Ѓукановиќ или Милатовиќ – утре Црна Гора избира претседател

2 mins read

Кампањата во пресрет на вториот круг од изборите се одвива со малку поостар тон во однос на оној во пресрет на првиот круг, но за разлика од претходниот, во овој нема никакви инциденти

Во Црна Гора утре се одржува вториот круг од претседателските избори, а во финалната трка се актуелниот шеф на државата и кандидат на ДПС, Мило Ѓукановиќ и кандидатот на движењето „Европа сега“ (ПЕС), Јаков Милатовиќ.

Во првиот изборен круг Ѓукановиќ освои 119 673 гласови (35,37 отсто), а Милатовиќ 97 858 гласови (28,92 отсто) од гласачите кои излегоа на гласање. Излезноста беше 64,06 отсто.

Право на глас во вториот круг од изборите за претседател на Црна Гора имаат исто толку избирачи запишани во избирачкиот список, што беше затворен на 8 март пред првиот изборен круг – 542 154 граѓани.

Мандатот на претседателот е пет години.

Кандидатите за претседател на Црна Гора – Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ

Кампањата во пресрет на вториот круг од изборите се одвива со малку поостар тон во однос на оној во пресрет на првиот круг, но за разлика од претходниот, во овој нема никакви инциденти.

Ако обеди, ова ќе биде трет мандат на Ѓукановиќ (61) како претседател на Црна Гора. Тој уште од изборната ноќ по првиот изборен круг изјави дека е апсолутно убеден во својата победа и смета дека никој не му е рамен, а на граѓаните им вети подобар стандард на реални основи, зачувување на граѓанската држава и членство во ЕУ во следните пет години.

Добар дел од говорите на Ѓукановиќ во кампањата му беа посветени на Србија, нејзиното наводно влијание врз сето тоа што се случува во Црна Гора со цел нејзино дестабилизирање, ширењето на таканаречениот „српски свет“ и обидите, како што рече, да владее со земјите од регионот – Црна Гора, БиХ, Северна Македонија и Косово.

И кандидатот на ПЕС, Јаков Милатовиќ (36), како и Ѓукановиќ, е економист. Тој беше министер за економски развој во владата на Здравко Кривокапиќ, кога всушност и почна да се занимава со политика, односно по 30 август 2020 година, кога коалицијата на партиите на власт во Црна Гора за првпат ја победија ДПС на Ѓукановиќ и ја испратија во опозиција.

Изборната вечер по првиот изборен круг, тој рече дека претседателските избори биле пресвртница и дека во вториот круг Ѓукановиќ ќе биде испратен во политичка пензија. Тој во кампањата ги праша граѓаните „дали сакаат уште пет години со Мило“. Тој им вети излез од темнината на режимот на Ѓукановиќ, борба против криминалот и корупцијата и просперитет на Црна Гора.

Додека Ѓукановиќ во вториот круг смета на гласовите од дијаспората, Милатовиќ во отворено писмо ѝ порача на дијаспората дека треба да гласаат, но да ги имаат предвид причините кои ги принудиле да ја напуштат Црна Гора за време на владеењето на Ѓукановиќ.

За разлика од Ѓукановиќ, тој сака да развие најдобри соседски односи со Србија. Отворено ја поддржува иницијативата Отворен Балкан, доколку, како што вели, таа ќе овозможи железничката линија Белград-Бар, со која неговите родители често одат за да ги посетат роднините, да функционира без повеќечасовни застои во Бијело Поље и Пријепоље.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Шојгу: Русија го зголеми производството на високопрецизно оружје

Следно

ВМФЛ: Вардар се распука со Саса, сигурни и другите водечки екипи

Latest from Blog