Борн: Нема преговори за старосната граница за пензионирање

1 min read

Француската премиерка Елизабет Борн денеска изјави дека планот на Владата за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години „повеќе не е предмет на преговори“.

Како што пренесуваат агенциите, изјавата на премиерката дополнително ги „налути“ противниците и синдикатите кои планираат нови масовни протести и штрајкови оваа недела.

Зголемувањето на старосната граница за пензионирање е дел од поширокиот закон што го спроведува францускиот претседател Емануел Макрон во неговиот втор мандат.

Нацрт-законот наиде на широк отпор во јавноста, така што повеќе од милион луѓе протестираа против него на почетокот на овој месец, а незадоволството е поттикнато и од тоа што не е јасно што тој ќе им донесе на француските работници.

Борн рече дека за возраста за пензионирање „повеќе не може да се преговара“ и дека пензионирањето ќе биде на 64 години, а продолжувањето на бројот на години потребни за да се заработи целосна пензија е „компромис предложен по разговорите со работодавачите и синдикатите“.

По нејзината изјава, нагло се зголеми бројот на потписи на онлајн петиција на синдикатот кој се бори против планот за пензионирање.

Пратеникот Мануел Бомпард, чија партија „Непокорена Франција“ го предводи парламентарниот притисок против реформите, повика на „најголем можен одѕив“ на претстојните штрајкови и протести.

ИЗВОР: kurir.mk

Претходно

Вучевиќ: Македонија и Албанија имаат нула поени, а сторија се за ЕУ – тоа е голема неправда и обесхрабрувачки за сите нас

Следно

Ќучук: Има надворешни фактори кои не сакаат Бугарија и Македонија да имаат добри односи

Latest from Blog