САД: Полицајци застрелале момче што ја чистело куќата на починатата баба, мислеле дека е крадец

1 min read

Полицијата, пак, тврди дека застреланиот со комбе се движел кон полицајците кои излегле на терен откако добиле пријава за можна кражба

Момче на возраст од 28 години било смртно застрелано во Охајо (САД) од страна на полицијата додека, како што соопшти неговото семејство, ја чистело куќата на својата почината баба.

Дваесет и осумгодишниот Џо Фрејсур бил застрелан во понеделникот во градот Вајоминг во Охајо, а на раните им подлегнал вчера.

Од полицијата, пак, се огласија дека полицајците верувале дека 28-годишникот е крадец и дека возел со комбе кон нив.

Оттаму велат дека пристигнале на местото каде што се наоѓала куќата во понеделникот по полноќ откако добиле пријава за можна кражба. Тврдат дека виделе двајца мажи во задниот дел од објектот и дека застреланиот не одговарал на наредбите на полицајците туку се обидел да побегне со мини комбе.

Засега, според извештаите во медиумите, не е јасно дали момчето веќе било во комбето или влегло во возилото откако полицајците пристигнале.

„Со комбето тргна во рикверц со голема брзина. Откако удри во дрво, возилото потоа почна да се движи забрзано кон нашите полицајци“,

тврди началничката на полицијата во Вајоминг, Брук Брејни.

Според нејзината изјава, полицајците испукале четири куршуми од кои било погодено момчето, а потоа полицајците се обиделе и да го спасат.

Второто лице, пак, кое било со момчето, потоа беше идентификувано како таткото на Фрејсур.

Семејството ги оспорува полициските извештаи за инцидентот и бара да се објави снимката од камерите што ги носат полицајците. Тие вчера одржаа и прес-конференција пред полицијата во Вајоминг барајќи правда. Братот на загинатото момче тврди дека загинатиот бил застрелан во задниот дел од главата и дека тоа е сосема спротивно од тврдењата на полицијата.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Општина Бутел со брза реакција го дочека првиот овогодишен снег

Следно

Радев ќе ги претстави задачите и приоритетите на преодната бугарска влада

Latest from Blog