(ВИДЕО) Како напредна дивоградбата близу Старата скопска чаршија

February 7, 2023
4 mins read

Продолжуваме да го следиме развојот на настаните во врска со огромната дивоградба што почна да никнува кај Старата скопска чаршија. Градоначалникот на општина Чаир Висар Ганиу, во чија надлежност се случувањата на спорната парцела, гарантираше дека ќе ги запре сите нелегални активности, но на терен видливо е дека градењето напредувало. Ганиу вели дека сѐ се случило за краток период, а дури и да се изгради цел кат, на крајот тој ќе го руши

Пред две недели „360 степени“ објави дека никнува огромна дивоградба кај Старата скопска чаршија. Прво тампон со песок, па истоварање градежен материјал – во период од дваесетина дена почнаа да се гледаат контурите на објектот, иако Општината нема издадено одобрение за градба.

„Имаше пријава и ние постапивме одма, видовме дека габаритот не се совпаѓа во тие метри квадратни и одма ги прекинавме работните дејствија таму.

360°: Јас ве разбирам, меѓутоа, непосредно пред празнициве таму работеа багери повторно, а ако се погледне сликава внимателно, како се става песок веќе, подлога некоја.

Тоа со инспекторатот дополнително ќе го гледам“,

кажа Ганиу во претходната наша сторија.

Изјавата на градоначалникот на Чаир е снимена на 18 јануари, а сторијата ја емитувавме на 24-ти. Кога на 30-ти повторно проверивме што се случува на парцелата, ја затекнавме оваа слика.

Дивоградбата напредувала, Фото: 360 степени, 30.01.2023 година

Дивоградбата дополнително напредувала наспроти тврдењата на Ганиу дека нема да се дозволи такво нешто.   

„360°: Кажете ми, градоначалник, како може од 18 јануари кога јавно велите дека нема да дозволите да се гради, до 30 јануари ваква промена да има на терен, односно да е почната дивоградбата?

Тој ден кога ние го направивме интервјуто, како што гледав и во емисија, после тоа вие сте направиле слика.

360°: Истиот ден.

Истиот ден, да. Фактички, тој ден ние не сме биле на терен и не сме знеле дека се гради. Утредента сме имале колегиум и сме имале состанок со секторот за урбанизам, каде јас побарав моиве инспектори да одат и да го мониторираат тоа место, бидејќи може да има луѓе што би сакале да продолжат. Утредента ја добивам таа втората слика, што вие сте ја сликале на 30-ти. Ние, значи, тој ден одиме херметички го затвораме тој објект, тој ден одиме плус со полиција, сите дејствија ги прекинуваме. Од работниците бараме кој е инвеститорот. Инвеститорот се појавува во Општина и значи согласно закони течат и другиве постапки, а од тој ден, фактички од 19 натаму никој нема влезено таму и пак, како градоначалник, ве уверувам дека таму нема да се гради тоа што некој мисли дека може да го гради. Многу сум дециден во тоа.

360°: Значи на 19 сте излегле на терен, така?

Да.

360°: Како е можно од 18 јануари до 19 јануари да се случи ова?

Тоа е прекршок на инвеститорот.

360°: А, притоа, велите дека нема да се гради.

Да, па и пак велам.

360°: Ама пак, значи и покрај тоа што сте кажале – се гради.

Ама јас пак ви велам. Тоа еден ден се случувало. Таму пак е прекинато и овој ден фактички не може ништо да гради. Он може на црно да изгради и еден кат, но ние пак имаме механизми и да го рушиме тоа. И ќе го рушиме. Јас пак велам од моја страна дека тој објект нема да се гради.

360°: Сега ќе го рушите ова малку што е изградено?

Да, да, да.

Кога?

360°: Па, велам дека процедурите се, како што налага Законот за градби, така ги бараме процедуриве, ние сигурно дека ќе побараме и да се отстрани тоа што е направено. Ако не го прави он со добра волја, тогаш ние мора да интервенираме со нашиов инспекторат.

360°: Сега кој гарантира дека не се гради во моментов додека снимаме?

Јас ви гарантирам дека не се гради“,

вели Ганиу.

Тој ден на терен навистина беше мирно.

Како што веќе објавивме, според Деталниот урбанистички план, на ова место има маркичка за градба, но јамата што зјае е во многу поголем габарит од предвиденото. Според податоците од Катастарот, конкретната парцела е во сопственост на Исљам З. од скопското село Копаница. Првата пријава до Општина Чаир дека се гради на диво е уште во октомври, кога е донесено решение да запрат сите активности. Повторно инспектор излегува на терен по првото интервју на градоначалникот за „360 степени“.

„360°: Да сумираме, значи, ниту побарал ниту добил дозвола?

Не побарал. Да побарал, ќе добиел дозвола колку што е дозволено и предвидено според ДУП, бидејќи и ние како општина не можеме да искочиме од тоа. Тој проект треба да помине и други филтри по други институции, па на крај да се комплетира целава документација за јас како градоначалник да го потпишувам тоа“,

појасни Ганиу.

Спроти дивоградбата е познатата чајџилница „Пал“. Сопственикот не сакаше да си прави проблем со соседството, а и гостите беа со оскудни коментари за опкружувањето во кое го дегустираат чајот.

„Не, воопшто не нè интересира тоа.

360°: Како не ве интересира, секаде на диво се гради?

Нека градат.

Прашајте ги тие буџованите таму што го дозволуваат тоа, тие што го дозволуваат тоа, тие што го дозволуваат тоа, тие нека се прашаат.

360°: Знаете дека и спроти чајџилницава има дивоградба?

Знаеме сето тоа, ама тие што земаат пари тие не прашуваат ако треба ќе ти гради во свое место објект“,

велат гостите.

„А, не, немам коментар јас. Има одговорни коишто можат да одговараат за тоа“,

кажа друг муштерија во чајџилницата.

„Нема кој да реагира, дива лига е. Што ќе правиш, така е“,

прокоментира трет.

Урбано дивеење не се случува само во Чаир, но специфичната тежина на овој потег е во тоа што граничи со една од најголемите знаменитости на градот, Старата чаршија. Таму изминатиов месец помина и Државниот градежен инспекторат, но директорот Фатмир Арифи вели дека е надлежен за чаршиското јадро, додека контактните зони што граничат со чаршијата се во ингеренции на општините – дел на Центар, дел на Чаир.

Општинските градежни инспектори на Чаир и Центар секојдневно да го контролираат теренот на чаршијата и да се воведе ред во овој урбан простор кој ја претставува нашата традиционална архитектура и градежништво. Како наша сугестија е да започнат со контактната зона Мавровка, каде имаме индиции за почеток на ископ на градежна јама без одобрение за градење.

Градоначалникот Ганиу уверува дека теренот е под постојан мониторинг.

„Тоа е наша надлежност и пак ве уверувам дека таму нема да се гради. Тоа е ден-два, човекот градел на црно и затоа ќе носи консеквенции.

360°: Кога последен пат инспектор беше на терен?

Вчера и ми кажа дека никој ништо не градел. Имаше само една молба, некоја машина внатре била, имал право да влага да ја зема и тоа е тоа.

360°: Господине Ганиу, дали имате притисоци за да се гради на ова место?

За овде?

360°: Да.

 Не, лично не. Ниту дошле кај мене. Првиот записник што го правиме е непознат инвеститор бидејќи таму никој не се појавуваше, а во вториот кога ја видовме таа слика, тогаш човекот се појавил во општина кај секторот за урбанизам“,

тврди Ганиу.

Станува збор за лицето од имотниот лист за спорната парцела – Исљам З. од Копаница. Дали ќе ја почне и ќе ја изоди процедурата за добивање одобрение, колку општината ќе ги исполни ветувањата дека нема да дозволи градење на диво и дека ќе го урне дивоизграденото досега – продолжуваме да следиме.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Ако имате играно за 755 милиони долари, вие не сте среќниот добитник

Следно

Татко и ќерка спасени од урнатините 32 часа по земјотресите во Туркије

Latest from Blog

СДСМ: Мицкоски прави де фокус од проблемите во ВМРО-ДПМНЕ, не може тој да зборува за „квалитет на кадри“

Христијан Мицкоски е последниот кој може да зборува за „квалитет на кадри“. Во неговите редови има луѓе осудени за криминал, лица кои се под истраги од институциите и личности чиј углед е

Лефков: Владата на ВМРО-ДПМНЕ има направено уредување што претходно никогаш не било направено, граѓаните од Кочани имаат само една цел – реалокација односно затворање на депонијата

„Колега Крмов, благодарам најпрво за грижата меѓутоа очигледно е дека позади оваа грижа стои интерес како да се освојат ситни политички поени на еден проблем кој што е навистина горлив и на

Петкоска: Ќе се формира претпријатие за регионална депонија во Новаци, што ќе донесе решение и за Буково

Ве информирам дека задутре во советот на Општина Новаци е закажана седница на која ќе се формира Претпријатие за регионална депонија и врз основа на таа одлука сите општини ќе може да

Порошенко: Третата светска војна веќе почна

Поранешниот украински претседател Петро Порошенко изјави дека иако украинските партнери стравуваат дека војната против неговата земја може да прерасне во трета светска војна, тие треба да се разбудат бидејќи, како што наведе,
Go toTop