Македонската полиција ги упатува бугарските државјани да чекаат во колоната во нивните возила
Македонската полиција на граничниот премин Деве Баир не пропушта бугарски државјани, бидејќи, како што официјално соопшти МВР, компјутерскиот систем на граничните премини е паднат и засега е отежнат влезот во Македонија. Се пропуштаат само итни случаи.
Ова предизвика револт кај група од 50-тина Бугари кои со навреди, недолично однесување и закани реагираат и бараат да бидат пуштени да одат на гробот на Гоце Делчев во Скопје.
„Ова е ненормална работа, ниту сме со бомби ниту сме Авганистанци. Ние сме жители на Европската Унија. Си го продадовте името на Грција за пет стотинки“,
викаат тие и бараат да им биде кажано кога ќе бидат пуштени да ја поминат границата.
Македонската полиција ги упатува бугарските државјани да чекаат во колоната во нивните возила.
Бугарскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев потврди дека на граничниот премин „Деве Баир“ има проблем со пропуштањето бугарски државјани и додаде дека има листа со бугарски државјани на кои нема да им биде дозволен влез, но како што посочи таа листа не е голема.
„Целосна информација во однос на пропуштањето на бугарските државјани на границата и во каков степен тоа одговара на преземените ангажмани од страна на властите во Северна Македонија ќе има кон крајот на денот“,
рече Демерџиев.
Тој планира да ги почека оние Бугари, кои сакаат да положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев, за да може заедно со нив да ја одбележи годишнината од раѓањето на Делчев.
Снимката е од Виктор Стојанов од „Фондација Македонија“.
ИЗВОР: 360stepeni.mk