Сите градоначалници работат постојано. Ова не е трка за промоција на можни кандидати за градоначалник на Скопје, изјавија на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) Орце Ѓорѓиевски во својство на можен кандидат за иден градоначалник на Скопје и министерката за финансии и потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска-Кочоска по Управниот одбор на ЗЕЛС, кој денеска ја одржа 24 седница.
Ѓорѓиевски вели дека неговата амбиција е јасно изразена повеќе месеци, две години наназад и смета дека тоа што го сработил во неговата Општина е можност да го искористи личниот и потенцијалот на неговиот тим. Но, и тој кажа дека ќе има анкети и најдобриот кандидат ќе биде избран, нагласувајќи дека градоначалник треба да се занимава со конкретни проблеми на граѓаните и дека сега во градот Скопје има стагнација.
– Што се однесува на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ има повеќе кандидати, тоа говори за демократскиот капацитет на нашата политичка партија, добро е секогаш да има конкуренција. Сега во тек се анкети коишто ги спроведува нашата политичка партија, оној којшто ќе има најдобри резултати на тие анкети, а притоа и ќе претставува најсоодветен кандидат, дали јас ќе бидам тоа, дали ќе биде некој друг, многу е важно да направиме промени во Град Скопје и многу е важно да дојде човек којшто ќе се занимава со решавање на проблемите на граѓаните. Градоначалник не значи да се занимаваш со висока политика и да навлегуваш во високи политики градоначалник, значи да бидеш човек којшто треба да ги решава секојдневните проблеми на граѓаните. Во Град Скопје имаме стагнација… Кој е најсоодветен кандидат, ќе биде поддржан, изјави Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека сите работат, имаат состаноци, средби секојдневно, по стотици месечно.
– Во ЗЕЛС не е ова прва средба и не е прв работен состанок. ВМРО-ДПМНЕ има исклучително добри кадри. Можеби вашиот фокус сега е на локални избори, но ако ги видите профилите на многу функционери, на кои сакате од министрите, имаат стотици настани последниве месеци. Тоа не значи дека некој некого треба да го поттикне, тоа зависи од човекот којшто се бори да ја оправда довербата којашто ја добил. Така што јас не сум престанал со активности. Мене многу често ме прашувале дали и кога нема кампања се спремам за одредена кампања, ја сметам дека тоа е обврска да ја оправдам довербата пред народот којшто дал поддршка за мене, ќе продолжам и понатаму, рече Ѓорѓиевски.
Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Димитриеска-Кочоска кажа дека не се согласува дека досега градоначалниците не работеле и додаде дека не може да каже кои во моментов се можни кандидати за градоначалник.
– Градоначалникот на Кисела Вода или тука во улога на претседател на ЗЕЛС, многу убаво кажа, тој е постојано присутен на терен, работи исто како што и другите кандидати, коишто сега можеби така и граѓаните ги перципираат како кандидати. Јас до овој момент не можам точно да кажам кој. Сега таа листа на анкети, сите тие луѓе работат и тие не се застанати и не можам да се согласам дека сега одиме во некаква промоција, треба да направиме промоција на Орце Ѓорѓиевски, треба да направиме промоција на Бобан Стефковски од Гази Баба, треба да направиме на Златко Перински којшто во моментов е министер за локална самоуправа. Не можам да се согласам. Сите тие луѓе работат и не се застанати и не можам да се согласам дека сега одиме во некаква промоција, рече Димитриеска-Кочоска.
Таа рече дека на средбата присуствуваат повеќе градоначалници од сите политички партии и на средбата се разговарало како да се надминат проблемите во општините и особено за, како што рече, нереализираниот договор со Светска Банка кој се однесува на проекти поврзани со енергетска ефикасност на општините.
ИЗВОР: ТВ 21