Џафери за единството на кое повикува Мицкоски: Ако е против други заедници, ниту може да се дозволи ниту може да функционира

2 mins read

Додека Мицкоски вели дека е подготвен на пакт со сите некриминализирани структури само за ДУИ да оди во опозиција, Џафери на новинарско прашање дали по изборите би коалицирале со ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека во политиката никогаш не се вели никогаш

Фото: Принтскрин / ТВ21

Претседателот на Собранието Талат Џафери (ДУИ) вечерва во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 посочи дека ако единството на кое повикува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е насочено против други заедници ниту може да се дозволи ниту, пак, може да функционира.

„Ако контекстот на единство се предвидува без други заедници, не знам како тоа би се реализирало. Во себе треба да имаат единство. Тие имаат големи разлики за државните позиции. Во ред би било да имаат инклузивно единство, унапредувајќи го она што е интерес на државата. Ако се позиционираат против другите заедници, тоа единство ниту може да се направи, ниту да се дозволи, ниту може да функционира. Историски е докажано дека тоа не може да се направи“,

порача Џафери.

Во однос на ВМРО-ДПМНЕ, во емисијата тој одговараше и на прашање дали е можна коалиција на ДУИ со оваа партија по избори, па рече дека во политиката никогаш не се вели никогаш.

„Хипотетички не може да се зборува во дефинитивна форма, во политиката нема дефинитивна форма за последователни прашања бидејќи тоа не е работа за која одлучуваат политичките субјекти. Последователните прашања по изборите се прашања за кои се разговара во партиските тела и тоа не зависи од конкретната позиција што мисли денес Талат Џафери како претседател на Собранието, бидејќи ние го немаме тоа овластување. За среќа или за жал, декларации не се даваат и менуваат секој ден, а во политиката тоа е основна работа која никогаш не се кажува во дефинитивна форма“,

рече Џафери.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, деновиве испрати неколку пораки дека ДУИ по 20 години на власт треба да помине во опозиција.

За ова зборуваше и во емисијата „360 степени“ во петокот (2 јуни) кога на прашањето „дали е сè уште жива идејата за предвремени избори по кои би се формирала широка влада“, кажа дека тој е за влада во која „ќе имаме едно широко македонско национално единство“, бидејќи во овој момент имаме влада во која има сè, само нема македонско единство.

Прашан дали тоа значи влада на „ВМРО-ДПМНЕ плус СДСМ минус ДУИ“, тој рече дека тоа ќе го одредат граѓаните на изборите, но доколку се прашува ВМРО-ДПМНЕ, редно време е по 20 години ДУИ да помине одреден период во опозиција. Тој не е убеден дека ДУИ ќе победи кај етничките Албанци, според бројките со кои располагаат во ВМРО-ДПМНЕ.

Вечерва на партиска трибина во Велес тој повторно зборуваше за оваа идеја и објасни дека е подготвен на пакт со некриминалните сегменти од сите партии и од општеството.

„Ќе направам сè за ДУИ да оди во опозиција и подготвен сум да направам пакт за национално и државно единство со сите некриминализирани сегменти во државата од која било провениенција, само за ДУИ после 20 години власт да оди во опозиција. И ова не го зборувам затоа што на овој начин сакам да го градам својот и рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ како што тие луѓе од раководството на ДУИ јавно зборуваат. Ова го зборувам затоа што верувам во тоа. Кога тие ќе заминат во опозиција, ќе ѝ се раздени на Македонија. Кога тие ќе заминат во опозицијата, ќе нè биде. Повторувам, ова е пакт за национално единство со некриминализирани сегменти од општеството“,

рече Мицкоски.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

(ВИДЕО) Власта најави ветинг, ама не се знае ниту кој ќе проверува ниту кого ќе проветрува

Следно

Меџити за разрешениот Јовев: Стануваше збор за злоупотреба на работното време

Latest from Blog