(ВО ДЕТАЛИ) Што досега е познато за грабнувањата и убиствата на Вања и Панче

8 mins read

Сознанијата за грабнувањето и убиствата на Вања и на Панче што денеска на прес-конфенеција ги изнесоа јавниот обвинител Гаврил Бубевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во најголем дел се темелат на признанијата и исказите на притворените осомничени, а дел се поткрепени и со материјални докази – како местата каде се закопани жртвите, движењето на автомобилот на Жежовски кој бил користен при киднапирањето на девојчето…

Се очекуваат резултатите од обдукцијата на телата и други вештачења за кои Обвинителството и полицијата сметаат дека ќе ги потврди нивните сомневања и ќе додадат нови детали и докази во расчистувањето на грозоморниот чин

Шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на прес-конференција ги соопштија досегашните сознанија за грозоморните убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски.

Тие, во салата во Јавното обвинителство полна со новинари, дадоа своевидна хронологија и реконструкција на настаните, според досега собраните докази.

Притоа, двајцата нагласија дека досегашните информации и сознанија ги темелат главно на исказите на двајца од тројцата осомничени на кои им е одреден 48-часовен притвор, а дел од нив се поткрепени и со материјални докази обезбеди во досегашниот тек на истрагата.

Првоосомничен за убиството е скопјанецот Љупчо Палевски-Палчо кој е во бегство и се смета дека е надвор од државата и по кого во момнетот кога предистражаните дејствија ќе преминат во истрага ќе биде распишана потерница. Тој, според досегашните сознанија, ги испукал куршумите со кои е усмртено девојчето, кое потоа е закопано во атарот на селото Бразда во Општината Чучер Сандево, како и велешанецот Панче Жежовски.

„Според првичните сознанија, лицето кое е надвор од државата е организтарот и реализатор“,

рече шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски.

На дополнително новинарско прашање за тоа во која смисла го вели тоа, Бубевски одговори:

„На испалувањето на куршумот“.

Петтиот за кого, како што посочи Бубевски, постојат основи на сомнение дека е вмешан во случајот, е таткото на Вања, кој синоќа беше приведен во полициска станица и кој според исказите на двајцата осомничени, на првоосомничениот Палевски му ги дал информациите кога Вања ќе излегува за на училиште, дека ќе биде сама… Тоа ним им го тврдел Палевски.

Хронологија и реконструкција на настаните

Алармот за целиот случај што ја вознемири целокупната јавност почна со пријавата на мајката во полиција дека Вања не отишла на училиште кобниот 27 ноември, кога е извршено убиството. Таа случајот во полицијата телефонски го пријавила околу 8:30 часот минатиот понеделникот, а неколку часа подоцна во 11 часот исчезнувањето го пријавил и нејзиниот татко во полициската станица „Центар“, позната како „Беко“.

Тогаш тргнува и потрагата по девојчето, кое меѓу двете пријавувања, според исказите на двајцата осомничени, веќе било убиено.

Мотивот за грабнувањето бил да се извлече материјална корист од мајката на Вања. Вака Бубевски и Спасовски го објаснија терминот „користољубие“ искорстен во синоќешното соопштение од Обвинителството.

Убиството на велешанецот, пак се случило пет дена претходно, односно на 22 ноември. Според првичните информации, тој бил избран од осомничените поради неговиот автомобил, кој потоа бил користен при грабнувањето на Вања. Друга поврзаност меѓу девојчето и велешанецот нема, беше посочено на денешната прес-конференција. Едиствената поврзаност меѓу нив е што се ликвидирани од истите сторители, односно сторител.

„Од сево ова (исказите на притворените) можеше да се дефинира дека истите извршиле две кривични дела грабнување, коишто се поврзани со она што внесе малку забуна – користољубието, односно грабнување што е од корист од имотна природа. Имаат извршено и две кривични дела убиствао, коишто се квалификувани облици на кривични дела. Поради поврзаноста на едното и другото кривично дело со сторителите коишто се исти и за првото и за второто кривично дело, тоа добива најтешка можна квалификација од Кривичниот законик и се казнува најтешко што може да се изрече како казна во Република Северна Македонија“,

рече шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски.

Шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски / Фото: Принскрин

На денешната прес-конференција беше спомената и продажба на стан од мајката на Вања, но дали средствата од тоа се на средина од мотивот за грабнувањето, истрагата ќе треба дополнително да покаже.

„Доколку имаме сознанија дека од мајката бил продаден некој стан и сметаме дека средствата од тој стан биле некаков мотив којшто би требало да биде предмет на евентуалната изнуда, но сите овие работи ќе ги провериме во текот на постапката“,

рече Бубевски, одговарајќи на прашањата на новинарите.

Мотивот за убиството се пари, но што тргнало наопаку

Што тргнало наопаку за случајот од грабнување заради алчност за пари да заврши со убиство на Вања, притворените осомничени го објасниле со своја верзија, која обвинителството и полицијата ќе треба дополнително да ја потврдат и да го расплеткаат клопчето околу ова прашање.

„Во овој момент можам да кажам дека имаме искази за тоа излегување од контрола на лицата коишто го признаваат ова дејствие и во полицијата, но и пред јавен обвинител. Нивните укажувања во таа несока се дека со оглед на тоа што имале некаква паника поради тоа што јавноста била целосно ангажаирана околу побарувањето на детето и едниот од нив решил во тој момент дека парите ќе ги бараат покасно откако ќе помине целата оваа ситуација и затоа решава во тој момент тоа дете да го ликвидира. Тоа е она што го имаме, според нивните искази. Затоа ги немаме прибрано сите информации што можеме до крај да ви го објасниме, затоа што и за нас е малку нејасно кога мотивите се од користољубива природа во истот момент ти да лишиш од живот одредено лице. Но, тоа е нивното објаснување за тој момент, сепак тие работи ќе мора да ги испровериме. И скажувањето на времето на лишување од живот е според нив кога се случило“,

изјави Бубевски.

Дека ваквата приказна притворените осомничени во натамошниот тек на истрагата ќе можат да ја негираат, Бубевски не отфрли, но притоа посочи дека токму поради ваквата околност, освен во полициска станица, доцна синоќа ним им биле земени изјави и во просториите на Јавното обвинителство, според како што рече, сите стандарди.

„Од тие причини што секогаш може да се дојде до негација на она што си го кажал во полиција, земавме синоќа до доцна во ноќта изкази во Обвиниотелството. Тие искази се повторија и во Обвинителството. Не дека тие искази не можат пак да се негираат, но е сериозно потешко“,

рече обвинителот.

Вториот аспект што го истакна тој е дека тие искази се совпаѓаат со материјалните докази обезбедени досега, односно убиството на жртвите и местата каде што тие беа пронајдени закопани.  

„Тие искази се поврзани со материјални докази и тука нема бегање. Тие искази одговараат на она што е пронајдено. Штом имаш материјален доказ и штом тој исказ е веќе даден пред јавен обвинител во присуство на бранител со сите стандарди, се поврзува со сите материјални докази коишто ги имаме веќе обезбедно, од ова бегање нема… Ако исказот вели дека ние го ископавме гробот таму и таму и ние го наоѓаме тоа таму и таму, тоа е така. Ако имаме ДНК од тие и вели ние тоа го направивме, тоа е поврзување, значи материјалните и вербалните докази во овој случај, затоа што се во фаза на истрага ги третираме како доказен матертијал се поклопуваат и тие се иднетични и тука нема бегање, таа е сликата“,

рече шефот на ОЈО Скопје.

Автомобилот на Жежовски ги споил двата случаи

Одговарајќи на новинарските прашања, министерот Оливер Спасовски го опиша движењето на автомобилот „цитроен“, сопственост на другата жртва, Панче Жежовски, како и на уште едно возило марка „рено кангу“ кое се движело пред него по грабнувањето на Вања.

Токму овој момент, како што рече министерот, е моментот кога истрагата ги поврзува исчезнувањето на Вања на 27 ноември и она на Жежовски пет дена подоцна, а кое е пријавено на 24 ноември.

„Ние колата (цитроенот) ја наоѓаме на ’Сејфсити’ на 27 ноември дека се движи во Скопје. Таа не се движи од 22 до 27 ноември. Таа се движи на 27 номеври во Скопје, кога се утврдува дека возило цитроен и возило рено кангу коишто се движат заедно и тука практично доаѓа до спојувањето на двете активности. Поради тоа се утврди дека тој цитроен е запалениот цитроен којшто се наоѓа во непосредба близина на Скопје. Тоа е причината и за поврзувањето“,

рече Спасовски.

Министрот за внатрешни работи, Оливер Спасовски / Фото: Принтскрин

На прашањето дали првоосомничениот Палевски имал дојава пред да ја напушти државата, Спасовски одговори одречно, посочувајќи дека неговото излегување од државата било пред полицијата да дојде до информациите дека Вања Ѓорчевска и Павле Жежовски се убиени.

„На може да има дојава за него затоа што излегувањето (од државата) е пред да ги утврдиме овие факти. Практично и приведувањето на другите лица. Вие знаете дека приведовме пет лица коишто беа поврзани и тогаш практично се извршија и одредени претреси и обезбедувавме докази, така што таа информација никој ја немал претходно за да може да му дојави“,

рече Спасовски.

Бубевски за улогата на таткото

Во врска со инволвираноста на таткото, јавниот обвинител Бубевски рече дека за тоа засега знаат од исказите на притворените лица.

„Во однос на инволвираноста на родителот, на таткото, двајца од осомничените коишто сега се во краткотраен притвор и коишто зборуваа овде и наведоа дека во однос на позициите на детето, кога ќе излегува, како ќе излегува, разбрале од осомничениот којшто сега не е овде во државата, меѓутоа им кажал дека тоа тој го знаел од таткото. Така што, засега тоа се посредните докази со коишто располагаме во овој момент и коишто некако го насочуваат дејствието на истрага кон таткото поради грабнувањето на Вања“,

рече Бубевски на прес-конференцијата.

Околу прашањето дали може да стане збор за организирана група и дали таткото бил дел од неа, јавниот обвинител кажа дека такво нешто во моментот не може да презицираат и таткото засега не може да се сомничи како дел од групата.

„Значи, оние што се притворени и оној по кој што се трага, се некаква група за која сега ги утврдуваме нивните врски, дали можеме да ги наречеме организирана група, ние сè уште ги водиме како соизвршители на двете кривични дела. Ако се докаже дека се некаква група, тогаш ќе имаме некаква соодветна правна квлафикиација и за тоа. За таткото засега само посредни докази укажуваат дека учестувал во некакви насоки кога девојчето ќе излезе само, кога би можеле да го очекуваат за да се изврши грабнување. Таткото не можеме да го осомничиме ниту дека е дел од групата која после го извршила најтешкото кривично дело затоа што немаме такви сознанија за тоа. Имаме определени сознанија кои ни укажуваат дека таткото има одредена комуникација со лицето (Палевски), сега сè уште ни е на основи на сомнение, јас ќе ја задржам таа структура на презумпција на невиност за да не направам и друг проблем понатаму. Лицето коешто сега не ни е тука и двајца од тројцата осомничени кога го прашале, тоа лице рекло дека јас овие сознанија ги имам од таткото на девојчето – кога, во колку и како излегува, дека ќе биде само кога излегува од дома“,

кажа Бубевски.

Таткото, како што посочи обвинителот, до одржувањето на преес-конференцијата ги негирал наводите за сите дејствија на кои посочиле притворените осомничени.  

Сепак, тој потврди дека и за него ќе се бара мерка притвор.

„Од досегашниот негов исказ во полиција, не знам дали во моментот нешто ќе се смени или се сменило, таткото сè уште ги негира овие дејствија. Значи, ние неговата инволвираност за која сè уште сметаме дека е посредна во овој случај ја вадиме од контекстот на она што го кажуваат другите инволвирани во случајот – дека едното лице им кажува дека сето ова го знае од контактот со таткото. Во однос на барањето притвор, ќе се бара – да, затоа што имаме ние основи на сомнение за негова вклученост. Ќе се бара обезбедување на негово присуство во постапката, ќе видиме и од материјалните докази што ќе произлезе денеска, можеби утре ќе произлезат некои докази и ќе ви дадеме поцелосна слика, затоа што таа е сликата што ние во моментот ја имаме и можеме да ви ја соопштиме“,

рече јавниот обвинител.

Жежовски настрадал поради долг од 500 евра

Мотивот за убиството на велешанецот Панче Жежовски, исто така, ќе треба дооплнително да се потврди со материјални докази. Единствената врска е неговиот автомобил, а бил избран затоа што му должел 500 евра на еден од осомничните.  

„Според она што го видов во исказите што се дадени во јавното обвинителство ноќеска, мотивот е прво со едниот од осомничените имале некаков меѓусебен должничко-доверителски однос, односано Панче должел 500 евра, така е и избран веројатно како жртва за да се земе колата да се изврши грабнувањето. Веројатно тоа е она што сега го имаме како некоја линија зошто прво е изврешено грабнувањето на Панче, убиството на Панче и земено е неговото возило за овде да се заврши целокупниот криминален потфат“,

рече Бубевски.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Спасовски се потпиша во книгата на жалост: Нека оваа трагедија ни биде повод да размислиме како да ги вратиме вредностите и како да бидеме луѓе

Следно

Со лисици на рацете таткото на Вања им покажа „лајк“ на новинарите

Latest from Blog