„Викенд на гордоста – Скопје 2025“ се отвора на 3 јуни во МСУ со изложба

May 29, 2025
2 mins read

Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ свечено ќе биде отворен на 3 јуни во 20:30 часот во Музејот на современа уметност со изложбата „ПАНК. СУПКУЛТУРА. СОЦИЈАЛИЗАМАРХИВИ И ФОТОГРАФИЈА ОД СЛОВЕНИЈА“ – голема архивска поставка што низ фотографија и документи го истражува словенечкото панк-движење од крајот на 1970-тите до средината на 1980-тите години. Курирана од филозофката и теоретичарка Марина Гржиниќ, во соработка со Славчо Димитров, изложбата претставува ретка можност за домашната публика да се соочи со визуелната и политичката историја на супкултурниот отпор во поранешна Југославија.

Позиции во изложбата: Јанез Богатај, Јануш Чех, Божидар Доленц, Војко Флегар, Душан Герлица, Алдо Иванчиќ, ДК, Синиша Лопојда, Елена Печарич, Матија Празник, Бого Претнар, Бојан Радовиќ, Релации / 25 години Лезбејска група ШКУЦ-LL, Љубљана, Младен Ромих, Тоне Стојко, Тожибабе и Игор Видмар. 

Ова ќе биде петтото поставување на изложбата. По славното отворање во Grand Gallery на Цанкарјев дом во Љубљана, изложбата патуваше низ различни европски градови: Пфорцхајм, Грац/Лафелд, Нови Сад, а сега и во Скопје, со враќање во Словенија за изложба во Мурска Собота во 2025 година.

Фокусот на изложбата е на визуелната култура на словенечкиот панк од 1977 до средината на 1980-тите години – период на експлозивна алтернативна енергија, самоархивирање и отпор. Во МСУ изложбата е прилагодена на темите на сексуалност, супкултура и телесен перформанс и нагласува како фотографијата ја обликувала естетиката и политиката на панкот: документ на бунт, критика и самоизразување. Преку архивски слики од концерти, протести и улични собири, се прикажува животот на една сцена што истовремено ги предизвикувала нормите и ја градела колективната меморија. 

Панкот во Словенија бил и форма на левичарски, просоцијалистички отпор – поврзан со работнички протести и ЛГБТ активизам. Панкот отсекогаш бил тесно поврзан со работничките протести, играјќи улога на културен сојузник во борбата за правда и општествени промени. Од Југославија до денес, панк-бендовите ги поддржувале протестите со музика и јасна политичка порака. И денес, панк-елементите се препознаваат во современите работнички побуни како симбол на отпор, револт и активно учество против експлоатација и политичка апатија. 

Изложбата ПАНК. СУПКУЛТУРА. СОЦИЈАЛИЗАМАРХИВИ И ФОТОГОГРАФИЈА ОД СЛОВЕНИЈА. е поставена во соработка со Истражувачкиот центар при Словенечката академија на науките и уметностите и со поддршка од Цанкарјев дом, Министерството за култура на РС, Националниот музеј за современа историја на Словенија, Модерна галерија, Луминус и А.К.Т; од Пфорцхајм. Во Скопје, изложбата ја организира Коалиција МАРГИНИ во рамки на Викендот на гордоста Скопје 2025, во партнерство со МСУ и ЛГБТИ Центарот за поддршка. Дополнителна поддршка доаѓа од ИЦ при САНУ, Словенија, д-р Ото Лутар и уметничкиот директор Јануш Чех. 

Д-р. Марина Гржиниќ, кураторка на изложбата, е главна научна соработничка во Институтот за философија ЗРЦ САЗУ и професорка на Академијата за ликовни уметности во Виена.

На 4 јуни во КСП Јадро, со почеток во 19:00 часот, програмата продолжува со симпозиумот „За квир културата, Балканот, Источна Европа и глобалните транс* побуни“, кој отвора простор за теоретска, поетска и политичка дискусија. На симпозиумот ќе учествуваат автори, уметници и истражувачи од Словенија, Германија, Австрија и Шпанија – Марина Гржиниќ, Тјаша Канцлер, Весна Липоник, Јануш Чех и ДК – кои ќе зборуваат за историите и современите стратегии на отпор на ЛГБТ+, квир и транс заедниците во однос на државната моќ, доминантните наративи и глобалниот технокапитализам. Симпозиумот ги поврзува уметноста, поезијата, порнографијата и политиката, со цел да се артикулираат радикални и деколонијални визии за идни побуни и политички заедништва. 

Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ ќе се одржи од 3 до 14 јуни во неколку културни институции во Скопје: МСУ Скопје, МКЦ, КСП Центар-Јадро и Театар Комедија. 

ИЗВОР: racin.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Ако правилно се управува, отпадот може да биде ресурс со голем економски потенцијал

Следно

Сиљановска-Давкова од Астана Форумот: Потребен ни е свет што проблемите ќе ги решава со принципи, а не со моќ

Latest from Blog

Прифатени во прво читање предлог-измени на Кривичниот законик, со нив ќе се анулираат спорните од 2023, се воведуваат и нови кривични дела

Собранието попладнево во рамки на 80 седница усвои заклучок дека Предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, поднесен од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, е прифатлив и треба да се проследи во натамошна

Арлинда Кадри Шахиновиќ и Сузана Јошевска – Анастасовска избрани за членки на Судскиот совет

Вонредната професорка Арлинда Кадри Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска денеска беа избрани за членки на Судскиот совет. Пратениците во Собранието на денешната седница ги изгласаа двата предлога на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која

Победа на ВЛЕН на изборите – јасна порака од албанската заедница

ВЛЕН извојува убедлива победа на локалните избори, освојувајќи 10 општини и потврдувајќи ја широката поддршка и доверба што ја доби од албанските граѓани. По завршувањето на официјалниот изборен процес, кој вчера заврши
Go toTop