По последната средба на владејачката коалиција беше најавено формирање работна група во Собранието која би изготвила предлог-решение за ветинг
Освен декларираната подготвеност за учество и од мнозинството и од опозицијата, засега не е јасно што се подразбира под ветинг, кои функционери би биле опфатени, но и кому ќе му биде дадена довербата да го спроведе
„Дипломатски ракавици“ е термин што новинарите често го користат за порака испратена од меѓународни преставници, обвиена во фини, избрани зборови.
Таквата пракса, се чини, заврши за неколку прашања што се провлекуваат со години.
„Постои корупција насекаде, конфликт на интереси, влијание врз невладиниот сектор, непотизам, клиентелизам, а препораките од Државната комисија за спречување корупција и од Народниот правобранител не се почитуваат од никого – ниту од Владата, ниту од парламентот, ниту од Обвинителството“,
смета Дирк Јан Коп – амбасадор на Холандија во Северна Македонија.
Холандскиот амбасадор не е единствениот што ги тргна „дипломатските ракавици“.
„Видовме во неколку случаи на висока корупција одредени шаблони на однесување со повторување на судењата и пресуди, што влијае на застарување на случаите. Тоа е загрижувачки. Можеби има оправдувања за тие индивидуални случаи, но целокупната практика е загрижувачка. Во исто време гледаме случувања во Судскиот совет, со канцеларијата за Организиран криминал и корупција, кои исто така креваат прашалници“,
вели Дејвид Гир – амбасадор на ЕУ.
Владата во Скопје, која се декларира за проевропска, не остана нема. Прстот го впери во правосудството и на маса го врати повеќепати споменуваниот – ветинг. Што, всушност, се заговара?
Ветинг, според едно објаснување, е процес на проверка на нечие минато пред на таа личност да ѝ се понуди вработување, додели награда или слично. Таква проверка може да се направи и за луѓе што веќе се на одредена функција.
По средбата со лидерите на владините коалициски партнери пред две недели, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека разговарале и за ветингот кој, според него, треба да биде процес што ќе даде ефекти.
„Во рамки на Комисијата за политички систем, во рамки на Собранието, ќе се отвори расправа и ќе се формира група која ќе работи на изработка на решение со учество на експерти и со покана до соодветни експерти од Европската Унија“,
изјави Ковачевски.
На состанокот, прашањето за ветинг го отворила пратеничката и претседателка на ДОМ, Маја Морачанин, која вели дека тоа бил и услов за да ја поддржат реконструкцијата на Владата при влезот на Алијанса за Албанците. ДОМ поддржува поширок ветинг, но сметаат дека треба да се почне од правосудниот систем.
„Навистина е многу важно да успееме да воспоставиме принцип на владеење на правото, неселективна борба против корупцијата и организираниот криминал. И затоа сметаме дека навистина е потребна потемелна и порадикална реформа во правосудството, а тоа е ветингот, односно реевалуација и проверка на стручната работа, на потеклото на имотот, на интегритетот на судиите и обвинителите“,
вели Морачанин.
Морачанин верува дека земјава има луѓе со интегритет кои ветингот би го спровеле на објективен начин и на кои јавноста ќе може да им верува.
„Сметаме дека најдобро ќе биде да се формира независно тело кое ќе ја спроведува оваа реевалуација или проверка, но мора да се обезбеди дека тоа тело ќе биде навистина независно, стручно, професионално и танспарентно и предлагаме, за навистина сите да имаат доверба во овој процес, да не се смета дека е некој политички реваншизам или нешто што кај нас вообичаено се случува, да биде вклучена меѓународната заедница“,
додава таа.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ даваат поддршка за ваков процес, но велат дека тој треба да ги опфати и политичарите.
„Пред да ни се случи ветинг во судството, нам треба да ни се случи ветинг на политичари од минати и сегашни генерации и нивните семејства зашто какви и да имаме судии, ако имаме криминал што се амнестира, а имаме во државата, имаме судии кои се корумпирани, а имаме и такви во државата, ние не можеме да го прочистиме“,
смета Никола Мицевски – пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Но, ВМРО-ДПМНЕ нема верба дека ветингот би можел да се спроведе за време на актуелниот владин мандат.
„Па, оваа влада нема кредибилитет да го направи тоа затоа што испитувањето на јавното мислење укажува на тоа дека високата корупција доаѓа од високите политички и бизнис-елити што се контролирани од владејачкото мнозинство и луѓе блиски до владата. По промената на оваа власт, ВМРО-ДПМНЕ има механизми и начини да го отпочне овој процес со сите релевантни чинители во државата“,
вели Мицевски.
Во најголемата владејачка партија, СДСМ, велат дека е потребна добра анализа со сите препораки на Европската комисија, Венецијанската комисија и на Советот на Европа за процесот да заврши успешно.
„Во овие посебни препораки од Венецијанската комисија е наведено дека кога ќе се спроведува ветингот како инструмент, не треба да остави впечаток и перцепција во јавноста дека е политичка пресметка, туку, напротив, дека точно ќе се утврди една временска рамка која мора да биде строго дефинирана, каде што ќе биде определено во кој период, кој процес и кои се тие институции што тоа ќе го спроведат во овој период“,
вели Викторија Аврамовска Мадиќ – заменик-министерка за правда и претседателка на Надзорен одбор на СДСМ.
Од СДСМ велат дека засега не е утврден моделот на ветинг – дали ќе се прават измени во постоечки закони или ќе се носи нов закон, дали процесот ќе се одвива преку Собранието или преку работна група во Министерството за правда и кој ќе го прави самиот ветинг.
Кој модел и да се избере, планираат процесот да се заврши до крајот на нивниот мандат.
„Подобро опозицијата да се вклучи сега во многу подобри процеси, па дури и во овој процес, па своите мислења и ставови нека ги произнесе тука, бидејќи ние не разговараме за процес кој ќе биде политички, туку правиме процес кој ќе биде државнички“,
додава Аврамовска Мадиќ.
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) сметаат дека е потребен, како што велат, целосен ресет на системот и предлагаат поширок ветинг.
„На пример, полиција, со закон да се направи еден целосен ветинг и во полицијата освен политиката, судството и јавното обвинителство. Но, имаме конкретно решение. Мислам дека ден порано или подоцна ќе дојдеме на ова за што ДУИ се залага повеќе години“,
вели Арбр Адеми – пратеник од ДУИ.
Конкретното решение за кое зборува Адеми е предлог-законот за Агенција за проверка на носителите и кандидатите за носители на јавни функции што во 2020 година го поднесоа во Собранието. Велат дека се подготвени тој предлог-закон повторно да го достават бидејќи, според нив, е добра основа.
„Сме имале повеќе прилики каде што јавно сме ги повикувале сите политички партии, како што и за други теми можеме да седнеме и да поразговараме, и за ова законско решение да седнеме да поразговараме. Отворени сме за други предлози, а исто така и во амандманската расправа за некое подобро решение, евентуелно, кое би ја зацрвстило оваа наша заедничка цел – ресет на целосниот систем“,
смета Арбр Адеми – пратеник од ДУИ.
Од Алијанса за Албанците сметаат дека само со квалитетен ветинг може да профункционира правна држава. Но, покрај поддршката што ја даваат за процесот, предупредуваат и на ризиците.
„Ние сме многу сериозно заинтересирани за ветингот, но подеднакво сериозно сме заинтересирани да не преземеме никаков чекор или одлука што на крајот би се покажала како авантуристички потег, бидејќи имавме два обида за кои се сеќавам во моментов, тоа беше оној со Специјалното јавно обвинителство, кој за жал се покажа како неуспешен обид, а претходно го имавме прашањето за лустрација кое, за жал, заеднички констатираме дека и тоа е нешто како неуспех“,
смета Ремзи Мехмеди – пратеник од Алијанса за Албанците.
Мехмеди повикува на внимателност за да се избегне можно парализирање на правосудните институции.
„Ако претпоставиме дека имаме одреден број судии и обвинители за кои во текот на процесот на ветинг ќе се покаже дека не се достојни да ја вршат таа функција, ќе се соочиме и со тешкотијата на празни места во правосудниот систем кои се и онака празни. Според статистиката што ја имаме, покриени се само две третини, односно една третина од местата во судството се испразнети од различни причини“,
додава Мехмеди.
Од земјите во регионот, Албанија спроведува ветинг од 2016 година, за кој многумина упатени сметаат дека не ги дава посакуваните ефекти. Ветингот кај нашиот сосед ги „испразни“ повеќето правосудни институции и парализира дел од нив. На пример, меѓу оние што не ги поминаа проверките на соодветните тела беа и шест од девет уставни судии, вклучително и претседателот, а институцијата не фунционираше повеќе од две години. Ветингот во Албанија е пролонгиран до 2024 година.
ИЗВОР: 360stepeni.mk