(ВИДЕО) Можно ли е план стар 18 години да биде решение за нов Клинички центар?

4 mins read

Тим од домашни и експерти на НАТО во 2005 година направиле проект со кој требало тогашната Воена болница да се трансформира во цивилна. Проектот бил поддржан од Норвешкиот комитет за помош

Дел од домашниот тим била и Ратка Куљан-Зографска, во тој период директорка на Гинекологија Чаир и државна секретарка во МЗ, Ратка Куљан-Зографска. Таа до денес го чува мастер-планот и порачува – предлог-решението може да биде добра основа за нов Клинички центар да се состави на просторот помеѓу сегашната Градска општа болница и Поликлиниката Букурешт

Нов клинички центар на местото на постојниот најави екс-министерот за здравство Никола Тодоров на прес-конференција во Владата во 2017 година. Рече дека би чинел околу 72 милиони евра.

„Објектот ќе се состои од едно подземно ниво, приземје, девет ката и современ хелиодром за транспорт на пациенти на десеттото ниво. Новиот клинички ќе овозможи врвен третман на пациентот и негово олеснето движење и удобност во рамки на објектот“,

рече Никола Тодоров – министер за здравство (19.5.2017г.)

Неполна година подоцна, од истото место и на истата тема, говореше друг министер за здравство. Венко Филипче најави дека ќе се гради нов клинички центар, но во скопската населба Бардовци. Идејата на Тодоров не го решавала сообраќајниот хаос.

„Дел од земјиштето е државно. Има таму изработено еден Детален урбанистички план. Сигурно дека ќе треба да се преземат чекори да се расчистат имотно-правните односи. Станува збор за парцела која има големина од 84 хектари“,

рече Венко Филипче – министер за здравство (9.3.2018г.)

Само неколку месеци подоцна министерот се премисли. Новата потенцијална локација беше во близина на скопската обиколница.

„Станува збор за земјиште кое е во непосредба близина на Злокуќани и се простира и лево и десно од оваа населба, а секако е под обиколницата“,

рече Венко Филипче – министер за здравство (8.10.2018г.)

Никола Тодоров, Венко Филипче и Христијан Мицкоски

Но, цената на чинење на предлогот на Филипче од околу половина милијарда евра беше причина за опозициската ВМРО-ДПМНЕ, сега предводена од Христијан Мицкоски, да не дозволи да се изгласа законот. Имаа свој предлог.

„Реконструкција и модернизација на клиничкиот центар „Мајка Тереза“, изградба на ковид-центар и спојување со поранешна воена болница, сегашна „8 Септември“ и поранешна романска болница и формирање на еден ургентен клинички центар и инвестиции во три универзитетски клинички болници како што се болницата во Штип, Битола и Тетово“,

вели Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ (8.5.2021 г.).

Од неколкуте идеи во последниве години до денес не се реализираше ниту една.

„Мастер план, Воена болница – Скопје“

Поранешна државна секретарка во Здравство и директорка на Гинекологија – Чаир, Ратка Куљан Зографска, порачува – предлог-решение има од пред 18 години.

Примерок од мастер-планот што ја има Куљан-Зографска

Во 2005 година тим од домашни и експерти на НАТО направиле проект насловен „Мастер план, Воена болница – Скопје“ со кој требало воената болница да се трансформира во цивилна. Проектот бил поддржан од Норвешкиот комитет за помош.

Во тимот била и Ратка Куљан Зографска, пензиониран гинеколог, поранешна директорка на гинекологија „Мајка Тереза“ – Чаир, поранешна пратеничка во Собранието од СДСМ и државна секретарка во Министерството за здравство.

Ратка Куљан-Зографска – поранешна државна секретарка во Министерство за здравство и пратеничка во Собранието

„Во групата беа двајца нивни експерти. Јас бев од градска гинекологија, д-р Стојчевски – хирург, директорот на Воена болница, потоа неколку членови од Градска болница, онаа што се наоѓа во центар. Работевме околу година дена“,

вели Ратка Куљан-Зографска.

Таа вели дека местоположба и околината на поранешната Воена, а сега Општа градска болница „8 Септември“, е идеална за да се создаде нов клинички центар.

„Тоа е меѓу булеварот Илинден и булеварот Партизански одреди, поредени се воената болница, клиниката на Жан Митрев и поликлиниката. Има тука и други објекти, но воглавно тие би го составиле новиот клинички центар.“

– Зошто овој потег, оваа местоположба, сметате дека е добра за нов клинички центар?

„Заради тоа што се наоѓа во центарот, а не во епицентарот како што е сега. Мислам дека е достапна за сите луѓе и таа локација сите луѓе ја познаваат.“

– Зошто овие објекти се толку погодни?

„Затоа што се веќе градени за болници. Се избегнуваат пари за експропријација, се избегнува пари за градење, си остануваат на место само се составуваат заедно“,

смета таа.

Трансформацијата на овој комплекс во ургентен клинички центар беше предлог на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

„Не го знам нивниот план, но секако би го вклучила во овој план. Тие можат да се спојат. Нека има повеќе мислења. Подобро ќе биде“,

рече Куљан-Зографска.

Таа не се согласува со последниот предлог на актуелната власт – нов клинички центар да се гради кај скопската обиколница.

„Прво, идејата на Владата што се викаше физибилити студија помина во физибилити стадиум. Јас велам – Филипче помина во физибилити стадиум. Тој имаше несреќа да се случи ковид-епидемијата и застана на физибилити стадиум. Не верувам дека на истото место може да се изгради клинички центар. Тој треба да е во центарот на градот, но не во епицентарот. Мислам дека треба да се помести малку понатаму“,

вели таа.

Но, на терен има разноликост во сопственоста на парцелите на потегот на кој Куљан Зографска смета дека треба да биде распослан новиот клинички центар. Прво е воената болница, потоа клиниката на Жан Митрев. Ова земјиште е на бизнисменот Сергеј Самсоненко и семејството Камчеви. Следува поликлиника „Букурешт“ и бензиската пумпа на Макпетрол. Што со приватните имоти на двајцата бизнисмени и д-р Жан Митрев?

„Треба прво тоа да се реши. Треба тој да дозволи и да сака да биде во склоп на клиничкиот центар и понатаму да си остане менаџер на болницата, и понатаму да доаѓаат доктори од странство и да работат во неа како што е и сега, а имотно-правните односи ќе си ги разрешат институциите што се за тоа надлежни. Јас не можам да ви го кажам тоа“,

вели Куљан-Зографска.

Таа смета дека користењето на објектите во сегашниот клинички центар „Мајка Тереза“ веќе е неиздржливо и за пациентите, и за вработените.

„Во скоро време на мои пријатели, блиски луѓе, им помогнав да влеземе во Клиничкиот центар по нивна потреба и ги видов сите недостатоци на стариот клинички центар. Прво, се прави сообраќаен прекршок на секој што влегува внатре. Се вози попречно по улицата, мора да се прекине. Второ, секоја болница од нив, кои се одвоени, има само еден влез и излез, што значи дека. Бевме во една од хируршките клиники. Ходникот на клиниката беше претворен во болнички простор во кој луѓе примаа инфузија“,

раскажува таа.

Кога е правен планот што го презентира Ратка Куљан-Зографска, неизграденото земјиште во квартот меѓу Воената болница и поликлиниката Букурешт беше во државна сопственост, со исклучок на бензинската пумпа. Во јуни 2009 година, тогашниот премиер Никола Груевски соопшти дека Воената болница ќе се трансформира во градска општа болница, а градска хируршка болница Св. Наум Охридски во ургентен центар за градот Скопје. 

Веќе следната, 2010 година, Жан Митрев ја купи парцела за болница од државата на јавно наддавање организирано од Министерството за транспорт. Подоцна беа отуѓени и другите парцели. Но, засега, само Митрев изгради објект.

– Ако некој ви го побара овој мастер план, поради некоја причина, можеби некој ќе реши да го реализира, ќе го дадете?

„Зависи кој ќе го побара. Ќе го дадам ако имам доверба. Ако не постои друг примерок, а се обидовме да го добиеме, тогаш овој мастер план ќе биде чуван“,

рече таа.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Мажите јуначки се повлекоа од кујните

Следно

Kолони возила заглавени на Табановце уште од утрово: За излез од Македонија се чека и над половина час

Latest from Blog