Втор дел на „Пред дождот“ индиректно би бил триптихот во кој се „Врба“, „Кајмак“ и „Збогум Копакабано“ со работен наслов „Биста“ – ако тој филм воопшто се случи оти две години е блокиран во Агенцијата за филм, рече режисерот Милчо Манчевски на прес-конференцијата пред вечерашната златна премиера во Скопје по повод 30-годишнината од неговиот прославен прв филм.
„Индиректно, тие емоции и тие врски меѓу ликовите, па дури и таа визуелност, како триптих ги раскажувам во други филмови, односно во конкретниот случај тоа би бил еден малку поапстрактен триптих кој пак се однесува на тоа како живееме. Или што би рекла бабата во ‘Мајки’, како ќе се умира? И тој триптих би бил ‘Врба’, ‘Кајмак’ и ‘Збогум Копакабано’ со работен наслов ‘Биста – ако воопшто се случи“, рече Манчевски.
Тој потоа додаде: „Луѓе ме прашуваат зошто во моите филмови нема повеќе среќни завршетоци. Денес, 30 години после успехот на ‘Пред дождот’“, мене ми е забрането да снимам во Македонија. Уживајте во претставата“, реферирајќи на проектот кој иако доби поддршка на конкурсот на Агенцијата за филм во 2022, сепак уште е блокиран откако Манчевски пријави корупција во Агенцијата.
„Пред дождот“, филмот што го градеше идентитетот и му даде лице на името Македонија, вечерва ќе ја прослави 30-годишнината со златна премиера на реставрирана копија, во 20 часот во Македонската филхармонија. За премиерата дојдоа гости од екипата дојдоа од Лондон, Париз и Хрватска – актерот Раде Шербеџија, дизајнерот на продукција и оскаровец Дејвид Манс, директорот на фотографија Мануел Теран, монтажерот Николас Гастер, какои и дел од македонската екипа, Петар Мирчевски, Силвија Стојановска, Сузана Киранџиска, Катерина Коцевска, Златко Ориѓански.
На прес-конференцијата, Раде Шербеџија раскажа како се сретнале со Манчевски, кој по неколку години го нашол во Лондон во 1992. Му го дал сценарио за „Пред дождот“ во едно кафуле на Сохо. Раде истата ноќ по прочитал двапати и следниот ден, кога пак се сретнале, Милчо го прашал како му се чини.
„Му реков, одлично е! Милчо ми рече дека ликот на Александар го пишувал за мене. Го прашав како, кога не ме ни знаеше, а тој ми рече, пa ти си играл во 5 филмови на мојот омилен режисер Живојин Павловиќ, те знам”, рече Шербеџија, а потоаа раскажа и случка од прес-конференцијата за премиерата на „Пред дождот“ во Венеција во 1994, кога една новинарка го прашала Милчо зошто филмот има три дела, а не е една целина. „А Милчо, по една подолга драмска пауза, само рече – ‘Затоа’“, додаде Шербеџија.
Долгогодишниот соработник на Манчевски, и оскаровец, дизајнерот на продукција Дејвид Манс рече дека веднаш знаел оти филмот е нешто посебно и посакал да е дел од целиот процес.
„Се сеќавам во 2004, 10 години по успехот во Венеција, запознав луѓе во Пуља, Италија. Кога им кажав дека сум дизајнер на продукција на ‘Пред дождот’, спонтано почнаа да цитираат реплики од филмот“, рече Манс, кој додаде: „Филмот се занимава со универзални теми – една од причините поради која, одекна на меѓународно ниво и постигна толку голем успех, многу проучувања и размислувања. Филмот поставува прашања и изискува од публиката да размислува и да креира сопствено мислење. Живот и смрт, конекции и односи, љубов и јазик, слики и зборови. Брилијантно сценарио, приказна, слики, емотивен пејзаж…“.
Директорот на фотографија Мануел Теран рече дека првите мисли кои му доааѓаат во глава се задоволство и гордост.
„Овој фантастичен филм ја дефинираше кариерата и воопшто мојот живот, првите мисли кои ми доаѓаат се задоволство и гордост. Се радувам што се сретнав повторно со сите. Каква среќа!“, рече Теран.
Монтажерот Ник Гастер кажа дека внука му, кога по многу години после филмот била во Охрид, запознала една жена која ѝ кажала оти „Пред дождот“ го гледала како ученичка во школо и ѝ требале години да ја надмине „траумата“ оти толку длабоко ја погодил.
„Пред дождот“ е важен филм на повеќе нивоа. Сценариото и концептот на Милчо се ремек-дело, одлично реализирани преку маестралната актерска игра, дизајнот на продукција, музиката и фотографијата. Ослободување на креативна енергија. За време на снимањето, темата на филмот, ужасот од распаѓањето на прогресивните политичко-идеолошки процеси и повлекувањето во племенското, нешто што е премногу релевантно денес, беше во извонреден контраст со прекрасната хармонична екипа, составена од сите делови на поранешна Југославија и светот. Привилегија е да се биде дел од тимот, кои ми останаа доживотни пријатели“, рече Гастер.
Актерката Силвија Стојановска кажа дека чувствува огромна благодарност што имала среќа да биде дел од една безвремена приказна во „Пред дождот“.
„Денес по 30 години, филмот се уште претставува инспирација за нови генерации филмски уметници. ‘Пред дождот’ е филмско и културно наследство што Милчо ѝ го остава на Македонија“, вели Стојановска.
„Кога ми соопштија дека сум ја добила улогата бев пресреќна. По 30 години сè уште ја носам во себе истата радост, што благодарение на Милчо имав мал удел во еден од најдобрите филмови на сите времиња на светот. Не станав славна како Раде, но затоа можам да се пофалам дека сум снимила, речиси љубовна сцена со него… во која ме одби“, рече актерката Катерина Коцевска.
„Денес, ‘Пред дождот’ ми се чини како сон. Еден мој пријател вели, да, ама тој сон е влезен во нашата колективна меморија… за сите времиња“, рече Златко Ориѓански, еден од композиторите на музиката и додаде дека по еден долг разговор со Милчо додека бил во Лондон додека се мислел дали „Анастасија“ да ја прави музиката, тој му пратил факс во кој напишал „Јас сум спремен да умрам за овој филм“.
„Иако мојата улога беше многу мала, тие неколку денови снимање беа незаборавно искуство, не само поради одличната актерска екипа, која ја одбра Милчо и магичната атмосфера што тој ја создаваше на снимањето, туку и заради неговото визионерско сценарио, кое проговори за проблемите и предрасудите, кои беа присутни во нашава земја, далеку пред да почнат да се заоструваат и продлабочуваат. Среќна сум што бев дел од овој филм на Милчо, кој покрај многуте награди кои ги доби, според ‘Њујорк тајмс“ е вброен во 1000 најдобри филмови на сите времиња“, рече актерката Сузана Киранџиска.
Сајмон Пери, тогашниот директор на „Бритиш скрин“ и најзаслужен што „Пред дождот“ воопшто е снимен вечерва на премиерата ќе се обрати со видеопорака.
„Да те поддржувам и да работам со тебе на овој филм, Милчо, беше за мене како британски продуцент извор на гордост, која не се мери со ништо друго што имам направено. Прекрасно е да се замислат луѓето во публиката, кои не биле ниту родени и сега откриваат колку извонреден беше твојот прв филм, и е и секогаш ќе биде“, вели Пери.
ИЗВОР: sdk.mk