(ВИДЕО) Отказот на единствената инспекторка им го продолжил животот на дивоградбите во Гази Баба

4 mins read

Отказот бил даден набргу по смената на власта по локалните избори 2021 година, вели актуелниот градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски од ВМРО-ДПМНЕ. А без градежен инспектор, дополнува градоначалникот, локалната власт не можела редовно ниту да запира ниту да урива дивоградби

Така, продолжен е животот на многу дивоградби во Гази Баба. Локалната власт, во меѓувреме, се обидува да стигне до нов инспектор. Сѐ што е направено во последниве две години против дивоградбите во општината е со „позајмен“ инспектор од други општини

Овој објект зад поликлиниката во Ченто ниту приближно не е кандидат за категоријата големи дивоградби, барем по скопски стандарди. Тоа што го прави интересен е што градбата веќе трета година е посилна од двајца градоначалници. Во 2021 година рушење на објектот најавуваше тогашниот прв човек на Гази Баба од редовите на СДСМ.

„На Општината не ѝ преостанува ништо друго освен два последователни чекори после опомената и решението за прекин на градбата, а тоа е решение – наредба за отстранување на градбата од самиот инвеститор или решение со кое Општината ќе го отстрани објектот наместо инвеститорот“,

рече поранешниот градоналник на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски.

Георгиевски од СДСМ замина, а веќе две години Општината ја води кадарот на ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Стефковски. Прво, цел септември не можевме да дојдеме до одговор од општинската администрација. Дури неколку недели подоцна дочекавме јавен настан на Бобан Стефковски. На нашето прашање даде исто ветување како неговиот претходник – законот ќе се спроведе доследно.

Во таа насока, ќе се реализира отстранување на сите дивоградби кои се започнати надвор од законските процедури и за коишто имаме соодветни пријави“,

рече Стефковски.

По ова ветување, дојде и покана од градоначалникот – да објасни како дивоградбата зад Поликлиниката „Ченто“ го преживува и неговиот мандат.

Вака изгледаше во мај 2021 година… Вака во јули 2021 година… А вака изгледа денеска објектот зад поликлиниката „Ченто“, за кој сите знаат дека е подигнат без одобрение за градба и тоа на државно земјиште. До 2020 година на местото имало привремени објекти кои служеле за разни намени. Кон крајот на таа година, инвеститор го заградува местото и почнува да гради. Актуелниот градоначаник Бобан Стефковски објаснува дека за локацијата имало барање, но не за градба туку за реконструкција.

Сопственост на одредени бараки имале одредени лица кои поднеле соодветна документација за да добијат решение за реконструкција на тие објекти. Општина Гази Баба во 2020 или 2021 има издадено таков документ. Меѓутоа, би го нарекол инвеститорот, наместо да си ги реконструира постоечките објекти, тој ги срушил комплетно и започнал со изградба на објект кој е поголем од првичните размери коишто постоеле и за кои имал решение за реконструкција“,

кажа Стефковски.

Човекот што гради е жител на општината – Исни Адеми. Тој ги купува објектите во 2020 година од Чедо и Душан Филиповски, кои ги продаваат набрзо откако успеваат да ги легализираат. Притоа, земјиштето останува во сопственост на државата.

Кога почнува т.н. реконструкција, тогашните власти во Гази Баба, на чело со градоначалникот Борис Георгиевски од редовите на СДСМ, изјавуваат дека Општината издала решение за престанок за градба кое инвеститорот очигледно не го испочитувал, по што е донесено и решение за рушење. Инвеститорот се жалел и го добил спорот пред второстепена комисија. Во тој период на власт доаѓа новиот градоначалник, Стефковски. Но, вели тој, само што го почнал мандатот, единствениот градежен инспектор во Општина Гази Баба дал отказ.

Тогаш доаѓа до магичниот круг кога инспекторката од само нејзе позната и лични причини поднесува отказ од своето работно место, односно, од како што можам да разберам, да не продолжи да постапува за предметите за кои, претпоставувам, претходно имала информации детални и претпоставувам дека одреден нејзин претпоставен дотогаш пробувал успешно да ги менаџира овие проблеми. Јас останувам без градежен инспектор, законската регулатива вели дека треба да вработам соодветно лице кое треба да биде една година на работно место за да ги исполнува условите за да полага за лиценца. Во месец октомври лицето ги положи тие испити, чекаме да се стекне со лиценца“,

кажа Стефковски.

Бобан Стефковски – градоначалник на Општина Гази Баба

Стефковски се сомнева дека претходните општински власти не биле премногу заинтересирани за отстранување на диво изградени објекти.

-Kажете ми дали би поднеле вие кривична постапка против нив, бидејќи тие имаат направено кривично дело со тоа што не се постапувало, дали ќе се одлучите на таков чекор?

Јас досега имам во неколку наврати и јавно соопштено дека имам поднесено повеќе поднесоци до надлежни институции за раководењето, во тој дел имаме поднесувано и за Законот за градење итн.

Но, додека дивоградбата кај поликлниката во Ченто опстојува, со објаснување дека нема инспектор, лично градоначалникот Бобан Стефковски присуствуваше на рушење друга дивоградба во неговата Општина – конкретно во село Инџиково. Како е можно за едното место да има, а за другото да нема инспектор?

Изминатиов период побаравме помош и од другите општини, една скопска општина ни излезе во пресрет, ни овозможи користење на услуги на нивниот инспектор но само во рок од три месеци бидејќи имаат надлежна и соодветна обврска во нивните општини. Неколку предмети се веќе завршени и додека беше тој тука, имавме отстранување на 2 објекти досега, и кога нашиот инспектор ќе добие лиценца ќе продолжи да постапува кон сите предмети за кои имаме активна пријава во О. Гази Баба“,

изјави градоначалникот.

Набргу откако беше урната дивоградбата во Инџиково, Стефковски јавно кажа дека лицата кои граделе на државното земјиште секојдневно му се заканувале по живот. Го пријави случајот, а Јавното обвинителство отвори предмет.

Дали имате закани конкретно за дивоградбава во Ченто?

За оваа немам, не сум имал закани ниту пак сум имал контакт со лицето што гледаме дека градело, но се водат постапки во повеќе институции и локалната самоуправа ќе постапува согласно со други институции за доследно спроведување на законот.

Дивоградбата зад Поликлиниката Ченто не е единствената во Гази Баба. Во Обвинителството се води предмет за повеќе други објекти, во кој е можно да се опфатени и вработени во општината. МВР и обвинителството, за 360 степени, не сакаа да споделат многу детали. Стефковски беше малку поотворен.

Немам информации кои се се опфатени од локалната самоуправа, она што ние како општина постапуваме е по поднесени барања, сите материјали се доставуваат со цел да се води постапката. Не знам дали има лица кои биле вработени во општината, но дел од раководството имам информации дека се опфатени во оваа постапка.

Дел од претходното раководство?

Да.

Бобан Стефковски признава дека во моментов не го знае точниот број на дивоградби во Гази Баба, поради големината на општината. Како тогаш да се решат, кога е тешко и да се избројат? Предлогот на Стефковски е сличен на идејата на неговиот колега од Општината Центар, Горан Герасимовски од СДСМ.

„За веќе изградени објекти што го имаме на територија на Гази Баба и во Градот Скопје и целата држава, да се размислува да се промени законската регулатива со цел објектите кои се изградени да не се постапува кон уривање туку кон конфискација од страна на државата, а потоа да се намени за потребите на локалната самоуправа и за државата…Ние оваа тема би ја отвориле и на ЗЕЛС, со сите градоначалници да ја поразговараме и доколку сите се согласиме, донесеме одреден заклучок, тој понатаму би го упатиле до надлежни институции, со цел да се направи промена на законската регулатива“,

изјави Стефковски.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Двојни или одвоени избори? – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на различни позиции

Следно

Николовски порача нема коалиција со ДУИ, и испрати сигнал до опозицијата – Меџити: Наш партнер се гласачите, немаме стратешки партнер кај Македонците

Latest from Blog

КАРЛЕУША ОВА НЕ ГО ОБЈАВУВА НА ИНСТАГРАМ: Пејачката уловена од туристи на плажа во Дубаи, минијатурната танга не и заврши работа да покрие тоа што требаше (ФОТО)

Јелена изгледаше многу задоволно, а нејзиниот изглед предизвика воздишки кај многумина. Во бикини кое го открива