Сомнежите за добитниците на тендерот за надзор го засенија договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д

6 mins read

Денеска Владата потпиша договор со „Бехтел и Енка“ за изградба на двата коридори, меѓутоа поголем интерес предизвикаа фирмите што се дел од конзорциумот кој претходно веќе потпиша договор за надзор на изградбата. Премиерот и првиот вицепремиер порачаа да не се лепат етикети и упатија замерки зошто за ваков историски проект како што е изградба за автопатиштата од коридорите 8 и 10-д главна тема е дали некој имал кривична пријава или не

Првиот тендер за надзор, пак, кој го доби хрватска фирма пропадна затоа што, како што денеска рече Груби, компанијата во меѓувреме ја купил руски олигарх, па сметките биле замрзнати во рамки на санкциите што ЕУ ги наметна кон руските банки

Проектот за коридорите 8 и 10-д предвидува изградба на 110 километри автопатишта, но тие досега не се проектирани ниту, пак, е направена експропријација. Тоа ќе се прави паралелно, односно допрва ќе се ангажираат проектантски фирми и ќе се проектира дел по дел

„Ептиса“ не е истата компанија како во 2020 година за која Владата донесе, па ја повлече одлуката да се ангажира во тендери над еден милион евра бидејќи ја сменила сопственичката структура. Ако некој има информации за нелегални активности на лицето Бранислав Димитријевиќ, кој е дел од сопственичката струката на „Евро консалтинг“, нека се обрати до обвинителството.

Ова се дел од пораките што во неколку наврати денеска ги испратија премиерот Димитар Ковачевски и првиот вицепремиер Артан Груби одговарајќи на многубројни новинарски прашања поврзани со договорот со конзорциумот „ИРД инженеринг“ за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10-д кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Ептиса“ е шпанска компанија, а „Евро консалтинг“ е домашна, исто како „Електра солушн“, кои се дел од конзорциумот што го предводи италијанската фирма ИРД, а со кој Владата потпиша договор за надзор на 2 февруари годинава. Меѓутоа, периодов за дел од овие фирми беа објавени повеќе новинарски истражува. Едно од нив беше на „Призма“ во кое се наведуваше дека споменатиот Бранислав Димитриевиќ, македонски државјанин, е под истрага во Ерменија за изградба на патна инфраструктура таму каде бил ангажиран во конзорциумот „Савеж-Ептиса“. Алсат ТВ, пак, објави дека за оваа фирма Владата донела одлука со која на сите државни институции и општини им забранила да ја ангажираат компанијата „Ептиса“ на тендери вредни над 1 милион евра поради незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на пругата Куманово – Белаковце. Одлуката била укината околу 10 недели подоцна.

„Цело време од прв ден кога сум дојден зборувам нешто како да се направи. Цело време од прв ден кога сум дојден се соочувам со кочници, цел ден опозицијата нешто блокира, цел ден вади лажни вести, се шири некаква хистерија и од проект во кој има 1,3 милијарди евра со обезбедено буџетско финансирање, со поддршка од САД, кај нас главна тема е дали некој некаде во некоја држава имал кривична пријава, па ако имал кривична пријава веднаш нека му се поднесе и тука кривична пријава па нека го провери обвинителството“,

им одговори со нервозен тон Ковачевски на новинарите денеска.

Груби, пак, побара новинарите да не етикетираат луѓе туку ако имаат некаква информација да ја достават до обвинителството.

„Ве молам да не лепите етикети затоа што ниту вие ниту ние сме истражни органи. Секој што има наоди може да ги претстави во јавното обвинителство, вклучувајќи ја тука и Владата“;

„Вие, и јавноста и опозицијата, обвинувате компанија Ептиса за тендер 2020 или па за надзор за вршење на работите во железницата и го поврзувате со надзорот во овој проект што се сосема различни работи. Згора на тоа ‘Ептиса’ има сменето сопственост, е сосема нова компанија, само брендот е останат ист заради референците кои ги има претходно. ‘Ептиса’ е спиечки партнер во конзорциумот што се предводи од ИРД со кого Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) има потпишано договор. Тоа е компанија која успешно работи повеќе години во Република Северна Македонија без ниту еден единствен скандал. Да не фрламе дамка врз еден таков инфраструктурен проект“,

беа дел од изјавите на првиот вицепремиер на денешната прес-конференција.

Новинарите беа упорни, па кога го прашаа дали знаеле дека еден од сопствениците на една од фирмите која ќе врши надзор е лицето Бранислав Димитриевиќ, Груби одговори:

„Госпоѓо, не знам што не е јасно. Јас сум вицепремиер во Владата. Постапката е водена од ЈПДП, како може јас да знам кога немам ниту една допирна точка со таа постапка“.

За тоа дали сега откако се знае дека станува збор за лице кое е гонето за криминал во врска со изградба на патишта во Ерменија, ќе се раскине договорот, Груби повторно им порача на новинарите да ги достават информациите во обвинителството, па тоа нека постапки ако имало нешто, но и потсети дека „Ептиса“ демантирала оти Димитриевиќ бил ангажиран од страна на компанијата во Ерменија.

Тој неколку пати повтори дека носител во овој конзорциум е ИРД која успешно работи повеќе години во Македонија и има успешни проекти зад себе.

Има траса за автопатиштата, но допрва ќе се проектираат и ќе се прави експропријација

За изградба на автопатиштата, на што сега ќе треба да врши надзор ИРД со трите фирми со кои е во конзорциум, Владата денеска потпиша договор со „Бехтел и Енка“. Конкретно станува збор за проект за изградба на коридорите 8 и 10-д кој тежи 1,3 милијарди евра, а рокот на изградба е до 2027 година. Тој опфаќа изградба на вкупно 110 километри автопат или конкретно по делници: Тетово-Гостивар над 17 км; Гостивар-Букојчани – 30,3 км; Требениште-Струга-Ќафасан 22 км; Прилеп-Битола 40 км.

Законитоста на постапката, вели премиерот, е регулирана во закон што го донесе Собранието и за кој гласаа сите пратеници, а бил потврден и од Уставниот суд. Дали го спровеле, вели тој, одговорни се институциите задолжени да ја спроведат постапката за избор на компаниите кои ќе ги градат автопатиштата и на оние кои ќе го вршат надзорот. Гаранција дека ова ќе се спроведе, пак, според Ковачевски, се референциите што ги имаат фирмите за досегашната работа.

„Врз основа на закон е предвидено сумата колку ќе чини овој автопат да биде дефинирана врз основа на експертско знаење кое го поседува фирмата консултант и надзор, тоа е ИРД, а државата одлучила преку Закон во Собранието дека фирма-изведувач ќе биде ’Бехтел‘ и нивниот партнер ’Енка‘. Во однос на гаранција, најголема се референциите кои компанијата ги има. Ако се возите на автопатот во Косово, кој е врвен, треба да знаете дека тој е изработен од страна на ’Бехтел‘. Ако се возите во Албанија посебно на најтешките делници, тие исто така се изработени од страна на ’Бехтел‘“,

рече Ковачевски наведувајќи примери и од Хрватска и од Србија.

Експропријацијата на земјиштето за автопатиштата што „Бехтел и Енка“ ќе ги гради во земјава сè уште не е направена туку тоа ќе се прави допрва, како што ќе се проектираат и трасите.

„Не е ни почната. Ова е нов модел на градење на автопатишта во Република Северна Македонија. ’Бехтел и Енка‘ ќе ангажира и проектанти каде и ќе проектира и ќе гради. Во моментот кога ќе се определи патниот коридор тогаш ние веќе сме спремни, имаме и координативно тело на ниво на Влада што побрзо да се изврши експропријација“,

изјави денеска директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми.

На дополнително прашање дали тоа значи дека автопатиштата не се ни проектирани, тој одговори:

„Ние ги имаме сите траси, истовремено имаме и повеќе информации и за тие коридори каде ќе поминат автопатиштата и во моментот, од денеска веќе имаме потпишано договор, веднаш ќе се ангажираат проектантски фирми и ќе се проектираат дел по дел. Досега кога работевме каде имавме проект па после реализација, ги имавме сите овие проблеми со градење на автопатиштата. Затоа градењето на Кичево-Охрид ни трае 10 години. Затоа ќе одиме со нова методологија каде и ќе проектираме и ќе градиме. ‘Бехтел’ ќе проектира и гради“,

рече Рустеми.

Првиот тендер за надзорот пропадна зашто една до фирмите ја купил руски олигарх, а парите биле замрзнати од ЕУ

Изборот на „ИРД инженеринг“ како конзорциум кој ќе го врши надзорот дојде во повторена постапка откако првата пропадна бидејќи оние што го добија тендерот не доставија банкарска гаранција.

Тогаш, тендерот го доби конзорциум предводен од хрватска ИГХ, а компанијата не доставила банкарска гаранција затоа што во меѓувреме била купена од руски олигарх, па сметките им биле блокирани во рамки на санкциите кои ЕУ ги наметна за Русија поради воената агресија врз Украина.

„Првата постапка за избор на надзор и консултант беше најрегуларна. Се елиминираше ‘Хил’ поради нецелосна документација. Втората беше ИГХ од Хрватска која го доби тендерот со најдобра понуда, целосно легитимна и признаена во Државна комисија за жалби по јавни набавки, но на крај се установи дека сите нивни средства се блокирани во руски банки затоа што во меѓувреме сменето е сопствеништво и руски олигарх го има откупено хрватски ИГХ. Затоа сите нивни финансиски средства беа блокирани како дел од санкциите на ЕУ кон руските банки и не успеаја да поднесат банкарска гаранција во рокот предвиден со закон. Со тоа беа апсолутно дисквалификувани веднаш и тука дознавме дека сите нивни средства имаат руско потекло и затоа не можеле да поднесат банкарска гаранција. И шуќур што се случи тоа, го повторивме тендерот и сега имаме светски признаена компанија ИРД, која врши надзор десетина година и во земјава“,

објасни денеска Груби.

Она што е интересно е што и пропаднатиот, и вториот успешен тендер за надзор сепак, имаат допирна точна. Имено, во првата постапка, дел од конзорциумот на ИГХ беше Институтот за патишта од Велес, фирма формирана со скромен паричен влог во 2021 во сопственост на Сотир Ампов.

Фирмата „Електра солушн“, пак, која е дел од конзорциумот на „ИРД инженеринг“ кој победи во вториот тендер, е во сопственост на Андон Ампов, син на Сотир Ампов.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Зеленски од Америка бара кластер бомби

Следно

Жените во земјите на ЕУ имаат помалку од една третина од пратеничките места, Македонија над европскиот просек

Latest from Blog