(ВИДЕО) Сакам ти да ми бидеш мајка – сторија за згрижувачките семејства и згрижените деца

November 11, 2023
7 mins read

Во Македонија има над 600 деца кои живеат во околу 360 згрижувачки семејства. За хуманиот гест, згрижувачите добиваат помош од државата. За општо згрижувачко семејство, таа изнесува од 18 000 денари за дете, кога е згрижено едно, до 12 000 денари месечно за секое дете, кога се згрижени максимално дозволените пет деца

Во последните две години, откако постои Центарот за поддршка на згрижувачките семејства, затворени се осум згрижувачки семејства. Немале случај на малтретирање или насилство, но имале ситуации кога детето не напредувало и не го добивало потребното внимание, што било причина за одземање на згрижувачкото право

Куќата на семејството Петрови од Скопје е во мирен и тивок дел од населбата Кисела Вода. Такво е и петгодишното девојче кое од пред шест месеци живее со нив. Покрај своите три деца, Даниела се одлучила да згрижи уште едно. Две од биолошките деца се веќе возрасни, додека третото, најмалата ќерка Дарија, има осум години. Па, иако на почетокот им било необично со уште еден член во семејството, девојчињата станале неразделни.

Прво им беше чудно, не им се веруваше како може такво нешто, ама сега веќе ја прифатија и премногу ја сакаат.Имате поддршка? –Да, од сопругот, тој често е на пат, ама тука е. И од ќерката, таа посебно живее ама не е никаков проблем, јас се справувам добро со нив,“

вели Даниела Петрова, згрижувачка на дете.

Мотивацијата да згрижи дете, вели Даниела, ја имала одамна.

Сакав многу одамна, затоа што јас имав контакти со деца од дом, во околината каде што живеев порано. Ги слушав нивните приказни колку беа тажни. Па си викав зошто и јас да не помогнам макар на едно детенце.“

раскажува Петрова.

Двете девојчиња уживаат во заедничките игри. Ја делат собата, играчките, облеката. Додека Дарија е на училиште, помалото девојче оди во градинка.

Дарија повеќе сака да оди на балет, да пее, да снима пред камера многу сака да биде, додека другово девојче што е кај мене, тоа многу сака топка. Сака да вежба, по цел ден надвор ја носам, кога и е досадно вежба, трча. Можам да кажам од сите деца тука во паркот е најбрза. Никој не може да ја стигне“

вели згрижувачката.

Даниела Петрова, згрижувачка на дете

Но, периодот на адаптација не бил лесен. Со многу љубов и посветеност некои трауми успеале да ги надминат, раскажува Даниела. Сепак, помислата дека може да биде одземена и преместена на друго место, за малата е еден од најголемите стравови.

„Сакам тука! -Па тука си кај мене, никој не те зима. Ти си моја ќерка веќе готово, не те давам јас. Со Дарија заедно ќе растете, заедно се. Може ли? Нели така се договоривме? Ти сакаш јас да ти бидам мајка? Ете јас ќе ти бидам. Може нели, да пукне! – Сакам тука! Тука ќе бидеш, не одиш никаде. – Сакам цел ден! Цел ден, ихиии додека да пораснеш“,

беше дел од разговорот меѓу згрижувачката и детето згрижено во нејзиното семејство.

Многу предизвици има. Мислев дека тие деца се како нашиве исто, може секако со нив. Но, не било така, има многу работа со нив. Ова дете кај мене што е, беше истрауматизирано и се уште и траат некои моменти, но полека веќе нема,“

додава Петрова.

Семејството на Даниела го посетивме со социјалните работници од Центарот за поддршка на згрижувачките семејства „11 октомври “. Заради заштита на идентитетот, не го откриваат ниту името, ниту минатото на ова девојче.

Тоа е само едно од околу шестотини деца сместени во згрижувачки семејства во земјава. Според податоците од Министерството за труд и социјална политика, во Македонија има 360 згрижувачки семејства.

Во зависност од тоа дали станува збор за родниниски релации, за деца со попреченост или деца жртви на насилство, згрижувањето може да биде општо, роднинско, специјализирано, повремено или интервентно.

За овој хуман гест, згрижувачите добиваат помош од државата. За општо згрижувачко семејство, таа изнесува од 18 000 денари за дете, кога е згрижено едно дете, до 12 000 денари месечно за секое дете, кога се згрижени максимално дозволените пет деца.

Роднинските згрижувачки семејства добиваат од околу 12 илјади денари за дете, кога е згрижено едно дете, до шест илјади денари месечно за секое дете, кога се згрижение максимално дозволените пет деца. Сместувањето во специјализирано згрижувачко семејство се плаќа од 21 000 денари за дете, кога е згрижено едно, до 19 илјади денари за секое дете, кога се згрижеини максимално дозволените две деца.

На ниво на целата држава постојат три центри за поддршка на згрижувачките семејства – Јавната установа Детски дом „11 Oктомври“, СОС Детско село и Јавната установа Дом за доенчиња и мали деца Битола.

Центарот со кој раководи Ана Панчева опфаќа најголем регион и има најмногу корисници. Освен општите услови кои треба да ги исполнува, потенцијалниот згрижувач мора да помине обука, а се прави и проценка на личните предиспозиции и условите во домот.

Голем показател за нас како лица кои ги проценуваме потенцијалните згрижувачи е дали тие се со завршено образование. Кој е степенот на нивното образование, каков однос имаат кон воспитно –образовниот процес. Дали се школувани или се школуваат нивните биолошки деца. Во тој процес на нивна проценка, многу ни се битни информациите. За тоа какви се нивните релации и односи во потесното семејството, какви релации имаат со поширокото семејство, какви се брачните односи и релации како ги надминуваат брачните предизвици, каков однос имаат кон нивните деца“,

вели Ана Панчева, раководител на Центарот за поддршка на згрижувачките семејства „11 октомври“.

Ана Панчева, раководител на Центарот за поддршка на згрижувачките семејства „11 октомври“

Доколку се погледнат податоците за бројот на деца сместени во згрижувачки семејства, најмногу има во Скопје.

Па од Министерството за труд и социјална политика побаравме статистика за бројот на деца на училишна возраст по општини.Не изненади податокот дека најмногу има во општини кои не важат за особено богати: Шуто Оризари, Гази Баба и Чаир.

Ако во останатите триесетина општини за кои добивме податоци има од 10 до 15 деца на училишна возраст, во овие три општини бројката е за четири до пет пати поголема. Дали можеби е присутен феноменот – сиромашни семејства да згрижуваат деца поради парите од државата?

„Најголемиот процент на деца кои се згрижуваат во семејства се исто така деца кои потекнуваат од ромската националност, па можеби и оттука бројот е тука некаде поголем од причина што најчесто во Општина Шуто Оризари и делумно во Чаир се семејстав кои што се од ромската етничка заедница и кои можам да кажам дека се побројни од останатите и дека навистина мораме да го признаеме нивното значење во системот, бидејќи тие ни се ресурс секогаш кога имаме потреба да згрижиме дете. Условите и стандардите за грижа ќе повторам дека се задоволени од сите аспекти“,

потенцира Панчева.

На прашањето како службите се сигурни дека нема злоупотреби во згрижувачките семејства, Панчева вели дека спроведуваат ненајавени контроли, а реагираат и на дојави кога има индиции за негрижа.

Понекогаш може да е тоа сигнал кој ќе ни го даде училиштето каде детето учи, бидејќи не одиме ние само во семејствата, туку квалитетот на грижа го проверуваме и со комуникација и соработка со училиштата, предучилишните установи, па некогаш и матичните лекари, од каде добиваме информации каква е таа грижа

објаснува Панчева.

Во една ненајавена посета заедно со социјалните работници бевме и ние, кај општо згрижувачко семејство во Тетово. Мајката е згрижувачка околу две години и во моментов кај неа се сместени три деца.

Две од згрижените деца се на возраст од 11 и 13 години и се биолошки браќа. Тие во моментот на посетата беа на гости кај роднина, па во домот беше единствено девојчето кое неодамна наполнило една година. Прославата за роденденот беше една од темите на разговор со службите, а се распрашуваа и за здравствената состојба на детето.

Вакцините ги прими?- Да сега кога ќе прави 18 месеци, таа уште и остана. Уште таа да, друго се е во ред. Сакам во градинка да ја запишам, ама  нешто не можам. -Прв ваков случај им е дете од згрижувачко семејство, меѓутоа би требало кај и да е во текот на овој месец и тоа да го средиме,“

е дел од разговорот меѓу социјалните работници и згрижувачката.

Мајлинда има уште две свои биолошки деца кои веќе се тинејџери. Вели дека од нив и од сопругот има голема поддршка и дека таа била пресудна за да стане згрижувач.

Мајлинда Трајановска, згрижувачка на деца

„Преку телефон видов на јутјуб едно дејче. Таа имаше 20 и нешто години не знам и кажа како проаѓала од дом, сфаќаш, и мене ми беше многу жал. Една другарка дошла и вика јас вака и вака, слушав како жал за нивни деца нема. Ние сме мајки, ама наши деца добри ме сфаќаш, а друго немаат никој. И после таа вика можеш и ти да земеш деца. Викав ајде да земеме јас и ти, кога ќе ги правиме документите? Ама ќе видам. Не ајде да ги правиме документите, побргу. И направивме документите, отидов на обука“,

раскажува Мајлинда Трајановска, општ згрижувач.

Таа досега има искуство со згрижување на четири деца. Првото девојче кое го чувала е веќе посвоено. Па, разделбата од децата и е една од најтешките теми.

Тоа најтешко. Да можеш да се јавиш, да можам да зборам со неа, само да знам малку, ме сфаќаш, може и ќе ми пројде. Многу ми е тешко. И сега ми е тешко. – Немате контакт? – Не. Многу тешко“,

вели Трајановска.

Стручните тимови од Центарот за поддршка им се достапни за помош на згрижувачите 24 часа, а по потреба доаѓаат и на посета. Задолжителните контроли ги прават на четири месеци.

„Кога доаѓаме во домот првично забележуваме условите дома, хигиената, што ни остава впечаток. Потоа со самиот разговор со згрижувачката ги кажува сите детали околу децата, доколку одат на училиште, доколку не одат, доколку се во градинка, здравтсвената сосотојба на децата. Одреден предизивк со кој се соочува доколку има, тие се основни детали кои се гледаат на увидот“,

вели Марина Христовска, социјален работник во Центарот за поддршка на згрижувачките семејства „11 октомври“.

Ова семејство е еден од најдобрите примери на згрижувачки семејства. Децата растат со родителска љубов и многу внимание, а тоа е и целта на згрижувањето велат од Центарот.

Марина Христовска, социјален работник во Центарот за поддршка на згрижувачките семејства „11 октомври“

Сепак, во последните две години откако постои Центарот за поддршка, затворени се осум згрижувачки семејства. Немале случај на малтретирање или насилство, но имале ситуации кога детето не напредувало и не го добивало потребното внимание, што било причина за одземање на згрижувачкото право.

Не е згрижувањето само да обезбедиме постела, кров над глава, храна, нели и да оди во школо и да се врати. Туку токму згрижувањето и згрижувачките семејства постојат да детето се чувствува како во своето биолошко семејство. Тоа дете по ништо да не се разликува од другите деца во неговото одделение. Да му е обезбедено буквално се,“

порачува Панчева.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

ДУИ: Извештајот на ЕК ја докажува нашата посветеност на патот кон ЕУ

Следно

Абас: „Израел и сите кои го поддржуваат се целосно одговорни за убивањето на секое дете, жена и Палестинец“

Latest from Blog

Лоши вести за Македонците со бугарски пасоши

Поранешниот градоначалник на село Рилци, Благоевградско – Живко Чукарски, ја призна вината и склучи спогодба со Окружното обвинителство во Благоевград за сторено документирано кривично дело поврзано со незаконско регистрирање на државјани од

Минчев: Платите во администрацијата се мали, но бараните 30 отсто додаток се премногу

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, вчера најави дека вработени од шест министерства, како и од Државниот завод за статистика (ДЗС), во

ВИДЕО: Во престрелка убиен водачот на „лешинари“, добро познат на јавноста

Во бањалучкиот ресторан „Стара Ада“ вечерва дошло до пукање, а на терен се полиција и брза помош, пренесуваат српските медиуми. Според медиумите, во престрелката е убиен Дејан Костиќ- Дела, еден од водачите

„Фајненшл тајмс“ дознава за конкретните барање на Путин на преговорите со Трамп за Украина

На можните преговори со Доналд Трамп за окончување на војната во Украина, рускиот претседател Владимир ќе бара НАТО да се повлече од границите со Русија до позициите што воената алијанса ги имала

Утре почнува Вевчанскиот карневал

  Утре започнува „Вевчанскиот карневал“, чија традиција и годинава ќе биде продолжена со неговото одржување од 12 до 14 јануари. Според најавите покрај главното дефиле на маските ќе има и  забавно музичката
Go toTop