(ВИДЕО) „Временска машина“ во Чаир: Висококатници изградени последниве две-три години, легализирани како да постоеле во 2011 г.

7 mins read

Од Општината Чаир не ја негираат појавата. На прашањето како е тоа можно, се повикаа на член од Законот за постапување на бесправни објекти, според кој самиот барател на легализацијата има опција само со писмена изјава заверена на нотар, под полна кривична и материјална одговорност, да тврди дека објектот му бил готов пред крајнот рок – 3 март 2011 година

Но локалната власт немаше директен одговор на фактот дека последниот рок за поднесување на барања за легализација е завршен неколку години (31 декември 2018 година) пред да почне градбата на некои од сега веќе легализираните објекти

Кој не поминал, не знае дека Чаир е можеби и најраздвижениот дел во Скопје. Не е за изненадување бидејќи густината на населението на еден квадратен километар е околу 18 000 луѓе. Само за споредба, втората општина по густина на населеност во Скопје е Центар со 5 800 жители на еден квадратен километар.

населба Гази Баба, Општина Чаир

Ајде што Чаир е три пати погусто населен од скопски Центар, туку во изминативе години почнаа да се градат се повеќе и се повисоки нови згради. Многу од нив се на тесни улички или места каде, лаички, не би требало да биде дозволено да се градат толкави градби.

ул. Цветан Димов, Општина Чаир

За да не остане само на лаички впечаток дека во Чаир се гради на диво без преседан, се обидовме да провериме и преку факти. Прашавме во Општината- колку одобренија за градба на објекти за домување во станбени згради, односно градби со намена А2, се издадени за периодот 2019-2022 година и за кои парцели.

седиштето на Општина Чаир

„Општина Чаир за дадениот период има издадено 8 дозволи за градба на објекти со намена А2“,

ни одговорија од Општината Чаир.

Проверивме на терен дел од тие парцели. Заклучивме дека меѓу поголемите објекти кои се изградени или се градат со дозвола е една од овие станбени згради во Гази Баба, близу подвозникот кај хотелот Континентал. Дозвола е издадена и за комплексот Премиум Резиденс, близу Гинеколошко-акушерската болница во Чаир. 

комплексот „Премиум резиденс“ е една од ретките нови висококатници во Чаир за кои е издадена дозвола за градба

Но, во реалноста, во Чаир се изградени многу повеќе од само осум станбени згради во последниве пет години, за колку што има одобрение. Тој факт води до еден заклучок – во густо населениот Чаир на диво се градат стотици, можеби, илјадници станови.

Локациите на поголемите нови згради што ги видовме при обиколките на терен, а за кои Општината не ни даде податок дека имаат одобрение за градба, потоа ги проверивме низ јавно достапната електронска база на Катастарот. Тоа што се потврди дека станува збор за дивоградби и тоа дел од нив изградени на државно земјиште, беше речиси небитно со друго, далеку поневеројатно откритие. 

Увидовме дека дел од новоизградените објекти кои ги проверивме, во меѓувреме се и легализирани, што е потврда дека биле дивоградби. Но, проблемот е што легализацијата на тие објекти воопшто не требало да биде можна.

Законот за постапување со бесправно изградени објекти беше објавен во Службен весник на 24 февруари 2011 година и стапи на сила осум дена подоцна. Во членот 2, став 2, јасно се вели дека легализацијата е можна само за објектите изградени до тој момент:

член 2, став 2 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти.

„Предмет на овој закон се бесправните објекти од ставот (1) на овој член на кои до денот на влегувањето во сила на овој закон се изведени градежните и инсталатерските работи во целост и истите претставуваат градежна и функционална целина“,

пишува во член 2, став 2, од Законот за постапување со бесправно изградени објекти.

И покрај тоа што законски не можело и не смеело да бидат легализирани, еве некои примери кои докажуваат дека во Чаир се случило спротивното.

сателитска снимка од објект кој почнал да се гради во 2020 година, а е легализиран како да бил изграден пред март 2011

Оваа нова осумкатница се наоѓа на Булеварот „Македонско-косовска бригада“ бр. 87. Според јавно достапните сателитски снимки, во 2011 година, односно крајниот рок поставен во законот за легализација на дивоградби, на тоа место имало некакви бараки или склад. Нема никакви промени се до 2014 и 2015 година кога почнуваат да се градат куќи во околината, но не и на парцелата која е предмет на наш интерес. Таму првите промени се од март 2020 година, кога очигледно се почнува нова градба. Во следната година, објектот расте, се поставува кров и се чини дека во февруари 2022 веќе е готов. Сето ова значи дека на конкретната локација немало ниту „з“ од зграда се до почетокот на 2020 година. Или, ако бил дивоградба, никако не смеел да биде легализиран.

Сепак, според имотните листови на становите кои се впишани на таа парцела, објектот е легализирана дивоградба. И тоа преку повеќе решенија кои Општината Чаир ги донела во текот на 2022 година.

сателитска снимка од објект кој почнал да се гради во 2020 година, а е легализиран како да бил изграден пред март 2011

Оваа седумкатница се наоѓа веднаш зад поштата во Чаир. Во 2011 година, зад поштата има само куќи, покажуваат јавно достапните сателитски слики на Гугл. Ништо значајно не се менува во околината до 2017 година, кога е почната градба на помал објект на улицата „Џон Кенеди“. Во април 2020 година зад поштата и натаму има само куќи, но веќе на следната сателитска снимка, од август, се гледа почеток на градба на поголема зграда. Во следните година и половина, до февруари 2022 година, таа се чини готова.

Според документите од Катастарот и оваа зграда е легализирана дивоградба, иако тоа не смеело да се случи. Згора на се, во документите од Катастарот пишува дека легализацијата на оваа зграда е извршена врз основа на решение за легализација од Општината Чучер Сандево од јули 2022 година.

сателитска снимка на парцела од 2011 година, на која денеска има легализирана станбена зграда која морала да постои во 2011 за да добие таков статус

На улицата „Цветан Димов“, јасно се видливи овие три споени осумкатници (1662/2). Во 2011 година, покажуваат сателитските снимки, таму има само зеленило и понизок објект во непосредна близина. Снимките не се доволно јасни за со сигурност да се заклучи што точно се случува на локацијата, но во 2016 година на местото на претходниот понизок објект никнува градба која во јули 2018 година веќе се гледа дека е станбена зграда. Ноември 2021 е последната сателитска снимка со зеленило на локацијата. Веќе во февруари 2022 се гледаат првите катови од нова, поголема зграда. Во октомври се поставува кровната конструкција. А до мај 2023 година веќе ги има другите две згради кои можат да се видат и денес.

Според Катастарот, пак, на предметната парцела се наоѓа зграда со само четири ката. И тие четири ката се легализирани и тоа во Решение од Општината од 18 март 2022 година.

Дел од легализираните објекти изградени и деценија подоцна од крајниот рок – март 2011 година

Иако секој од овие објекти има своја генеза, сите делат една иста работа. Биле изградени далеку подоцна од 2011, година која е временска граница по која еден објект не смее да се легализира. Тогаш – како се легализирани објекти изградени дури и во 2023 година?

Освен што го поставивме ова прашање, до Општината Чаир ги посочивме и трите примери објавени во оваа сторија. Локалната власт не го отфрли нашиот заклучок. Но, ни одговорија дека тие ги почитувале законите при постапките за легализација, вклучувајќи ја и одредбата дека е дозволена легализација само на објекти изградени пред март 2011 година. Но, сугерираат дека доказот кога е изграден некој објект за кој се бара легализација го дава оној што го поднесува барањето.

„При водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти Општина Чаир целосно го почитува член 6 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, согласно кој се вели дека кон барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект барателот треба да достави и – доказ за приклучок во комунална инфраструктура и/или сметки за јавни услуги (струја, вода итн.), а доколку бесправниот објект нема инфраструктурни приклучоци, тогаш изјава заверена на нотар дадена под кривична и материјална одговорност со која барателот ќе потврди дека бесправниот објект е изграден пред влегувањето во сила на овој закон“,

одговорија од Општина Чаир.

Или од Општина Чаир целосно ја префрлаат одговорноста на тие што побарале легализација, а знаеле дека објектите им се изградени по март 2011 година.

Но, тука се јавува нов проблем. Законот за постапување со бесправно изградени објекти беше неколкупати менуван за да се продолжи рокот за поднесување на барање за легализација. Тој рок, последен пат, беше продолжен до декември 2018 година. Објектите за кои ние поставивме прашања се изградени подоцна. Како е можно да биле поднесени барања за легализација на споменатите градби, кога тие не постоеле ниту на 31 декември 2018 година? Од Општина Чаир одговорија – без оглед на рокот за доставување барање, барателот е тој кој доставува доказ или изјава дека објектот е изграден пред март 2011 година. 

За една од можните варијанти неодамна го прашавме Изет Меџити – поранешен градоначалник на Чаир од редовите на ДУИ, а сега претседател на партијата Демократско движење на која припаѓа и актуелниот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу.

360: „Чив изум е да се градат згради без одобрение за градба во Општина Чаир и да се легализираат со тоа што ќе се заведуваат под стари архивски броеви. Чив изум е тоа?

Изет Меџити: Ме дефокусиравте, сакав да одговорам на првото прашање…

360: „Што ако се докаже дека навистина има злоупотреба на стари архивски броеви за легализација на нови дивоградби?

Изет Меџити: Во однос на дивоградбите, на ниво на Македонија има над 500 илјади и ако го додадеме бројот на жители тогаш излегува дека секое семејство е инволвирано во дивоградбите. Дивоградбите биле и во време кога биле во надлежност на Министерството за транспорт и врски, а не општините и потоа продолжиле.

360: Не го демантирате ова што го прашувам?

Изет Меџити: Фактички ви објаснувам дека затоа на ниво на Македонија неколкупати е донесен закон за легализација. Да немаше дивоградби од Струмица до Струга, немаше да има потреба да се донесе Закон за легализација. Граѓаните на Чаир не направиле ништо повеќе од тоа што го направиле на ниво на Скопје и на ниво на Македонија и за ова прашање, на крајот на краиштата…

360: Многу прецизно ве прашав, за злоупотреба на стари архивски бројчиња за нови дивоградби. Сега нема актуелен закон за легализација на дивоградби и вие тоа знаете. Ако сега некој направи дивоградба, не може да ја легализира. Треба да урне.

Изет Меџити: Во суштина, тука е поради пречки во законот за просторно планирање, што кај нас владата има многу компетенции, градот, се одложуваат и ова ги принуди граѓаните затоа што на крај граѓанинот според закон за градба или легализација ги плаќа истите комуникации. Во Чаир е некаде 200 евра за метар квадратен и не се фаворизира во оваа насока.

Документите и другите факти, засега, не нудат прецизен одговор – како се легализирани објекти изградени и десет години по крајниот законски рок? Или, како е можно да се поднесе барање за легализација на објект изграден последниве две-три години, кога рокот за поднесување барања истекол уште во 2018 година? Продолжуваме да прашуваме.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Дескоска се пофали, во нејзино време имало „добар напредок“ – Лога: Во мрак го уништуваат системот, на светло држат предавања

Следно

Дали Лукаревска се враќа во Собранието како пратеник? Открива во „Клик Плус“

Latest from Blog