МЕМОРИЈАТА НА ПОСТЗЕМЈОТРЕСНО СКОПЈЕ Е ДЕЛ ОД ТЕСТАМЕНТОТ НА ЛУБАРДА И МСУ, РЕЧЕ КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА

1 min read

Изложбата на Петар Лубарда е тестамент во кој е втисната меморијата на постземјотресно Скопје и на Музејот на современата уметност (МСУ), како синоними на светската солидарност, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Синоќа во полниот МСУ се отвори изложбата на Лубарда, најзначајниот уметник и еден од најистакнатите сликари на територијата на поранешна Југославија од втората половина на 20. век.

Изложбата се организира во годината кога се одбележуваат 60 години од скопскиот земјотрес и е заедничка соработка на министерствата за култура на Црна Гора и Македонија, амбасадата на Црна Гора и МСУ под покровителство на претседателот Стево Пендаровски. Во октомври 1963, Лубарда ги подарил сите 26 дела од неговата изложба во Ниш, подоцна изложени и во Скопје, со што тој станал, не само еден од првите, туку и меѓу најголемите дарители на МСУ – Скопје. Куратори на изложбата се Благоја Варошанец и Владимир Јанчевски. Соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и црногорската министерка за култура Маша Влаовиќ. (Фото: Министерство за култура)

„Ова не е само обична изложба, било кажано во октомври 1963 година на отворањето на големата изложба – подарок на 26 слики од Петар Лубарда, во тогашниот Дом на синдикатите во Скопје. И еве, по 60 години, можеме да кажеме дека и ова не е само една обична изложба. Сега, по долго време, сме со сите 52 подарени дела од големиот југословенски и светски уметник, Лубарда“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска, која ја отвори изложбата заедно со црногорската министерка за култура Маша Влаовиќ.

„Овој гест беше значаен и од аспект на формирањето на Музејот на современата уметност во Скопје, а може да се каже дека беше и иницијатива за создавање на оваа престижна институција, што особено нѐ радува. Врските меѓу нашите народи во поранешната држава беа силни и продуктивни, а сигурна сум дека тоа е случај и денес, за што сведочи и вечерашната изложба “, рече Влаовиќ.

Изложбата ќе биде отворена до 31 март.

Б. НЕСТОРОСКА

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

„МАМО ОДИ СПИЈ, ДОЦНА Е“: Последниот телефонски повик на исчезнатото 20-годишно момче во Лариса

Следно

Чавушоглу: „Мултилатерализмот е идеален одговор на променливиот глобален систем“

Latest from Blog