Ги охрабрувам да бидат конструктивни, дијалогот значи и отстапки, вели Ковачевски за средбата Курти – Вучиќ

1 min read

Сакам јасно да порачам дека ние сме политичари кои носат тешки, но државнички одлуки. Никому не му е лесно во вакви ситуации, бидејќи дијалогот значи и отстапки, но знаеме дека тие одлуки се за подобра иднина, изјави премиерот Димитар Ковачевски од Охрид

По одделните билатерални средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и со косовскиот премиер Албин Курти, премиерот Димитар Ковачевски вели дека посакува успешен исход од дијалогот меѓу двете земји со посредство на Европската Унија, кој е во тек во Охрид.

Тој смета дека дијалогот е единствена алатка за консолидација на регионот и за европската интеграција на двете земји. Кажа и дека предлогот на Европската Унија да ги нормализира односите на Србија и Косово ќе придонесе кон севкупна стабилност.

„Лично ги охрабрувам страните да бидат конструктивни и да имаат продуктивен ден“,

рече Ковачевски.

Премиерот во неколку наврати посочи дека Северна Македонија неслучајно е избрана за земја домаќин на дијалогот. Ова, според него, се должи на тоа што земјата е препознаена како почитуван партнер на меѓународната заедница и фактор на стабилност во регионот. Потврда за нашиот европски дух се потпишувањето на Охридскиот, Преспанскиот договор, како и Договорот за доброседство, смета тој.

„Нашата стратешка цел е влез во ЕУ заедно со сите соседи. Местото на Западен Балкан е во ЕУ, особено во услови на геополитички превирања, длабока поделеност на светот и воена агресија на европскиот континент. Сите се залагаме за подобра иднина за целиот Западен Балкан, каде конфликтите и несогласувањата ќе останат во минатото. Сакам јасно да порачам дека ние сме политичари кои носат тешки, но државнички одлуки. Никому не му е лесно во вакви ситуации, бидејќи дијалогот значи и отстапки, но знаеме дека тие одлуки се за подобра иднина“,

кажа Ковачевски.

На средбата Вучиќ–Курти, со посредство на Борел, се очекува да се разговара за анексот на предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој се однесува на имплементација на договорот што начелно беше одобрен од двете страни.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Балетска претстава „Пепелашка“ во НОБ

Следно

Стефковски во посета на црквата „Св. 40 маченици“ на Смилковско езеро

Latest from Blog