Забелешките на ЕК за правосудството треба да го вклучат алармот, велат ексминистерката Дескоска и дел од невладините

5 mins read

Бидете свесни дека во оваа област „битката за ситни политички поени“ собрани преку јавни препукувања и надмудрувања може да биде фатална (како што и веќе се покажува дека е) и соберете ги сите интелектуални капацитети за да се најде излез од оваа ситуација. Граѓаните го очекуваат тоа, пишува Дескоска

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија, она што е најбитно е дека се констатира непостоење на напредок во она што е најважно за нашето општество, а тоа се реформите во владеење на правото

Во овогодишниот извештај за Северна Македонија, наведува Симонида Кацарска од Институтот за европски политики, добар напредок Комисијата утврдува во поглавјата статистика, слободно движење на капитал и заедничката надворешна политика на ЕУ. Но, посочува таа понатаму, немаме поместување во оценките за подготвеноста за преземање на обврските за членство

Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија, што беше објавен вчера, и денеска наидува на реакции од професори и политички аналитичари. Тие особено се осврнуваат на делот за судството каде што ЕК нотира дека земјава нема постигнато никаков напредок.

Во извештајот, меѓу другото, Комисијата го оценува како контроверзно разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, се посочува дека доцни и усвојувањето на новата стратегија за реформи во судството, како и дека не е постигнат напредок ниту во областа на превенција и борба против корупцијата. 

Одредено ниво на подготовка и напредок, според Европската комисија, земјава постигнала во борбата против организираниот криминал и одржува добро ниво на соработка со земјите членки на ЕУ, земјите од регионот, Европол и Европравда.

Дескоска: Оставете ги суетите настрана

Извештајот на Европската Унија за напредокот на секоја земја кандидат за членство е „свидетелство“ со оценки за институциите, пишува поранешната министерка за правда Рената Дескоска во денешниот статус на нејзиниот фејсбук-профил.

Дескоска се осврнува на делот од извештајот кој се однесува на судството и каде што се вели дека нема напредок. Сега, како што пишува таа, наместо префрлање одговорност и негирање на реалноста, треба суетите да се остават на страна.

„Бидете свесни дека во оваа област ’битката за ситни политички поени’ собрани преку јавни препукувања и надмудрувања може да биде фатална (како што и веќе се покажува дека е) и соберете ги сите интелектуални капацитети за да се најде излез од оваа ситуација. Граѓаните го очекуваат тоа“,

додава таа.

Делот на извештајот за судството, како што пишува Дескоска, во најголем дел е оценка за работата на Министерството за правда и Судскиот совет во изминатата година.

„А таа оценка, никој немаме дилеми дека е објективна. Таа најреално зборува за нашите успеси и неуспеси, а не како ние се гледаме во огледало или како нашите претходници, следбеници или политички конкуренти нè гледаат или оценуваат нас“,

пишува Дескоска.

Дескоска, која е и редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, во својот статус ги споредува извештаите од 2019 година до денес и вели дека посакува секој нареден извештај да е подобар од претходниот, или барем да покажува дека има одреден напредок, дека нема застој во реформите и дека одиме напред.

За жал, како што вели Дескоска, тоа не е случај во делот на судството.

Ако ги споредиме извештаите од 2019 година до денес, можеме да ги прочитаме следните оценки за реформите во судството:

  • 2019 година – добар напредок
  • 2020 година – добар напредок
  • 2021 година – одреден напредок
  • 2022 година – одреден напредок
  • 2023 година – нема напредок.

Ова, според неа, треба да го вклучи алармот во Министерството за правда и Судскиот совет за преиспитување на својата улога во надминување на состојбите.

„И барањето на решенијата не треба да биде во стилот на ’префрлање на топката на одговорност’. Таа веќе падна пред нив и направи толкав кратер во кој може да се излизга целата земја. Извештајот на ЕУ за (не)напредокот ви ја покажа вистинската, грдата ’слика на Доријан Греј’. Не вртете го погледот од неа, со тоа таа нема да исчезне“,

додава Дескоска.

За Трошановски ова е реалистичен Извештај на ЕУ, кој реално ја отсликува состојбата со реформите во земјава

За Извештајот на ЕУ, во кој се вели дека недостига напредок во областите кои се клучни за процесот на преговори, а тоа се владеењето на правото и борбата против корупцијата, анализираат и Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Симонида Кацарска од Институтот за европски политики – ЕПИ.

Трошановски смета дека станува збор за реалистичен Извештај на ЕУ, кој реално ја отсликува состојбата со реформите во земјава.

„Состојбата со реформските процеси во земјата е на објективен начин изразена и многу покритична, би рекол, во споредба со минатогодишниот извештај којшто имаше повеќе дипломатски фрази во себеси. Се разбира дека главен приоритет се уставните измени и на нив упатува самиот Извештај како неопходен чекор за продолжување на процесот на пристапување, односно на преговори. Она што е најважно е дека се констатира непостоење на напредок во она што е најважно за нашето општество, а тоа се реформите во владеење на правото. Пред с–, тука се зборува за борбата против корупција, измените на Кривичниот законик коишто се проблематизираа и со кои се даде амнестија на многу случаи, потоа проблемите со судството и нефункционалноста на Судскиот совет беа потенцирани, исто така“,

вели Трошановски во изјава за МИА.

Она што е исто така важно, и е на позитивната страна, додава тој, е поддршката за нашата цел со стопроцентна усогласеност со заедничката и надворешна безбедносна политика на земјата. Трошановски укажува и на забелешките во Извештајот на Брисел околу употребата на европското знаменце при носење законски решенија.

„Извештајот потенцира дека злоупотребата на европското знаменце и неносењето на Деловникот за работа во Собранието што одамна е договорен и се разговара уште од 2020 година, сериозно ја нарушуваат функцијата на Парламентот и неговата можност да врши надзор и, пред сè, ефективно носење на закони кои ќе вклучат и поширока јавна дебата. И во таа насока и се обесхрабрува употребата на европско знаме за да се истуркаат законски решенија за кои нема јавна консултација, и тоа е нешто важно што треба да го потенцираме“,

додава Трошановски.  

Немаме поместување во оценките за подготвеноста за преземање на обврските за членство, вели Кацарска

Според Симонида Кацарска од Институтот за европски политики – ЕПИ, клучните елементи од годинашниот пакет за проширување се условените препораки за почеток на преговорите со Украина, Молдавија и Босна и Херцеговина, условениот кандидатски статус за Грузија, како и Планот за раст кој го објави Комисијата. Во овогодишниот извештај за Северна Македонија, наведува таа, добар напредок Комисијата утврдува во поглавјата статистика, слободно движење на капитал и заедничката надворешна политика на ЕУ. Но, посочува таа понатаму, немаме поместување во оценките за подготвеноста за преземање на обврските за членство.

„Тоа што треба особено да нè загрижи се оценките во правосудството и борбата против корупцијата како клучните области од кои зависи целокупниот тек на преговорите како дел од кластерот Основи (fundamentals). Во контекст на правосудството, гледаме слабеење на напредокот во изминатите три години континуирано“,

вели Кацарска за МИА.

Со оглед на фокусот на Планот за раст во Западниот Балкан, особено загрижува, оценува таа, недостатокот на напредок во кластерот внатрешен пазар.

„Напредок во поглавјата кои директно влијаат на добивање на придобивки од Планот за раст за Западен Балкан е клучен, доколку сакаме да постигнеме блиска интеграција со Единствениот пазар, за што ЕУ веќе нуди мерки во Планот за раст на регионот“,

вели Кацарска.

Европската комисија, вчера, ги претстави годишните Извештаи за напредокот на земјите аспиранти за членство во ЕУ, Стратегијата за проширување и Планот за раст на Западен Балкан.

Во Извештајот за Северна Македонија за 2023 година забележано е дека има нарушена работа на Собранието поради политичка поларизација, злоупотреба на „европското знаменце“ во носењето закони, неусвојување на уставните измени, отсуство на реформа во јавната администрација, страшна состојба во затворите, голем број напади, закани и застрашувачко однесување кон новинарите, никаков напредок во областа на судството и во областа на превенција и борба против корупцијата.

Европската комисија забележува дека властите продолжиле да демонстрираат и јавно да ја објавуваат својата посветеност да напредуваат на нивниот пат кон ЕУ, но, нагласува, „сега кога започна процесот на пристапни преговори, треба да се забрза темпото на реформите поврзани со ЕУ“.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

На УСАИД не му се останати пари за поддршка на Украина

Следно

Димитров: Извештајот го потврдува тоа што македонските граѓани добро го знаат – царот е гол, колку и да се пeрчи!

Latest from Blog