Бројот на загинати во земјотресот во Турција и во Сирија надмина 6.200, спасувачките екипи се во трка за пронаоѓање преживеани

2 mins read

Турската агенција за управување со вонредни состојби објави дека вкупниот број загинати во земјата надмина 4.500, а околу 26.000 се повредени. Бројот на загинати во областите под контрола на владата во Сирија се искачи на повеќе од 800, додека најмалку 900 се пријавени во областите под контрола на бунтовниците, според „Бели шлемови“, организација која ги води спасувачките операции

Бројот на жртвите од земјотресот во Турција и во Сирија денеска надмина 6.200 луѓе и се очекува тој да продолжи да расте со пристигнувањето на спасувачките тимови и меѓународната помош, а спасувачите избезумено се обидуваат во студеното време, понекогаш користејќи голи раце, да ги извлечат преживеаните надвор од урнатините.

Уништувањето е распространето на голема територија, што им отежнува на спасувачките тимови да стигнат до уништените градови и населени места, а поради студот се стравува дека луѓето нема долго да можат да преживеат под урнатините.

Турската агенција за управување со вонредни состојби објави дека вкупниот број загинати во земјата надмина 4.500, а околу 26.000 се повредени. Бројот на загинати во областите под контрола на владата во Сирија се искачи на повеќе од 800, додека најмалку 900 се пријавени во областите под контрола на бунтовниците, според „Бели шлемови“, организација која ги води спасувачките операции.

Турските спасувачи извлекуваат жртви од под урнатини во Дијарбекир/Фото: EPA-EFE/REFIK TEKIN

Земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што рано вчера ги погоди Турција и Сирија, проследен со серија последователни потреси и уште еден голем земјотрес со јачина од 7,5 степени, остави стотици километри уништени области во југоисточна Турција и соседна Сирија. Земјотресот урна илјадници згради, носејќи нови страдања во регионот веќе обележан со 12-годишна граѓанска војна во Сирија и бегалска криза.

Екипи од речиси 30 земји од целиот свет се упатија кон Турција или кон Сирија.

Од Северна Македонија во Турција ќе бидат испратени 40 припадници на силите за заштита и спасување кои ќе помогнат во санирањето на последиците од земјотресот, а заедно со нив ќе бидат испратени и две противпожарни возила.

Во санирањето на последиците од земјотресот дополнително ќе бидат испратени и 24 припадници на Армијата, од кои 22 лица од Баталјонот за специјални сили, две кучиња за пребарување и две лица водачи на кучиња.

Швајцарските експерти и спасувачи со кучиња се дел од екипите кои се заминати во Турција за помош на тамошните служби. Од Швајцарија е товарена и хуманитарна помош за Турција.

Грчката спасувачка мисија за помош на Турција вклучува 21 пожарникар од единицата за итни случаи ЕМАК, две кучиња за спасување и возило на специјалната мисија за спасување. Со нив во Турција се и офицер на Противпожарната бригада специјализиран за поддршка на урнати згради, пет лекари за итни случаи од системот за брза помош ЕКАВ и претседателот на грчката Организација за антисеизмичко планирање и заштита.

Членовите на холандскиот тим за пребарување и спасување УСАР со потребната опрема заминат е за Турција. Во тимот се 65 вработени во УСАР и осум кучиња помошници.

Ирак обезбедува помош за Сирија. Безбедносните сили ја собраа хуманитарната група на Црвената полумесечина за да ја испратат во соседната земја

Фото: EPA-EFE/DENIZ TEKIN

И тајванските спасувачи ќе помагаат во операциите за пребарување и спасување во Турција.

Специјализиран тим од пожарникари од Урбаниот тим за пребарување и спасување на Чешка ќе помага во потрагата по луѓе во урнатините во Турција. Чешкиот тим на УСАР е специјално обучен да најде луѓе кои може да бидат затрупани под урнатините.

Околу 50 пожарникари и медицински работници се дел од тимот од Италија кои ќе помогнат на сириско-турската граница во спасувачките напори. Од Италија ќе има и дополнителни летови по пристигнувањето на пожарникарите, кои ќе донесат медицински персонал и опрема за Турција.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека неговите тимови брзо се организираат за да почнат да ги поддржуваат турските напори за пребарување и спасување. САД соопштија дека ќе испратат два тима за пребарување и спасување од по речиси 80 луѓе.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

(ВИДЕО) Како војната за Украина се води на македонската твитер-сцена каде што „дрмаат“ пет проруски профили

Следно

Професор кој го преживеа земјотресот во Турција: Сите сме во шок, мислев дека зградата ќе ми се урне

Latest from Blog