(ВИДЕО) Како МВР „се затрупа“ во ѓубре – битка за хигиена или за тендери?

6 mins read

Пасошко (во МТВ) деновиве го затекнавме преплавено од ѓубре. МВР ѝ ги раскина договорите на фирмата што за 7,5 милиони евра требаше три години да ги чисти сите полициските простории во земјава. Засегната компанија, пак, обвинува за конкурентски и лични апетити, а од Министерството одговараат – имаше поплаки и сè е законски. Погледнете го видеото

Скалите до познатото „пасошко“ во МТВ се едни од најфреквентните во Скопје. А, до „пасошко“ изминатиов месец се стигнуваше преку отпушоци од цигари, хартии и корпи преполнети со отпадоци. Додека граѓаните пополнуваа формулари за лични документи, под нозе газеа на неизметен под. Вработените, пак, биле принудени сами да ги чистат и работните простории и тоалетите, за што јавно реагираше Синдикатот на македонска полиција.

„Се водат битки буквално, се водат битки за тендери додека вработените се жртви сега и треба да го трпат тоа и да бидат изложени на опасност по здравствената безбедност и мислам тоа мора да се надмине. Нас не не интересира таа битка која се води за превласт на тие тендери. Нас не интересира да се зачува здравствената безбедност на вработените и да прекине ова вознемирување и одржување на хигиена од полициски службеници“,

вели Дејан Саздов од Синдикат на македонска полиција.

Саздов ни покажа и наредба од помошник-командир до полицајци – после смена, сами да си го исчистат ѓубрето. Тој вели дека состојбата е таква од 6 октомври, а нивните информации се дека еден началник се пожалил на одржувањето на хигиената, по што е раскинат целиот тендер со фирмата за одржување чистота.

„360: Верувате дека причината е што еден раководител се пожалил на услугата од компанијата?

Па, видете, вака гледано излегува банално, значи стварно ако е така како што ја имаме и ние таа информацијата, дека ради една организациска единица, началник на таа единица се пожалил од работата на тоа лице определено за хигиената како недоволно ја извршувало својата работа или, пак, не оставил тоалетна хартија или средство за хигиена кое било потребно да се остави, банално е сега поради тоа, на грбот на сите вработените, жртви да бидат вработените, да се прави превласт или повод за еден тендер да се раскине за да се добие некој друг“,

кажа Саздов.

Дејан Саздов

Дента кога го снимавме Саздов, во „пасошко“ кај МТВ повторно имаше отпушоци од цигари на секој чекор, но за разлика од претходно, кантите беа испразнети. Ова, според него, се должи на доброволна акција на вработените. Но, остана да виси прашањето – како ги снема хигиеничарите во МВР?

На 29 јуни годинава Министерството за внатрешни работи склучило 14 договори за одржување хигиена во 14 различни организициски единици на МВР. Сите поединечни договори се склучени со фирмата „ИНФИНИТИ КЛИНИНГ ГРОУП“ од Скопје. Станува збор за рамковни спогодби чија вкупна вредност изнесува 7,5 милиони евра со вклучен ДДВ. За тие пари фирмата требало да чисти три години.

„ИНФИНИТИ КЛИНИНГ ГРОУП“ ги добила сите 14 делови од тендерот затоа што понудила најниска цена. А за некои делови од тендерот имала конкуренција и од по 10 фирми. „ИНФИНИТИ“ ги чистела просториите на МВР и во периодот 2021-2023 година, но тогаш не успеала да го добие и делот што ги опфаќа објектите на МВР во Скопје, кои се сметаат за најголеми. Вкупната вредност на таа рамковна спогодба изнесувала 2,2 милиони евра.

„Од моментот на доделување на рамковните спогодби добивме неофицијални податоци дека по иницијатива на некој од нашите конкуренти, на целосно незаконски начин, МВР оформило извесна комисија која е задолжена за следење на реализацијата на рамковните спогодби“,

кажаа од фирмата.

Од „ИНФИНИТИ КЛИНИНГ ГРОУП“ велат дека тие информации не им биле товар бидејќи, тврдат, го почитувале договорот. Се додека не почнале да стигнуваат известувањата за раскинување на договорите и активирање на банкарските гаранции.

„Она што остави голем печат на сомнение во нечие коруптивно и незаконско дејствување беше фактот што до тогаш ниту усно ниту писмено сме добиле забелешка за нашето извршување на услугите, а основот за раскинувањето е извесен извештај од Оддел за криминалистичка полиција, кој воопшто не ни е доставен во прилог“,

велат од фирмата.

Фирмата ни достави и контролни листи за јули, август и септември годинава со кои началниците потврдуваат добро извршена услуга.

На 2 октомври пак, началниците доставуваат до фирмата известувања за едностран раскин на договорите, врз основа на Извештајот на криминалистичка полиција, кој покажал дека немало заменски хигиеничари при користење годишен одмор и боледување и дека не се менувале крпите, сунѓерите и џогерите.

„Станува збор за груби злоупотреби на надлежностите и овластувањата кои ги има МВР. Нормално, тое е направено за остварување на извесни конкурентски и лични апетити, но неспорно дека е целосно надвор од она што е законски утврдено. Како потврда на индициите само ќе посочиме да се има во предвид моменталната постапка за преговарање која МВР во моментот ја спроведува и да се утврди кој ќе добие најголем удел и единечна цена за извршувањето на услугите и се ќе биде јасно“,

велат од фирмата.

Од „ИНФИНИТИ КЛИНИНГ ГРОУП“, сепак, не кажаа на кого алудираат кога обвинуваат дека целиот случај е за да се задоволат „извесни конкурентски и лични апетити“. Достапните информации нудат само претпоставки.

Работата што до скоро ја вршеше „Инфинити“ сега ја преземаат шест различни фирми, па обвинувањата може да се однесуваат на која било од нив. „Инфинити“ има специфична поврзаност со нивната замена која сега добива најголем дел од колачот за чистење во МВР – фирмата „Ланд-сервис“. Пред да ја отвори „Инфинити“ во 2019 година и набрзо да почне да добива тендери, газдата Влатко Колев го печел занаетот и бил управител на компанијата „Ленд-сервис“. На местото на Колев, во „Ленд-сервис“, управител сега е поранешен началник во СВР Скопје.

За сите дилеми и прашања за тендерот прашавме и во МВР. Одговори на даде помошникот на министерот за односи со јавноста.

360°: Ангеловски, зошто е раскинат договорот со фирмата за чистење во МВР?

Во изминатиов период имаше низа поплаки околу одржувањето на хигиената во просториите на МВР. Исто така, утврдено е непочитување на рамковните спогодби коишто беа потпишани со операторот кој ги извршуваше овие дејствија и поради тоа тие рамковни спогодби се раскинати. Веднаш по раскинувањето, поведена е итна постапка, од крајна итност и веќе се потпишани 14 рамковни спогодби со 6 економски оператори. Значи, веќе фактички проблемот е надминат и овие оператори ги вршат работите.

360°: Велите имало поплаки, меѓутоа, началниците во изминатиов период на фирмата на месечно ниво и доставувале, контроли листови ги викаат, дека немаат забелешки на нивното работење.

Видете, МВР има голем број објекти коишто ги одржувала оваа фирма и има низа поплаки за кои секако постојат извештаи, постојат документи, така што, врз база на тие поплаки, утврдени неправилности, непочитување на договорите е раскината соработката.

360°: Од она во што ние имавме увид, раскинувањето на договорот е врз основа на Извештај од Одделот на криминалистичка полиција. Зошто криминалистичка полиција е ивнолвирана во ваков тип на спорови?

Видете, раскинувањето на договорите е врз база на утврдени неправилности. Се разбира ние како МВР не можеме да дозволиме неисполнување на обврските кои биле преземени од другата страна. Токму поради тоа е раскината соработката“,

вели Тони Ангеловски, помошник – министер за односи со јавност во МВР.

Тони Ангеловски

Фирмите кои го добија тендерот спроведен со директно преговарање и без објавување оглас, се: „БИГОР“, „СТЕД КОМЕРЦ“, „СЕРТА“, „СИТИ АУТСОРСИНГ“, „ТЕХНО-ЧИСТ“ И „ЛАНД СЕРВИС“. Договорите се само за три месеци, за што МВР ќе потроши околу 600 000 евра. Половина од сумата или 318 000 евра одат за фирмата „ЛАНД СЕРВИС“, која ги доби деловите од тендерот за објектите на МВР во Скопје.

Од избрканата „Инфинити клининг“ тврдеа дека ќе се утврди чии се конкурентските и личните апетити кога ќе се види – кој ќе преземе најголем дел од нивната работа.

360°: Фирмата со која го раскинавте договорот меѓу другото забележува дека ова е направено за остварување на извесни конкурентски и лични апетити…

Апсолутно невистина. Доколку фирмата којашто го имала договорот ги почитувала своите обврски, доколку ја испорачуваше онаа услуга за којашто се нафатила да ја испорачува, се разбира дека немаше да биде раскинат договорот.

360°: Малку е симптоматично, бидејќи од една страна началниците велат во контолните листови дека е во ред услугата, од друга страна, пак, има извештај дека не ја испорачувале услугата, наеднаш, по брза постпака се распишува нов тендер.

Вака сега, значи, не е наеднаш. Ние мораме да го решиме проблемот, не може да останеме, никој да не го чисти МВР. Значи, веднаш кога е раскината оваа спогодба, ние сме обврзани да поведеме постапка од крајна итност, со цел да не се ствара проблем во функционирањето. Се е постапено како што налагаат законите, потпишани се рамковни спогодби, и операторите сега веќе може да ја вршат целата работа“,

вели Ангеловски за „360 степени“.

Вчера, односно ден по разговорот во кој Ангеловски тврдеше дека проблемот е надминат, во „пасошко“ кај МТВ повторно иста слика. Купиштата со ѓубре ги немаше, но отпадоци беа расфрлани насекаде.

Новоизбраните фирми најверојатно наскоро ќе почнат да чистат, но правната разврска за фирмата што ги загуби договорите допрва почнува. „ИНФИНИТИ КЛИНИНГ ГРОУП“ најавува постапки за докажување дека неправедно е извисена за милионскиот тендер во МВР.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Промоција на албумот на младиот музичар Виктор Стојчевски и изложба на Марија Јаќовска во „Буква“

Следно

Поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов во Кинеската академија на општествени науки во Пекинг

Latest from Blog