(ВИДЕО) Деца без проблем купуваат „снус“ по трафиките, иако воопшто не треба да го има на полиците

5 mins read

Популарно ги викаат „снус“, а всушност станува збор за никотински кесички. Оригинално наводно измислени како производ за одвикнување од пушење, никотинските кесички се најпопуларни кај тинејџерите како алтернатива на цигарите. А некои од нив содржат и 13 пати повеќе никотин отколку што има во една цигара

Се продаваат во пакувања како за бонбони, изгледаат шарено и модерно, и иако на декларацијата пишува дека не се за малолетници, во земјава многу лесно до нив доаѓаат и деца. Нашите проверки на терен открија и други проблематични аспекти – на пример, дека таков производ не препознава нашата законска регулатива и дека поради тоа и не можел легално да се најде на пазарот. Некој, во меѓувреме, го сфатил тоа и го стопирал увозот

Половина година е забранет увоз на „снус“ во земјава, а продавниците и понатаму се добро снабдени со контроверзните никотински ќесички. Нашето истражување на терен покажа и дека децата немаат проблем да дојдат до се попопуларниот производ.

Да е парадоксот поголем, „снусот“ бил увезуван како тутунски производ се до моментот додека на надлежните не им станало јасно дека тој не содржи тутун. Тоа значи дека воопшто не смеел ниту да почне неговиот увоз. Како е сето ова можно?

Што се тоа никотински кесички?

Никотинските кесички, кои популарно се наречени „снус“, пред сè, наменети се за пушачи кои сакаат да се одвикнат од цигари или за пушачи кои имаат потреба од никотин, но во моментот се на место на кое е забрането да се запали цигара. Никотинскиот прашок се конзумира така што кесичката се става во устата меѓу усната и непцето.  

Никотинска кесичка / фото: „360 степени“

Провериме колку е лесно дастапен овој производ, во какво пакување и дали има соодветна декларација со потребните информации и предупредувања.

По кратка обиколка низ главниот градот, се покажа дека популарниот „снус“ е релативно лесно достапен. Го има во секоја втора трафика или дуќан. По вкупно пет обиди „снус“ успеавме да најдеме на две продажни места. Кога ќе се отвори, пакувањето содржи бели кесички со силно изразен мирис на ментол, но го има и со други мириси и вкусови. Едното пакување нè чинеше 300 денари, а другото 320 денари.

Една од трафиките во која купивме „снус“ / фото: „360 степени“

На пакувањето има декларација со многу ситни букви. Се предупредува дека производот содржи никотин кој предизвикува зависност и е штетен по здравјето, дека е забранет за малолетници, дека не содржи тутун, дека не смее да се џвака или голтне, а ако се случи тоа, пишува, треба да се повика центар за отрови.

Проверивме дали производот со вакви предупредувања и со забрана за продажба на малолетници, сепак го продаваат на деца. Ни помогна момче кое е деветтооделенец и има 14 години. Со дозвола од неговите родители и со заштитен идентитет тргна да пазари „снус“.

Малолетник купува „снус“ / фото: „360 степени“

Од три обиди, „снус“ му продадоа во сите три трафики. Никаде не го прашаа колку години има.

„Снусот“ популарен кај учениците

Никотинските кесички во Македонија се достапни веќе неколку години и веднаш станале популарни кај средношколците, па и кај основците.

Средношколци / фото: „360 степени“

Ана Попризова, која е психолог во средно училиште, направила дискусија со ученици од прва и трета година на темата – „снус“.  

Ана Попризова – психолог во средно училиште

„По некои нивни проценки, околу десет отсто од учениците, односно од младата популација, ја конзумираат или имаат искуство со неа. Цената се движи од 300 до 400 денари, дека може да се купи во трафиките во нашиот град, не во маркетите и дека некои ги набавуваат и во странство, особено во Србија беше спомната, па тука ги препродаваат“,

вели Ана Попризова – психолог.

Учениците кажале дека никотинските кесички се привлечни за младите, меѓу другото, бидејќи се нешто ново, невообичаено и модерно. Кажале и дека ги користат спортисти за да го намалат стресот пред нaтпревари.    

Попризова смета дека треба јавно да се зборува на оваа тема, зашто кај младите се зголемува интересот кога се пристапува со забрана.

„Многу често тие заради врсничките групи во кои сакаат да припаѓаат, заради тоа што е нешто модерно и се зборува за него, заради тоа што некогаш се под стрес, се анксиозни, се депресивни и не можат да се справат, не можат или не знаат да побараат помош, прибегнуваат кон вакви облици на, ние ги нарекуваме, ризично однесување – конзумирање алкохол, дрога, а еве сега и на ваква супстанца која верувам дека од незнаење, а и поради мода и врснички притисок, се прави“

смета Попризова.

Чибишев: Ги напаѓа централниот нервен и дигестивниот систем

Доктор Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија смета дека треба да се направи разлика меѓу употребата и злоупотребата на овој производ.

д-р Андон Чибишев – универзитетски професор, Клиника за токсикологија / фото: „360 степени“

„Луѓе што го употребуваат за да се одвикнат, тие се веќе зависни од никотин и го користат за да се ослободат од дел од зависноста. А тоа што вие го кажувате дека го користат млади луѓе од 12 до 16 години, тие практично со употребата стануваат зависници“,

смета Чибишев.

Тој е загрижен поради високата концентрација никотин во кесичките која, во тие што ги купивме, се движи од 8 до 13 милиграми по кесичка. За споредба, според Законот за тутун, во една цигара не смее да има повеќе од еден милиграм никотин.

„Таквата голема концентрација на никотин внесена во организмот посебно кај младите, кај младите никотинот е многу потоксичен отколку кај возрасните, може да предизвика серија здравствени потешкотии од централниот нервен систем – главоболка, вртоглавица, намалена способност за расудување, намалена меморија, успорен физички и ментален развој, срцебиење, покачен крвен притисок, мачнина, гадење, повраќање“,

додава Чибишев.

Тој смета дека ваквите производи треба да се продаваат и конзумираат под контрола на стручно лице.

„Дали тоа ќе биде доктор или некое друго стручно лице, меѓутоа треба да се дава под контрола на стручно лице и да се продава под строга контрола. Не може вие да пуштите ваков производ да се продава во трафика. Во трафика оди и кој сака го купува. Може и дете од десет години кое не знае што прави и да го злоупотреби и да се доведе до една сериозна ситуација за која после ние треба да вложиме многу труд и енергија за да ја поправиме или не дај Боже да се случи некоја трагедија“,

порачува Чибишев.

Институциите отворија сосема неочекувани агли

Дека никотинот е штетен, особно за децата, е одамна прифатен научен факт. Но, проблемот со присуството на „снуз“ во македонските продавници е проблематичен и од друг аспект.

Според Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи се цигари, електронски цигари, пури, цигарилоси, тутун за различни начини на конзумирање и други производи. Никотински кесички не се споменуваат. Тогаш како овој производ, кој стана популарен кај младите, а ги загрижи родителите и наставниците, е увезен во земјава и како е регулирана неговата продажба?

Две пакувања никотински кесички без брендиран омот / фото: „360 степени“

Прашања им поставивме на Министерствата за економија и за земјоделство, како и на Царинската управа.

„Увозот на никотински вреќички е регулиран со издадена дозвола во EXIM системот (Едношалтерски систем за дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки) која досега ја издавал Државниот инспекторат за земјоделство“,

велат од Царина.

Од Министерството за економија, пак, подиректно го вперија прстот кон Министерството за земјоделство.

„Следејќи го опфатот на содржината на тутунски и сродни производи (н.з. опфатени во Законот за тутун), Министерството за економија досега нема издадено Решение за марка на производот СНУСС (кесичка со никотин за џвакање)… Министерството за економија нема надлежност. Од тој аспект треба да побарате одговор од Министерството за земјоделство“,

велат од Министерството за економија.

Од Министерството за земјоделство, поточно од Државниот инспекторат за земјоделство, добивме писмен одговор кој во себе содржи контрадикција. Од институцијата, прво образложуваат дека никотинските ќесички не се опфатени со Законот за тутун и дека не се во нивна надлежност. Но, веќе во следниот параграф, потврдуваат дека тие дале дозвола за увоз која потоа ја прекинале пред половина година.

„(Производот н.з.) Според подтарифна ознака е распределен на I005 дозвола која е во надлежност на Државниот инспекторат за земјоделство, меѓутоа во април 2023 година доставен е допис до Царинската управа со кој ја извести дека по поднесените барања за I005 дозвола во EXIM системот нема да постапи од причини што не постои законски основ за постапување при што поднесените барања за увоз на овој производ се одбиени“,

велат оод Министерството за земјоделство.

Кој во Државниот инспекторат и зошто дозволил увоз на „снуз“ во земјава, ако производот не е во нивна надлежност? Кои се причините што нагло е запрен увозот на производот? И како во трафиките има снуз и половина година откако не е можен негов легален увоз во земјава?

Ова се само дел од прашањата на кои ќе продолжиме да бараме одговори.   

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Ќе ве бомбардираме, не видовте на Фејсбук?

Следно

Илјадници луѓе ширум светот даваат поддршка за Палестина

Latest from Blog

Од 19. Владина седница

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата со Предлог- измени и дополнувања на