САД: Русите киднапираат деца од Украина и ги праќаат на превоспитување и посвојување во Русија

3 mins read

УНИЦЕФ предупредува дека „никогаш не треба да се посвојува за време или веднаш по трагични настани“ и дека за време на воените потреси, децата одвоени од родителите не можат да бидат прогласени за сираци, што Русија масовно го прави. ОН сметаат дека присилното префрлање на населението на друга земја во или надвор од нејзините граници е воено злосторство

Американските и европските влади тврдат дека Русите насилно ги носат децата од Украина во Русија, каде што се сместени во новоотворените политички кампови за превоспитување или се даваат на посвојување на руски семејства. Ова го потврди новиот извештај на истражителите од Универзитетот Јеил, пренесува Си-ен-ен.

Бројни извештаи на Западот на оваа тема го идентификуваа главниот одговорен за присилната депортација на децата. Станува збор за Марија Лавова-Белова, комесарка за правата на децата на Русија и „едно од најинволвираните лица во руската депортација и посвојување на украински деца, како и во употребата на кампови за ‘интеграција’ на украинските деца во руското општество и култура“, се наведува во извештајот на Опсерваторијата за конфликти на лабораторијата за хуманитарни истражувања Јеил.

Лавова-Белова, која Путин ја назначи за комесар во 2021 година, го отвори својот канал на Телеграм неколку дена по почетокот на руската инвазија на Украина. Заедно со фотографиите на руските моќници како што се самиот Путин и Сергеј Лавов, таа редовно објавува фотографии и видеа од бајковитиот живот што наводно им се нуди на украинските деца во Русија.

„До крајот на неделата, 108 сирачиња од Донецк кои добија руско државјанство ќе ги добијат своите родители“, напиша Лавова-Белова во објава на нејзиниот канал Телеграм минатиот јули. „Сурочка прва беше предадена на мајка си. Кога ја слушнав смеата на ова среќно дете, не можев да ги задржам солзите“.

Лавова-Белова редовно ја посетува окупирана Украина, а руската влада се фали дека лично придружувала авиони полни со деца од Украина. Путин ја овластил да користи неодредени „дополнителни мерки“ за да ги идентификува децата без родителска грижа во четири украински региони за кои Русија тврди дека ги припоила.

Лавова-Белова е санкционирана од повеќето западни земји поради нејзината наводна улога во киднапирањето деца.

„Напорите на Лавова-Белова вклучуваат принудно посвојување на украински деца во руски семејства, таканаречено ‘патриотско воспитување’ на украински деца, законски измени за забрзување на доделувањето државјанство на Руската Федерација на украинските деца и намерно земање на украински деца“,

објави американското Министерство за финансии во септември.

Неоправдано се прогласени за сираци

УНИЦЕФ предупредува дека „никогаш не треба да се посвојува за време или веднаш по трагични настани“ и дека за време на воените потреси, децата одвоени од родителите не можат да бидат прогласени за сираци, што Русија масовно го прави. ОН сметаат дека присилното префрлање на населението на друга земја во или надвор од нејзините граници е воено злосторство.

Русија ги опиша извештаите за присилното преселување како „апсурдни“ и рече дека „прави се што може“ за да ги задржи децата со нивните семејства.

Лавова-Белова досега организираше префрлање на стотици или дури илјадници украински деца од окупираните територии на Украина во земја која води војна против нивната татковина. Во Украина, пак, илјадници деца се сметаат за исчезнати.

Видеа од деца кои пристигнуваат од Украина го преплавуваат нејзиниот канал на Телеграм. Децата од источните украински региони ги пречекуваат нивните „нови семејства“ со балони со светли бои и плишани играчки. На децата најчесто им се менуваат имињата и им се даваат нови руски пасоши, пишува Франс прес.

Според Франс прес, тешко е да се одреди точниот број на деца, но се претпоставува дека се работи за илјадници. Лавова-Белова за овие дејствија користи зборови како „спасување“ наместо „депортација“ и „притвор“ наместо „посвојување“. Но, во реалноста, децата од сиропиталишта, болници, социјални центри или згрижувачки домови на окупираните територии на Украина им се нудат на руските семејства на сметка на руската држава.

Путин го олесни посвојувањето на украинските деца

Присилната масовна депортација на луѓе за време на конфликт е класифицирана како воено злосторство според меѓународното хуманитарно право. Во декември 2022 година, француското здружение „За Украина, за нивната и нашата слобода“ (Pour l’Ukraine, pour leur liberté et la nôtre) побара од Меѓународниот кривичен суд да ги истражи наводите за „геноцид“ во услови на депортација на украински деца.

Москва не се обиде да ја прикрие својата политика на депортирање деца. Отстранувањето на украинските деца од окупираните територии е составен дел од пропагандата на Кремљ и во согласност со „деукраинизацијата“ на која повика Путин, кој во мај 2022 година донесе закон со кој Русите полесно посвојуваат украински деца. Тоа, исто така, им отежна на украинските семејства да ги вратат своите киднапирани деца.

Во почетокот на декември, Украина тврдеше дека 13 000 деца биле депортирани во Русија, додавајќи дека ова веројатно не е целосна бројка.

Русија ги отфрли сите обвинувања

Руската амбасада во Вашингтон вчера ги отфрли како „апсурдни“ обвинувањата на САД дека украинските деца биле насилно преместени.

„Ги забележавме апсурдните изјави на портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс, кој ја обвини нашата земја за ‘насилно пренесување и депортирање на украински деца’ на територијата на Руската Федерација. Русија ги прифати децата кои со нивните семејства беа принудени да избегаат од гранатирање и злосторства од страна на вооружените сили на Украина. Правиме се за да ги задржиме малолетниците во нивните семејства, а во случај на отсуство или смрт на родители и роднини – да ги префрлиме децата без родители под старателство. Обезбедуваме заштита на нивните животи и придобивки“,

се вели во соопштението на амбасадата на Телеграм.

Амбасадата потоа го обвини Вашингтон, кој обезбеди воена помош за вооружените сили на Украина, за соучесништво во наводната смрт на деца во источна Украина окупирана од Русија.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Изречени казни за 162 возачи во Скопје

Следно

Земјотрес на Филипините, нема информации за жртви

Latest from Blog