

Latest from Blog

Мисајловски-Валандер: Македонско-американските билатерални одбранбени односи се рефлексија на стратешкото партнерство и сојузништво кое постои помеѓу нашите две земји

На маргините на министерскиот состанок на САД- Јадранската повелба, министерот за одбрана Владо Мисајловски, денеска оствари средба со помошничката на секретарот за одбрана на САД за меѓународни безбедносни прашања, Селест Валандер. -Македонско-американските

Јужнокорејската влада понуди колективна оставка

Владата на Јужна Кореја понуди колективна оставка поради политичката криза предизвикана од одлуката на претседателот Јун Сук Јеол да воведе вонредна состојба, соопштија денеска официјални лица. На состанокот свикан од премиерот Хан

Сообраќајот се одвива во зимски услови, појава на магла на планинскиот превој Буково и крак Маврово-Маврови анови

Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по наместа влажни коловози. ЈП Македонијапат информира дека сите патни правци во државата се проодни без забрани и ограничувања. Намалена видливост поради

Индира Кастратовиќ влегува во Куќата на славните на ЕХФ

Поранешната македонска ракометна репрезентативка Индира Кастратовиќ, доби место во Куќата на славните, како второ ракометно име од Македонија, по Кирил Лазаров. Влезот во елитното друштво официјално ќе се случи на 14 декември,
Go toTop