Македонската амбасадорка во Софија: Огромен е потенцијалот за Северна Македонија и Бугарија да бидат најблиски земји

1 min read

„Минатата година имавме историски високо ниво на трговска размена од над една милијарда евра. Прогнозите за оваа година се дека ќе успееме да го постигнеме истото ниво, а можеби и малку да го надминеме“, вели македонската амбасадорка

Историски високо ниво на трговска размена помеѓу Северна Македонија и Бугарија постигнавме минатата година, а годинава може и да ги надминеме бројките, бидејќи потенцијалот за мултисекторска соработка помеѓу двете држави е огромен, вели амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеса Руси-Поповска, во интервју за бугарската ТВ Нова.

Принтскрин: Агнеса Русти-Поповска, амбасадорка во Р. Бугарија
Принтскрин: Агнеса Руси-Поповска, амбасадорка во Р. Бугарија

„Би рекла дека потенцијалот за подинамична мултисекторска соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија е навистина огромен. Минатата година имавме историски високо ниво на трговска размена од над една милијарда евра. Прогнозите за оваа година се дека ќе успееме да го постигнеме истото ниво, а можеби и малку да го надминеме нивото на трговска размена што го постигнавме минатата година“,

вели македонската амбасадорка во интервјуто.

Амбасадорката забележува дека континуирани позитивни резултати има и во прекуграничната соработка.

„Коридорот 8 е стратешки проект меѓу нашите две земји, чија вредност во последно време се зголемува. Во Северна Македонија работиме на железничко поврзување и нашите очекувања се до крајот на 2027 година да имаме железничко поврзување до границата со Бугарија“,

изјави Руси-Поповска.

Според неа, двете држави може да бидат најблиски земји преку градење атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување, како што вели, со мудрост и такт.

Меѓу другото, македонската амбасадорка нагласува дека за нашата држава нема друга алтернатива освен европска интеграција и затоа е неопходно градење пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Скопје и Софија.

Таа додава дека во македонското општество има широк консензус за членството во ЕУ, како политички, така и меѓуетнички и тоа е така од независноста до денес.

„Северна Македонија е најстариот кандидат за членство во ЕУ од земјите од Западниот Балкан. Ние сме кандидатка од 2005 година, тоа се 18 години. Овие денови завршуваме со скрининг-процесот и тоа ни овозможува длабинско проучување на целата земја и проценка на степенот на усогласеност со стандардите на Европската Унија“,

рече Руси-Поповска.

Таа во интервјуто исто така наведува дека Северна Македонија, дури кога се споредува со земјите од регионот, не заостанува во однос на почитување и усогласеност со законодавството на ЕУ.

„Во моментов финализираме три многу важни патокази – за владеење на правото, за реформи во јавната администрација и за функционирање на демократските институции и секако се усогласуваме, го подготвуваме акцискиот план за малцинствата и во пракса се подготвуваме за отворањето на првиот кластер од преговарачкиот процес штом ги направиме уставните измени“,

вели Руси-Поповска во интервјуто за ТВ Нова.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Taравари бара сите да го поддржат Џафери за премиер

Следно

Променливо облачно, температурите до 10 степени

Latest from Blog