(ВИДЕО) Девојче извлечено живо по 150 часа поминати под урнатините

1 min read

Бројни спасувачки тимови сè уште посветено пребаруваат и се обидуваат да спасат луѓе заробени во урнатините на зградите

Девојче е спасено од урнатините на зграда во провинцијата Хатај, дури 150 часа по земјотресот што во понеделникот го погоди јужниот дел на Турција, јавува Анадолија.

Турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, објави видео од девојче кое е извлечено живо од урнатините во спасувачка операција со порака: „Секогаш има надеж“.

Членовите на спасувачкиот тим го спасија девојчето од урнатините на зградата во Хатај, една од десетте провинции погодени од разорните земјотреси.

Спасувачите славеле откако девојчето било извлечено и спасено.

Добри вести доаѓаат и од градот Адијаман, во Кахраманмараш, Турција, каде седумгодишно момче и 22 годишна девојка беа извлечени од урнатините во одделни спасувачки операции, дури 152 часа по земјотресот.

Момчето било спасено откако рано утрово спасувачките екипи откриле дека под урнатините на осумкатницата има живо лице. Потоа го слушнале гласот на детето и ја забрзале спасувачката операција.

По операција која траела околу седум часа под урнатините, успеале да го спасат седумгодишното момче Хаџи Ахмет. Спасувачите славеле со голем ентузијазам откако момчето беше извлечено и спасено. Момчето по укажаната прва помош било пренесено во болница.

Девојката по име Рабија (22) била извлечена од под урнатините по осумчасовна спасувачка работа, по што била пренесена во болница.

Инаку, бројот на загинати од земјотресите постојано расте.

Повеќе од 86.000 луѓе беа евакуирани од подрачјата погодени од земјотресите во други делови на земјата. Два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала ги погодија во понеделник јужните делови на Турција, со епицентар во провинцијата Кахраманмараш.

Бројни спасувачки тимови сè уште посветено работат на операциите за пребарување и спасување на луѓето заробени во урнатините на зградите. Над 3 000 луѓе загинаа и во Сирија.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Вршеа ли работа маските?

Следно

Во Маџир Маало се предвидува изградба на 48 хотели и 50 згради, новиот ДУП е готов, се чека усвојување од Советот на општина Центар

Latest from Blog