Какви пропусти најде Апелација кај Кривичен во пресудата за „Таргет-Тврдина“

January 18, 2023
5 mins read

Немало опис на кривичните дела на рочиштето кога се изрекувала пресуда, прифатени се различни бројки за збирниот број на телефонски броеви кои биле следени, а спорно е и како вештакот на Обвинителството утврдил која е вредноста на уништената опрема за следење на комуникациите, се дел од забелешките на апелациските судии

Нејасна и противречна е пресудата на Основниот кривичен суд Скопје за случајот „Таргет-Тврдина“ и како таква е неподобна да се испитува во однос на нејзината правилност и законитост.

Вака на почетокот од образложението на одлуката наведува скопскиот Апелациски суд зошто решил да ја укине првостепената пресуда и предметот да го врати на повторно судење. Одлуката да се укине пресудата за масовното прислушување во земјава и уништување на опремата за следење на комуникациите во УБК ја донесе совет на чело со судијата Јани Нича и со судија известител Енвер Беџети, како и судиите членови Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева.

Пресудата во првиот судски процес во Кривичен, пак, ја донесе судечки совет во кој прва судијка беше Џанета Бектовиќ, а во составот беа и Владимир Туфегџиќ и тројца поротници. Но, повторената постапка сега ќе се води пред нов совет на чело со судијата Илија Трпков бидејќи Бектовиќ повеќе не суди за организиран криминал и корупција туку е во одделот за кривично-полнолетни. Туфегџиќ, пак, повеќе не е судија туку адвокат. Наскоро се очекува да се закаже и првото рочиште.

Апелација, пак, за која Судскиот совет утврди дека од необјасниви причини поминал долг период од девет месеци (од одржување на јавна седница до носење одлука), сега бара од новиот совет во Кривичен да внимава на времето бидејќи може да дојде до застарување.

„При повторното постапување првостепениот суд особено да го има предвид и времето на сторување на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите со поднесениот обвинителен предлог и Кривичниот законик кој важел во тоа време бидејќи по изминувањето на определено време од извршувањето на кривичното дело, определено со законот како рок на застареност не може да се преземе кривично гонење против сторителот на кривичното дело, а ако е преземено и во законски определениот рок не дојде до правосилна судска одлука, постапката против сторителот ќе се запре, односно да води сметка за примената на материјално-правниот институт застареност на кривичното гонење“,

пишува во напатствијата од Апелација до Кривичен.

На изрекувањето на пресудата биле кажани само кривичните дела, а немало опис

Рочиште за „Таргет-Тврдина“ во Основниот кривичен суд Скопје / Фото: МИА (Архива)

Во образложението зошто пресудата е нејасна и противречна, апелациските судии наведуваат дека на рочиштето на кое беше објавена пресудата на 26 февруари 2021 година, судиите навеле само за кои кривични дела обвинетите се огласени за виновни и кои казни им се изречени, без да се внесе целосната изрека на пресудата, односно описот на кривичните дела за кои тие се прогласени за виновни, како и фактите и околностите што претставуваат обележја на тие дела.

„Поради ваквото постапување, првостепениот суд сторил суштествена повреда на наведените одредби од ЗКП од апсолутен карактер, што ја прави првостепената пресуда нејасна, противречна и неподобна да се испита во однос на нејзината правилност и законитост и која има за последица укинување во целост на првостепената пресуда“,

пишува во одлуката на Апелација.

Извадок од одлуката на Апелација

Според Апелација, не е прецизирано кои телефонски броеви се следени, но и каде се маркирани

Во понатамошниот дел од одлуката, Апелација забележува дека во пресудата од Кривичниот суд има противречности за тоа колку телефонски броеви се следени незаконски односно без судска наредба, како и периодот во кој тоа се случувало.

Сашо Мијалков со неговите адвокати, ексдиректорот на УБК со првостепената пресуда беше осуден на 12 години затвор / Фото: МИА (архива)

Така, според Апелација, од една страна првостепениот суд го прифатил прецизираното обвинение, што обвинителите го направија во завршните зборови, дека во периодот од 2008 до 31 декември 2015 година биле повредени правото на комуникација и на приватност на личниот и семеен живот на „над 4 614 корисници на телефонски броеви“ преку системите што ги поседувала УБК.

Оваа бројка произлегува како збир од три бројки кои во пресудата се поделени според системот преку кој биле следени и периодот кога тоа се случувало:

  • 232 телефонски броеви се следени во периодот од 1.1.2008 до 31.12.2008 кога се употребувал еден систем;
  • 4 021 телефонски број биле следени од крајот на 2008 до 21.1.2015 кога се употребувал втор систем;
  • 361 телефонски број се следени во периодот од 21.1.2015 до 31.12.2015 кога се употребувал трет систем.

Од друга страна, пак, наведува Апелација, на друго место во пресудата се наведува дека збирно од сите видови датотеки евидентирани се податоци за периодите од 31.3.2008 до 19.8.2013 и од 1.1.2014 до 16.12.2016 година, „при што преку мобилните оператори О.В. биле следени вкупно 6 741 телефонски броеви“.

„По оценка на овој суд очигледно е дека постои противречност помеѓу констатациите на вештото лице по однос на бројот на корисниците чии комуникации биле следени и временскиот период во кој истите биле следени, со оној што им се става на товар на обвинетите, односно време на сторување на кривичното дело според обвинението е периодот од 2008 до 31.12.2015 година, а вештото лице го опфатил и периодот до 16.12.2016 година, што е надвор од временскиот период што им се става на товар на обвинетите со поднесеното и на главна расправа прецизирано обвинение, а кој период е прифатен за утврден и од страна на првостепениот суд“,

забележува Апелација.

Во однос на маркирањето броеви за следење, според второстепениот суд, обвинетите основано се жалеле дека Кривичен не го прифатил извештајот на вештакот на одбраната во кој, меѓу другото, се споменува дека тоа не се правело само во УБК туку и во еден од мобилните оператори.

Со оглед на противречностите што ги има вештачењето на одбраната со тоа што го предложи Обвинителството, Апелација смета дека Кривичен не ги соочил вештачењата и не ги отстранил сите спорни прашања.

„Првостепениот суд не ги отстранил противречностите во наодите и мислењата на вештите лица при испитувањето во текот на главната расправа на сите спорни прашања по однос на дејствијата опишани во став II од изреката, на погоре наведените околности, се со цел за правилно утврдување на решителните факти во конкретниот предмет, по однос на незаконското следење на телефонските комуникации“,

пишува во одлуката на Апелација.

Не може да се утврдува вредност на опрема за прислушување преку цени на интернет, смета Апелација

Според второстепениот суд, спорно е уште едно вештачење, а тоа е во делот „Тврдина“ кој се однесува на уништената опрема за следење на комуникациите што, според теоријата на Обвинителството, било направено и за да се скријат докази.

За судиите е спорно што вештакот на Обвинителството ја утврдувал пазарната вредност на опремата по споредба на цени од интернет-страници и компарација на слични или исти делови од машините, иако ваков тип опрема не може да се најде на слободниот пазар туку се купува во договор помеѓу производителот и државата.

Исто така, Апелација забележува дека има и контрадикторно вештачење од одбраната, па Кривичен не ги соочил двете туку му поклонил верба само на тоа од Обвинителството.

„Првостепениот суд во текот на постапката извел две вештачења и притоа не дал образложени причини зошто не го прифатил едното вештачење и во таа насока со оглед дека постои контрадикторност помеѓу двете вештачења преку распит на вештите лица не извршил усогласување по однос на основот и вредноста на уништената опрема, а од друга страна прифатил дека сите вешти лица се едногласни дека сметководствената вредност на опремата изнесува еден денар, што дополнително ја прави пресудата нејасна и неразбирлива“,

пишува Апелација.

Враќањето на „Таргет-Тврдина“ на повторно судење веројатно ќе значи дека ќе помине уште еден долг период додека се дојде до нова првостепена пресуда. Првиот судски процес започна во декември 2017 година, а пресудата беше донесена по повеќе од три години односно во февруари 2021 година. Одлуката за нејзино укинување од Апелација, пак, беше донесена во декември 2022 година.

Од првото судско рочиште во Кривичен, до неправосилната пресуда, а потоа и до одлуката на Апелација беа потребни пет години.

Застарување на дел од делата, меѓу кои и за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, ќе има во 2025 година, што значи за да не дојде до тоа дотогаш треба да заврши судењето пред Кривичен, а за евентуалните жалби потоа да се произнесе и Апелација.

Со пресудата која сега е укината Мијалков доби единствена затворска казна од 12 години затвор за три кривични дела: злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и примање награда за противзаконито влијание. Во меѓувреме, едно од делата (примање награда за противзаконито влијание) застаре, па сега тој ќе се гони само за останатите две.

Ексминистерката Гордана Јанкулоска со првостепената пресуда бвеше осудена на четири години затвор / Фото: МИА (архива)

На затворска казна од четири години беше осудена поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Највисоки казни од по 15 години затвор добија двајцата избегани контраразузнавачи од т.н. Петта управа на тогашната УБК, Никола Бошковски и Горан Грујовски, на кои им се судеше во отсуство откако избегаа во Грција.

Во случајот беа обвинети вкупно 11 лица, кои со првостепената пресуда беа осудени на вкупно 55 години затвор и 10 години условен затвор.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Зеленски ја користи маглата од војната за да ја приватизира Украина

Следно

Тепачка меѓу две жени во двор од семејна куќа во Гази Баба

Latest from Blog

Не доби Нобелова, но пранкерите го прогласија Заев за „херој на нивните шеги“ и најступиден политичар

Можеби не успеја да добие Нобелова награда, но признанијата за поранешниот македонски премиер, екс претседател на СДСМ и сива еминенција во сегашната гарнитура не престануваат. Дојде уште едно признание за Зоран Заев,

Резервите на злато на Албанија со највисока вредност во историјата

Резервите на злато во Централна банка на Албанија достигнаа вредност од 277,71 милиони евра, што претставува највисока вредност во текот на нејзината историја. Според официјалните податоци на Банката вкупната вредност во текот

Шеесет и деветгодиша жена починала, а малолетник е пренесен во Ургентен центар по пад од зграда во Кисела Вода

Шеесет и деветгодиша жена починала, а малолетник е пренесен во Ургентен центар, откако вчера паднале од зграда во Општина Кисела Вода. Како што соопштија од МВР, вчера во 19:40 часот во СВР
Go toTop