Закон како поттик да се студира македонски јазик

5 mins read

Национална стратегија за употреба на македонскиот јазик, задолжително вработување лектори во сите државни институции, училишта, издавачки куќи и медиуми, формирање самостоен Инспекторат кој ќе ја надгледува примената на јазикот, се само дел од точките кои ги содржи новиот закон за употреба на македонскиот јазик, донесен на почетокот на годинава.

Претходниот закон беше донесен уште во 1998 година, а на новиот се работеше во последните шест години. Од Министерството за култура, коишто и беа предлагачи на законот, сметаат дека тој ќе помогне да се зачува автентичноста на македонскиот јазик, но и дека тој претставува „голем чекор кон мотивирање на младите за изучување на јазикот“.

Од друга страна, иако македонистите го поздравуваат носењето на законот, посочуваат дека голем проблем е што се помалку луѓе во својот говор користат македонски стандарден јазик.

„Законското решение нема да обезбеди правилна употреба на македонскиот јазик без активни говорители. Главниот проблем е што имаме се помалку активни говорители на јазикот“, смета професорката Елка Јачева-Улчар.

Таа нагласува дека од законот ќе има повеќе бенифити, но нема да допринесе кон зголемена правилна употреба на македонскиот јазик.

„Се осипува земјата и практично тука закон многу не може да помогне. Може да помогне во смисла да се мотивираат учениците да се запишуваат на студиите по македонски, можеби ќе помогне и во тоа да се казнуваат оние што нема да го спроведуваат законот во смисла на лекторирање и така натаму, но без говорители, законот не помага за да се зголеми неговата употреба“, нагласува Улчар.

Пред неколку години разговаравме со експерти дали скролај, бустирај, шерувај… и сите изрази кои ни ги донесе интернетот го загрозуваат македонскиот литературен јазик?

И натаму се помалку студенти пројавуваат интерес да се запишат на катедрите за македонски јазик на Универзитетите.

Според податоците на Државниот завод за статистика, на студиите на кои се изучува македонскиот јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ за академската 2023/24 година се запишале само 16 студенти – 8 од нив на отсекот за македонски јазик, а 8 на отсекот за изучување на македонска книжевност.

Не секој македонист може да биде лектор

Согласно одредбите од новиот закон пак, сите државни институции, училишта и медиуми ќе бидат обврзани да вработат лиценцирани лектори.

„Интересот за студирање на македонски јазик е мал и станува се помал и помал низ годините, така што, вака во законскиот текст убаво звучи тоа дека сите издавачки куќи, институции и медиуми ќе треба да вработат лектор, но дали тие лектори ќе ги има, тоа е веќе друго прашање, затоа што во пракса е можно и да ги нема“, вели за РСЕ Татјана Ефтимоска, лектор и професор по македонски јазик.

Клучниот проблем за недостигот на лектори Ефтимоска го гледа и во тоа што за да се биде лектор постојат одредени услови кои не секој кој работи во оваа област ги исполнува.

Според последните ажурирања во регистарот на Министерството за култура на лиценцирани лектори, од 2018 година па досега, во Северна Македонија вкупно се издадени 50 лиценци. Затоа македонистите се сомневаат дека таа бројка е доволна за да се исполнат одредбите од законот.

Предуслов за полагање лекторски испит се завршени студии по македонски јазик или македонска книжевност.

„Работата е што од една страна со тој закон се бара вработување на лектори, а од друга страна лекторскиот испит смеат да го полагаат само тие што завршиле факултет за македонски јазик. Значи, дури и некој долго време да бил во јазичната практика, а нема македонистички студии, нема да може да полага лекторски испит без разлика колку и да е искусен во лекторирање и средување јазични текстови“, додава Ефтимоска.

Сепак таа верува дека токму новиот закон со кој се гарантира задолжително вработување на лектори, би требало да претставува мотивација повеќе за учениците да се запишат на студии за македонски јазик.

Стипендирањето мотивација плус

Токму поради недостигот на македонисти, се предвидува стипендирање како стимул за идните студенти.

„Министерството за образование и наука во мај во тековната година распишува конкурс за стипендирање ученици од IV година од средното образование заради стимулирање на учениците за запишување на универзитетите за изучување на македонскиот јазик. Во текот на една година може да се доделат најмалку 10, а најмногу 20 стипендии“, се вели во новиот закон.

Во законот се предвидени и стипендии за магистерски студии и за докторски студии.

Ова пак, според Елка Јачева-Улчар, професорка и советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, може да претставува добра пракса.

„Општо во Македонија многу малку луѓе остануваат да студираат, особено е тоа предизвикано со овој билатерален договор што го имаме со Словенија. Преплавена е Словенија од студенти од Македонија. Затоа, оваа одредба во законот на некој начин е поттик дека со стипендирањето и по завршувањето на студиите тие ќе останат овде и ќе им биде обезбедено вработување“, вели Јачева -Улчар.

Инспекторат ќе се формира по изборите

Досега постоеше еден инспекторат, но тој инспекторат беше со многу широки овластувања, практично со лоши овластувања, бидејќи за се што е во врска со културата, дали некој манастир треба да се обновува или не, но вклучително и за јазикот, тој инспекторат требаше да реагира. Ова сега пак ќе биде типичен Инспекторат за јазик кој ќе има една задача – примена на македонскиот стандарден јазик и мислам дека во таа смисла ќе биде поефикасен, вели Људмил Спасов, универзитетски професор и претседател на владиниот Совет за македонски јазик кој работеше на ова законско решение.

Новиот Инспекторат предвиден со овој закон ќе дејствува самостојно, а не во рамките на Министерството за култура како што тоа беше случај досега.

Сепак, и покрај тоа што сега станува збор за независно тело, претседателот на инспекторатот како и неговите членови ќе ги бира токму Министерството за култура.

Вработувањата, како што објаснува Спасов, сепак ќе мора да почекаат, односно ќе се случат по изборните процеси во земјава оваа пролет.

Со тоа што овој инспекторат сега ќе има потесни ингеренции, односно ќе ја регулира само правилната употреба на јазикот, Спасов верува дека тој и во пракса би требало да биде поефикасен.

„Овде треба да се вработат стручни лица, знаете како е кај нас, но се надевам дека тоа ќе се изврши, сепак тоа зависи од самата државна институција, во случајот тоа е Министерството за култура, дали и како тоа ќе го спроведе“, додаде Спасов.

Казни и до 3.000 евра за неправилна употреба на македонскиот јазик

За секоја институција или медиум кој нема да ги спроведува одредбите од законот, односно кога нема да се почитува правилната употреба на македонскиот јазик, предвидени се и казни кои ќе треба да им ги врачуваат самите инспектори.

Па така, за нелекторирани магистерски и научни трудови, текстови на државни институции, акти, рекламни материјали, предвидени се казни од 1.500 до 3.000 евра.

Парични казни од 1.500 до 3.000 евра ќе следуваат и доколку институцијата, издавачката куќа или медиумот кој нема да вработи лектор.

Казни од 750 до 1.500 евра во денарска противвредност се предвидени и ако правното лице не го употребува македонскиот стандарден јазик или објави нелекториран службен документ или текст.

Сепак слични казни се предвидуваа и во законскиот текст од 1998 година, но на терен инспекторите се соочуваа со отпор, потенцира професорката Јачева-Улчар.

„Знам дека на самиот терен, инспекторите кои работеа досега, многу се жалеа затоа што немаа услови за инспекторирање и честопати наидувале на голем отпор, особено во турска чаршија. Тогаш тие се жалеа дека инспекторирале на ниво на цела Македонија со едно југо 45 коешто било раскапано и не можеле да стигнат од дестинација до дестинација“, вели Улчар.

Сепак, и таа како и останатите македонисти кои ги контактиравме вели дека овој инспекторат може да биде поинаков, бидејќи е посебно, независно тело, но за тоа да се случи ќе треба да се променат некои работи.

За тоа како ќе се организира работата овој инспекторат конкретно на терен и во какви услови овојпат ќе вршат контроли, упативме прашања и до Министерството за култура, но оттаму до објавување на текстот не ни одговорија.

Извор: Радио Слободна Европа

Претходно

Турските сили неутрализираа петмина терористи на ПКК во Северен Ирак

Следно

Приоритет на НАТО во Албанија е премин од бавно кон високо производство на муниција, за потребите на војната во Украина

Latest from Blog