Автопатите ќе чинат над 2 милијарди евра и ќе се градат 10 години, тврди врвот на ВМРО-ДПМНЕ

4 mins read

Земјава веќе има прифатено над 300 милиони евра обврски кон „Бехтел и Енка“, без да се закова шајка, тврди врвот на најголемата опозициска партија, според договорот меѓу Владата и градежната компанија, кој партијата го добила од „свиркач“

И покрај изнесените обвинувања за криминал во изградбата на автопатите, на прашањето дали ќе го поништат или спроведат договорот со „Бехтел и Енка“, од партијата велат: „Помалку лошо е да се изгради“

Салата на првиот кат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ е локацијата на која денеска се собраа дваесетина новинари на покана на опозициската партија. Домаќини им беа претседателот на партијата Христијан Мицкоски, еден од потпретседателите Владо Мисајловски и уште неколку други партиски кадри.

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Повод за настанот формално наречен „брифинг“, што во новинарскиот речник значи разговор без снимање и/или цитирање без да се наведе изворот по име и презиме, беа две теми. Но, во часот и половина, колку што траеше брифингот, речиси ексклузивно се разговараше само за една од темите – договорот со „Бехтел и Енка“

300 милиони евра пред да се закова и шајка

На еден сличен ваков „брифинг“, но во Министерството за политички систем, новинарите, а со тоа и јавноста дознаа дека договорот за изградба на делници од коридорите 8 и 10-д меѓу Владата и „Бехтел и Енка“, кој е тежок 1,3 милијарда евра, ќе остане таен. На тој брифинг, чиј домаќин беше првиот заменик на премиерот Артан Груби, јавноста дозна и дека сумата од 1,3 милијарда евра важи ако власта смени неколку закони со кои би се забрзале работите на автопатите. Во спротивно, цената ќе расте.

На денешниот брифинг на ВМРО-ДПМНЕ, функционери на партијата споделија детали за тајниот договор, согласно копијата што тие ја обезбедиле од „сврикач“. Новинарите немаа можност физички да го разгледаат документот ниту да видат делови, но усно беа цитирани страници и поглавја од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ.

Од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“

Првиот заклучок што беше презентиран пред новинарите е дека Владата, како потписник, веќе е обврзана да ѝ исплати 300 милиони евра на компанијата „Бехтел и Енка“, уште „пред да се закова и една шајка“. Математиката, според ВМРО-ДПМНЕ, е следна:

  • 50 милиони евра, согласно договорот, треба да се исплатат како аванс, најдоцна 45 дена по ефективноста на договорот (8 март 2023 е датумот од кога договорот е ефективен);
  • 117 милиони евра, треба да се исплатат за подготовка на градилиштето (87 милиони евра за 15 дена а останатите 40 милиони евра за 45 дена од ефективноста на договорот);
  • 5,84 милиони евра, трошок за првите два месеци од договорот кој е наречен Capital Investment Cost и кој чини 2 920 000 евра за секој месец, се до крајот на договорот;
  • 53 милиони евра, пенали/трошок за неносење (навремено) на измените за Законот за работни односи со кои ќе се тргнеше ограничувањето за најмногу 8 часа дополнителна работа неделно, односно да се прошири сегашната граница на 40 редовни + 8 дополнителни = 48 работни часови неделно;
  • 79,4 милиони евра, дополнителна сума која ќе се плаќа секој месец во износи од по 1,26 милиони евра се до завршувањето на договорот за Capital Investment Cost, поради неносење (навремено) на измените на Законот за работни односи;
  • 0,9 милиони евра (900 000 евра), за непредвидени трошоци поради неносење на измени на законот за работни односи – ставка која ќе се плаќа само до моментот додека не се донесат измените.

Од раководството на партијата пресметале дека, согласно споменатите услови, веќе се поминати и роковите за носење на законските измени на Законот за работни односи и роковите во кои државата требала да ги исплати голем дел од гореспоменатите трошоци, без разлика на законските измени (како авансот, подготовка на градилиште, Capital Investment Cost за два месеци). Но, дали исплатите се и реално направени, од партијата кажаа дека немаат и не би можеле да имаат информација.

Колку доживотни казни треба да се пресудат?

Прифаќањето на договор кој предвидува да се земе обврска за исплата на 300 милиони евра без да се закова шајка, според опозицијата, е криминал. Особено што, како што кажаа домаќините, Владата прифатила при евентуален спор пред Арбитражниот суд во Париз да важи правото на Англија и Велс, односно на земјата на потекло на изведувачот, а не на земјата во која се изведуваат работите, што било вообичаена пракса.

Згора на сè, тврдеа од ВМРО-ДПМНЕ, во првично договорената сума од 1,3 милијарда евра не се внесени сите трошоци за изградба на автопатите. За вкупно 91 ставка имало пресметан трошок, но за десетици други имало впишано само TBD, што е кратенка на англиски јазик со значење „ќе се одлучи (во иднина)“ (To be decided). Меѓу ставките за кои нема трошок се:

  • Трошок за преместување на далноводи на МЕПСО;
  • Заштита од звук;
  • Систем за управување на сообраќајот;
  • Наплатни рампи;
  • Електрификација на автопати;
  • Осветлување на автопати и тунели;
  • Вентилација и ПП заштита на тунели и друго.

Имајќи го предвид сето кажано, од опозициската партија со подбивање упатија прашање пред новинарите – колку доживотни казни ќе треба да се досудат? Се разбира, прашањето беше упатено до вицепремиерот Артан Груби кој вчера изјави: „Ако се проневери и еден денар, да скапеме во доживотен затвор“.

Автопатот ќе чини над 2 милијарди евра

Трошоците што не се пресметани во договорот со „Бехтел и Енка“, според проценките на ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја кренат цената на изведбата за околу една третина или грубо за околу 430 милиони евра. Опозицијата на тоа ја додава и очекуваната цена за експропријација на земјиштето за автопатот од 300 до 350 милиони евра. Сè заедно, вели раководството на ВМРО-ДПМНЕ, автопатските делници ќе чинат над 2 милијарди евра.

Времето на градба, пак, очекуваат да биде околу 10 години, односно двојно повеќе од предвиденото. Причината, велат, е што во договорот се предвидени нереални рокови. За пример, договорено е експропријацијата на земјиште за автопатот Тетово-Гостивар да почне на 17 јуни, а да заврши на 1 август, односно за месец и половина.

Одредени ставки се преплатени и по четирипати

Како доказ дека автопатот е преплатен, од партијата презентираа неколку споредби – дека одредени ставки во договорот со „Бехтел и Енка“ чинат и неколкупати повеќе отколку на други автопати во земјава кои се градат во моментов. За пример – трошокот за површински ископ и транспорт.

Изградба на автопат Скопје – Блаце

Во договорот со „Бехтел и Енка“, според ВМРО-ДПМНЕ, е предвидена цена од 5,36 евра за кубен метар за оваа услуга, ако ископаното се одлага во радиус од 3 километри од ископот. Истата услуга за автопатот Скопје-Блаце, според ВМРО-ДПМНЕ, чини 2,33 евра по кубен метар и тоа за релација на одлагање до 15 километри.

„А станува збор за милиони кубни метри“,

велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, за ВМРО е подобро да се гради

По заокружувањето на делот што политичарите сакаа да го искомуницираат кон новинарите, дојде делот каде што новинарите ги прашуваат политичарите. Освен барањата за техничките дообјаснувања, првата тема која доби повеќе внимание беше – зошто ВМРО-ДПМНЕ дури сега е против договорот со „Бехтел и Енка“. Специјалниот закон, впрочем, беше изгласан уште во летото 2021 година.

Од партијата беа децидни дека никогаш не го поддржале законот и дека на ја напуштиле седницата кога тој се гласал. Дел од новинарите, пак, потсетуваа на изјави на политичари од власта дека без ВМРО-ДПМНЕ немало да има кворум да се донесе законот.

Следното големо прашање беше – што ќе прави ВМРО-ДПМНЕ ако дојде на власт? Дали ќе го раскине договорот кој го презентираше како исклучително штетен или ќе продолжи со реализација. Одговорот беше:

„Помалку лошо е да се изгради, ама (ќе се погрижиме н.з.) да се изгради како што треба“,

изјави еден од високите партиски функционери

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

279 лаги, за само една тема, од само еден медиум

Следно

Телефонски разговор меѓу Зеленски и Ѓинпинг – прв од почетокот на руската агресија врз Украина  

Latest from Blog