(ВИДЕО) Медиумска (не)писменост: Пионерски обиди да се одлепиме од европското дно

6 mins read

Да се биде писмен, повеќе не значи само да знаеш да читаш и пишуваш, објаснува универзитетската професорка Виолета Петроска-Бешка. На Европскиот индекс за медиумска писменост за 2023 г. Северна Македонија е рангирана на 39. место од 41 држава

Медиумската писменост стана дел од наставата по мајчин јазик во 2021 година, со новата концепција за основно образование. Тоа значи дека само дел од основците имаат поминато дел од програмата

Наставничката Арта Садику-Актеши го почнува часот по мајчин јазик за третооделенците во Основното училиште „Имри Елези“ во скопски Чаир. Но, нејзиното прво прашање до учениците навидум нема директна врска со предметот што го предава.

Настава по медиумска писменост во основното училиште „Имри Елези“, Општина Чаир

Кој ќе ми каже од вас, ама право без да лаже, колку часови го користи телефонот преку ден? Абдула?

-Два часа.

Аник ти колку часа го користиш телефонот?

-Два часа.

Ајман, ти колку време го користиш телефонот?

-Десет часа.

Десет часа!? Што се случува овде?

е дел од разговорот на часот по албански јазик за третоодделенците од О.О.У „Имри Елези“.

Разговорот беше само вовед во следната задача – учениците да препознаат и изберат меѓу примери за одговорно и неодговорно користење на мобилните уреди.

Повеќето ученици ја завршија задачата брзо и без проблем.

Денеска учевме за мобилните телефони, колку да ги користиме и како“,

вели еден од учениците.

Со нашата наставничка учевме дека кога јадеме не треба да ни биде блиску телефонот и дека кога доаѓат гости и кога читаме не треба да ни биде телефонот блиску, треба да го оставиме на страна“,

рече ученичка од трето одделение.

ученици во ООУ „Имри Елези“, Општина Чаир

Лекцијата за мобилните уреди, всушност, е дел од програмата по мајчин јазик. Во неа е предвидено и изучување на медиумска писменост.

„Сега го реализиравме првиот час, ни останаа уште 14 други часови кои ќе ги употребиме во текот на учебната година. Која е целта? Целта е да ги освестиме децата и учениците за правилното користење на дигиталните уреди, да се свесни информациите кои ги добиваат од таму да бидат точни. Да ги научиме да ја гледаат информацијата со критичко око и со логика. Бидејќи не се на социјалните мрежи, во медиумите е позитивно. Ги имаме и негативните страни, кои кај децата влијаат негативно,“

потенцира Арта Садику Актеши, наставничка по одделенска настава во ООУ „Имри Елези“, Општина Чаир.

Арта Садику Актеши, наставничка по одделенска настава во ООУ „Имри Елези“

Медиумската писменост стана дел од наставата по мајчин јазик во 2021 година, со новата концепција за основно образование. Во погорните одделенија се изучува и во рамките на други предмети.

Универзитетската професорка Виолета Петроска-Бешка, која е дел од работната група за изготвување на рамката за медиумска писменост, на презентација одржана на почетокот на октомври посочи неколку примери од националните стандарди што треба да се постигнат.

„Ученикот прави разлика помеѓу проблематични и поучни информации во медиумските содржини. Се бара тоа да го научи во трето одделение. Или да објаснува преку пример како содржините во медиумите влијаат врз емоциите на корисниците – еден аспект од медиумска писменост. Да идентификува манипулативни содржини во медиумите. Тоа го бараме да може да го прави на крајот од третото одделение,“

објаснува универзитетската професорка Виолета Петроска-Бешка.

Виолета Петроска-Бешка, универзитетска професорка

Според Бешка, потребата за воведување медиумска писменост во училиштата е лоцирана одамна. Ако порано за писмен се сметал некој што знае да чита и пишува, подоцна да чита и пишува со разбирање, денес тоа не е доволно.

„Што е писменост во современи услови? Да знаеш тие информации што доаѓаат преку медиумите да можеш да ги анализираш. Да пристапиш прво до нив, да знаеш да ги анализираш, да прифатиш што е веродостојно, што неверодостојно. Да знаеш да правиш разлика, да не дозволиш да те манипулираат медиумите преку реклами од најразлична природа. Значи, писмен си ако веќе разбираш како функционира медиумскиот свет и на кој начин може тоа да се злоупотребува и, се разбира, да се употребува.“

порачува Петроска-Бешка.

Токму во моментов се работи на тестирање на медиумската писменост на младите во земјава. Го прават заедно Државниот испитен центар и меѓународната организација за развој и образование ИРЕКС.

Директорот на ИРЕКС Дејан Докузовски објаснува дека тестирањето е спроведено кај третодделенците, а се прави пробно и во петто одделение.

Медиумската писменост е само еден дел. Да бидам искрен, нашата држава подолго време работела на читање со разбирање, критичко размислување – тоа се сегменти кои постојат подолго време. Медиумската писменост сега се воведува како дополнителна област и во следните фази на ПИСА се воведува. Се воведува во сите наши тестирања. Државниот испитен центар буквално креираше една целина, не само да ги разбере навиките на нашите основци – колку време поминуваат на интернет, социјални медиуми, како ги користат овие алатки, туку и да видиме какво е нивното разбирање, како ги примаат информациите, како успеваат да ги пренесат, да ги разговараат со своите врсници, со своите родители и сл.“

вели Дејан Докузовски, директор на проектот на УСАИД за медиумска писменост.

Дејан Докузовски, директор на проектот на УСАИД за медиумска писменост

Додека се чекаат резултатите од домашното, податоците од регионалните истражувања се аргумент плус за воведувањето на медиумската писменост во образованието.

Во јуни Институтот отворено општество – Софија го објави последното издание на веќе редовниот – Европски индекс на медиумска писменост. Од вкупно 41 држава, Северна Македонија е на 39. место, а зад нас се само Косово и Грузија. И тоа е напредок, бидејќи лани земјава била рангирана на 40. место. Од соседните земји, Албанија е рангирана на 38. место, Бугарија на 35., Србија на 31., а Грција на 29. место. Колку една земја е подолу на листата, толку е поподложна на негативни последици од лажни вести.

Индекс на медиумска писменост, Институт за отворено општество-Софија

„Медиумската писменост ни овозможува да се снаоѓаме со фотографии, текстови и видеа, весници, радио, телевизија, медиуми и интернет-портали.“

„Мислење е верување или гледиште. Фактот е податок.“

„Фактите се податоци што може да се проверат и докажат дали изнесеното тврдење е точно или неточно.“

велат дел од учениците во петто одделение ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, Општина Кисела Вода.

Настава по медиумска писменсот во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, Општина Кисела Вода

Со дефиницијата за медиумска писменост, основците според новата концепција се запознаваат во петто одделение. Меѓу првите лекции, учениците учат за видови медиуми, а потоа се очекува да прават разлика помеѓу факти и мислење, како и проверка на точноста на информациите.

Една таква вежба добија петтодделенците од училиштето „Кирил Пејчиновиќ“ во скопска Кисела Вода. Наставничката Весна Бошковска на часот по македонски јазик им даде задача да одредат кои од примерите се факти, а кои мислења.

Водно е планина што се наоѓа на југот од главниот град на Македонија, Скопје. Дали е стварно? Факт е? До Скопје е блиску? А Водно е убава планина? – Мислење!

е дел од вежбата на часот по македонски јазик.

За часот да биде поинтересен, учениците добија уште една задача – да истражат дали наведените факти се точни.

„Реката Вардар тече низ градот Битола. Најдовме дека не е точно. Бидејќи е факт, ние проверивме на Гугл дали е тоа точно и најдовме дека не е точно,“

вели еден од учениците.

„Требаше да истражиме дали е факт или мислење. За Охридското езеро дека има просечна длабочина од 155 метри – тоа е точно, а најголемата длабочина од Охридското езеро е 388 метри, тоа не е точно. Туку точното е 288 метри

вели друг ученик во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“.

На речиси сите часови по медиумска писменост, предвиден е практичен дел кој го поттикнува критичкото мислење кај учениците, вели наставничката Бошковска.

„Медиумска писменост имаме уште часови каде учениците треба сами да креираат медиумски пораки, понатаму треба да истражуваат, ќе учиме за дезинформации. Да знаат кога една вест е дезинфомрација. Постојат повеќе чекори за проверка на веродостојноста на информациите. Може веродотојноста да ја провериме преку слики и мора да научат дали информацијата која ја прочитале има свој автор, има извор, од кого е споделена.“

вели Весна Бошковска, наставничка по одделенска настава во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, Општина Кисела Вода.

Весна Бошковска, наставничка по одделенска настава во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, Општина Кисела Вода

Бошковска и Садику-Актеши се дел од наставниците кои веќе поминале обука за медиумска писменост. Со поддршка од Министерството за образование и Бирото за развој на образованието, обуките ги спроведуваат ИРЕКС и Македонскиот институт за медиуми.

„Сметавме дека процесот на вклучување на медиумската писменост во основното образование треба да започне од наставниците. Тие треба да бидат медиумски писмени, да го разбираат концептот на медиумска писменост, да ги разбираат темите за да можат тоа ефикасно да им го пренесат на учениците на час,“

вели Весна Никодиноска, виш раководител на програми во МИМ.

Опфатени се над осум илјади наставници.

Минатата година беа спроведени обуки за наставниците од 2 и 5 одделение за околу 3 000 наставници, а годинава, од втората половина на септември продолжуваме со обуки на наставниците од 1 до 9 одделение, поточно, ги обучуваме наставниците од одделенската настава и наставниците по мајчин јазик од шесто до деветто одделение“,

додава Никодиноска.

Весна Никодиноска, виш раководител на програми во МИМ

Во средното образование процесот оди побавно, а од лани медиумската писменост се изучува и на дел од педагошките факултетите во земјава – некаде како посебен предмет, а некаде во состав на постоечките.

Иако етапно и бавно, медиумската писменост очигледно веќе го зазема местото во формалното образование.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Миликије Халими нова директорка на АД Аеродроми

Следно

Елон Маск: „Старлинк“ ќе го поддржи поврзувањето на меѓународните организации за помош во Газа

Latest from Blog

7 мај – ден на полицијата

Централната прослава беше во паркот кај авиончето во општина Аеродром  На одбележувањето на Денот на македонската