(ВИДЕО) Кога домашната работна сила се извезува, а странска недоволно се увезува

5 mins read

Ни се допаѓало тоа или не, наскоро ќе мора да се увезуваат работници од странство – велат бизнисмени од земјава. Предвидувањата се дека за неколку години недостигот на работна сила ќе биде толкав, што сериозно ќе влијае на производството и полнењето на државниот буџет и здравствениот фонд. И додека државата прави планови за зголемување на квотата за увоз на странски работници, домашната работна сила продолжува да се постројува за извоз

Секоја година бројот на вработени во текстилната индустрија во земјава се ситни за три отсто.

„Не можеме да ги замениме работничките кои ни одат во пензија, затоа и опаѓа вкупниот број на работници, затоа што нема интерес“,

вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Работна рака недостасува речиси во секој сектор – од градежници, заварувачи, возачи, до комерцијалисти, па и програмери. Затоа, работодавачите бараат Владата да ја зголеми квотата за увоз на работна сила од странство.

„Ќе дојде ред и ние да мораме да ѝ погледнеме на вистината во очи и да кажеме – луѓе, ни се допаѓа или не ни се допаѓа, мораме ние да вработуваме луѓе од надвор. Затоа што, ако ние тоа не го направиме, верувајте за период од 10 до 15 години ќе имаме страшен пад на производството, на буџетот, ќе нема од каде да се полни и ќе имаме проблем со исплатата на пензии, на здравствените работници, на образованието итн“,

додава тој.

Ангел Димитров – Организација на работодавачи

Странски работници и досега доаѓале во државава, а Агенцијата за вработување е еден од филтрите што ги одобрува нивните ангажмани. Секоја година интересот е сè поголем – ако во 2000 имало околу 3 700 барања, лани бројот се искачил до околу 5 300 барања по различни основи. Годинава, само во јануари, поднесени се 347 барања.

Квотата за увоз на странска работна сила годинава изнесува 5 000 – исто како и лани. Странците бараат дозвола за работа како армирачи, тесари, градежни работници, пекари, но има и менаџери и директори. Дел од работниците секоја година ги продолжуваат претходно обезбедените ангажмани.

Најмногу работни дозволи им се издадени на Турци, Срби, Косовци и Албанци. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи неодамна изјави дека веќе имаме работници од Индија во автомобилската индустрија и потсети дека на автопатот Кичево -Охрид работат Кинези. Битиќи најавува широка консултација на оваа тема, но вели рано е да се каже за колку би се зголемила годишната квота.

„Наредните недели ќе отвориме цела една дискусија со организациите на работодавачи и стопанските комори, да видиме дали и кои сектори се најпогодени и како тоа треба да го насочиме, недостигот на работна сила биде контролирано, ако веќе треба да имаме увоз на работна сила и да видиме дали може да се олеснат одредени процедури, за да не влеземе низ административниот лавиринт и проблеми коишто можат да наидат, затоа што сметам дека само така економијата во одредени сектори можеме да ја задржиме на конкурентна основа.

360°: Зошто работниците не ги барате од редот на невработените во државава, туку од странство?

Прашањето е одлично, јас сè уште велам дека да, нашите граѓани секогаш треба да бидат на прво место, но фактот е дека активните баратели на работно место коишто се регистрирани во Агенција за вработување, нивните вештини и знаења не секогаш соодветствуваат со работните места кои се креирааат. Ако тоа можеме да го надокнадиме со увоз на работна сила, сегашните наши сограѓани да ги доквалификуваме за да бидат повисоко платени, зошто тоа да не го направиме, тоа е нашата цел“,

вели Битиќи за „360 степени“.

Фатмир Битиќи – вицепремиер за економски прашања

И додека се подготвува зголемување на странската работна сила, домашната е построена за извоз.

Ова е презентација на ланец хрватски хотели на Јадран кои бараат персонал за работа во Македонија.

„Сакавме да дојдеме во Скопје затоа што имаме добро искуствосо работници од Македонија оти веќе 5-6 години доаѓаат кај нас на работа, секоја година сè повеќе луѓе и тука исто има работници што ни се враќаат неколку години“,

вели Никица Стражичиќ од групацијата „Јадрански луксузни хотели“ – Хрватска.

А меѓу заинтересираните се луѓе со различна возраст и професии.

„А зошто да не? Мислам дека е одлична можност, да прошетаме, да заработиме.“

„Просто, нема можности и тоа е тоа. Ставени сме на милост и немилост да се снаоѓаме сами, што ќе правиме. Значи, јас сум дипломиран професор по англиски јазик. Кажете ми што да правам?“

„Мојата иднина ја гледам во странство со младите луѓе. Зошто? Затоа што мислам дека повеќе ќе се снајдам.“

„Нема пари овдека. Работев осум месеци сега и во Србија, таму е поплатено од овдека. Овдека работиш за 300 евра, таму работиш, се знае, повеќе можеш. Борба за живот.“,

велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Здравко Јосифовски од независна угостителска комора лично сведочеше како Хрватска регрутира работна рака од земјава.

„Јас можам комотно да кажам дека добар готвач во Македонија зема поголема плата и од министер и од претседател и од премиер. За поздравување е секоја одлука, за секој еден млад човек којшто сака малце да прошета по светот, да научи друга култура, да се стекне со нови знаења и искуства и факт е дека тој човек сигурно нема да остане таму во таа сезонска работа, туку ќе се врати и повторно решението за понатамошниот живот ќе го бара на локално ниво, сем во случаи кога се одлучуваат трајно да ја напуштат државата“,

вели Јосифовски.

Тој бара државата да воведе построги правила на игра.

„Веднаш, во моментов, државата треба да реагира и треба да направи некојa конференција, регионална, да ги покани барем тие држави што планираат да ни го повлечат кадарот од повеќе индустрии, без разлика дали е тоа ЕУ, Германија, дали е тоа Хрватска, Грција или која било друга држава и да воведе нови правила и принципи, во коишто ќе каже дека сите краткорочни вработувања ќе мора да одат преку привремени вработувања од локални агенции, односно преку државата и на тој начин државата да обезбеди за тие луѓе дека примаат европска плата што ја заслужуваат, меѓутоа придонесите да се плаќаат во државата. Затоа што греота е вие да работите во странство, да остварувате нивни приходи, а да користите бенефити од државата како што се здравствено осигурување и други работи што ви се овозможува со вашето државјанство како Македонец“,

порачува Јосифовски.

„Јас се согласувам дека во одредена мера, ние имаме доволно потпишани меѓудржавни договори со скоро сите земји на Западен Балкан, па и пошироко, во коишто ги штитиме и работничките права и работниците, но и инвестициите како такви. Сметам дека секој предлог којшто би требало да ги унапреди правата, особено којшто задира во сегментот на човекови права, кадешто се и работничките права, сметам дека можеме да го разговараме“,

вели Битиќи.

Домашните работодавачи се жалат и на нелојална конкуренција. Димитров вели дека од три отсто луѓе што заминуваат од текстилната индустрија, еден процент одат во директните странски инвестици за малку поголема плата.

„360°: Зошто вие не ги понудите платите што ги нудат фирмите во ТИРЗ?

Не може да ги понудиме затоа што ние немаме повисока додатна вредност од нив. Ние работиме слична работа со нив и имаме слична додатна вредност. Дали ќе шиете вие некој производ од машка или женска конфекција или ќе шиете навлака за седишта, таму нема разлика во додатна вредност. Разлика има во тоа што он добива ослободување од даноци и придонеси, а тие придонеси изнесуваат 6 000 денари по човек. Он од тие 6 000, трите илјади ќе ги даде на нашиот работник, ќе го земе кај него, а трите илјади ќе ги стави во џеб. Значи, ние со нашите пари, што ги плаќаме нашите придонеси и даноци, сами се уништуваме на еден начин или ги намалуваме нашите работници“,

вели Димитров од Организацијата на работодавачи.

За вицепремиерот Битиќи, реалноста е поинаква.

„И домашните компании ги имаат истите олеснувања. Ние имавме Закон за за големување на плати во којшто, 100 посто, ај да не кажам, 99 посто беа домашни компании коишто ги користеа поволностите 3 години. Ние за секое зголемување до 6 000, ги плаќавме 100 посто придонесите на компаниите, некаде отприлика 20 000 компании тоа го користеа секоја година, наназад три години. Во овој момент, имаме по законот за зголемување на минимална плата, исто така, поддршка на компании коишто ја зголемиле минималната плата. Поволностите, велам, е само мит. Во реалноста не е така“,

смета Битиќи.

Тоа што има движење на работната сила во ниедна економија не се смета за лош тренд, вели Битиќи и порачува дека причината за одливот е можеби во односот на работодавачите кон работниците и вреднувањето на нивниот труд.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Што знае вештачка интелигенција што се 100 милијарди долари

Следно

Туркије: Рударите спасија 26-годишна жена 201 час по земјотресот

Latest from Blog