Остро интонирана реакција од Софија до Скопје: Понижувачи однос кон бугарскиот народ и Бугарија

2 mins read

По денешните настани околу чествувањето на роденденот на Гоце Делчев реакција објави бугарското МНР во која се вели дека денот ќе влезе во историјата како датум на кој македонските власти не дозволија оддавање почит за животот и делото на Делчев на бугарски државјани

Денешните постапки на властите во Северна Македонија нанесоа сериозна штета на процесот на враќање на довербата, пишува во реакцијата

Со длабоко жалење констатираме дека 4 февруари 2023 година ќе влезе во историјата како датум на кој властите во Северна Македонија, од крајно неубедливи причини и кршејќи ги претходно дадените гаранции, не дозволија оддавање почит за животот и делото на Делчев на бугарски државјани. Ова е дел од реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи по денешното чествување на денот на раѓањето на Гоце Делчев. Притоа, актуелниот однос на властите во Северна Македонија го дефинираат како понижувачки и неприфатлив кон бугарскиот народ и кон Република Бугарија.

„Ваквите акции ги оценуваме како неисполнување на заложбата да се обезбеди непречен пристап на сите добронамерни граѓани кои сакаат да му оддадат почит на споменот на големиот револуционер. Ова, заедно со немањето желба за заедничко полагање цвеќе од страна на делегациите на Бугарија и на Северна Македонија, претставува отстапување од воспоставените добри практики и ги нагризува напорите на Република Бугарија насочени кон зајакнување на добрососедството“,

пишува во реакцијата на бугарското МНР.

Оттаму велат дека денешните постапки на властите во Северна Македонија нанеле сериозна штета на процесот на враќање на довербата и посочуваат на чекорите на бугарскиот премиер Галаб Донев за кој велат дека во тешка ситуација иницирал процес на деескалација и на вицепремиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, за кого велат дека токму за таа цел го посетил Скопје на 30 јануари.

„Досегашните информации со кои располага Министерството за надворешни работи се дека на граничните премини од македонска страна бугарски државјани со часови не биле пропуштани на територијата на Северна Македонија со објаснување од техничка природа. Потоа, дел од бугарските државјани добија службено одбивање да влезат на територијата на нашата соседна земја, а други се вратија поради повеќечасовното чекање. Меѓу засегнатите со овие рестриктивни мерки има и новинари против кои се употребени основите на „закана по јавниот ред, националната безбедност, јавното здравје или меѓународните односи на Република Северна Македонија“. Има информации за насилство од страна на граничните власти на Северна Македонија. Во исто време, во Скопје беше направен крајно изненадувачки, но неуспешен обид да се ограничи големината на бугарската официјална делегација за време на нејзиното поклонение во црквата ‘Св. Спас’“,

реагира бугарското МНР.

Од бугарското МНР ја споделуваат информацијата дека министерот за надворешни работи Николај Милков остварил разговор со амбасадорката на Северна Македонија во Софија, Агнеза Руси, со барање за интервенција и враќање на слободата на движење.

„Во врска со објавите во медиумите за приведени бугарски државјани, Амбасадата на Република Бугарија во Скопје официјално се обрати до локалните власти со барање за дополнителни информации, иако таквите информации требаше веднаш да бидат испратени од властите во Северна Македонија. Се очекува да им се суди по брза постапка. Министерството за надворешни работи апелира до засегнатите бугарски државјани, кои добиле писмено одбивање да влезат на територијата на Северна Македонија, да ја достават оваа информација до Министерството за да ги преземе неопходните активности преку дипломатски канали и да ги информира нашите меѓународни партнери“,

стои во реакцијата.

Бугарското МНР порачува дека слободното движење на луѓето е еден од главните принципи на функционирањето на Европската Унија и дека тоа е конкретна мерка за зајакнување на добрососедските односи.

„За воспоставување добрососедски односи потребни се најмалку двајца искрени партнери. Сè потешко е да се препознае во однесувањето на властите во Скопје вистинска желба да се изгради потребната доверба, пријателство и соработка“,

оценуваат од бугарското МНР.

Оттаму нудат Бугарија да обезбеди техничка помош за непречено функционирање на граничниот премин, како што велат, ако е потребно.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Клоп по дебаклот со Вулс: Немам објаснување, немам зборови

Следно

(ВИДЕО) Соборен кинескиот балон што леташе над САД

Latest from Blog