Уставната комисија го поддржа предлогот за пристапување кон измени, следува расправа и гласање на пленарна седница

3 mins read

Со 10 гласа „за“ и седум „против“, предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот помина на седницата на Комисијата за уставни прашања

Сега предлогот ќе оди на пленарна седница, која е закажана за 18 август. Тогаш ќе биде потребно двотретинско мнозинство (најмалку 80 гласа) за да се усвои потребата од носење уставни измени и процедурата да продолжи со следната фаза – подготовка и усвојување на нацрт-амандмани

Фото: „360 степени“

Кој е „на браникот на националните интереси“, а кој е „крвник на народот“, кој ќе донесе „европски квалитет на живот“, а кој е „искубана кокошка“. Со ваква реторика, во околу два часа дебата, со 10 гласа „за“ и седум „против“, предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот помина на седницата на Комисијата за уставни прашања. Со ова практично започна процедурата за уставни измени според обврската што ја презеде земјата минатиот јули при почетокот на пристапните преговори со Европската Унија.

Сега предлогот ќе оди на пленарна седница, која е закажана за 18 август. Тогаш ќе биде потребно двотретинско мнозинство (најмалку 80 гласа) за да се усвои потребата од носење на уставни измени и процедурата да продолжи со следната фаза – подготовка и усвојување на нацрт-амандмани.

Фото: „360 степени“

Ова е шанса земјата да ја внесеме во Европската Унија и дома да донесеме европски квалитет на живот, рече премиерот Димитар Ковачевски во образложението на уставните измени. Тој потенцира дека сега се на ред пратениците кои следните неколку недели ќе покажат кој мисли само за себе, а кој за интересите на граѓаните и на државата.

„Република Северна Македонија денеска има неповторлива шанса да го направи клучниот чекор за да продолжи по европскиот пат, а потоа во забрзан процес, во следниве неколку години, да стане членка на Европската Унија. Уставните измени што се пред вас не загрозуваат ниту едно македонско идентетско прашање. Тоа е целосно јасно и прецизно и тоа е цврст став. Воедно, предлогот ги поддржува и интензивира процесите кон целосна интеграција на Северна Македонија во Европската Унија. Затоа граѓаните нема за што да бидат загрижени, а на нас како одговорни носители на јавни функции е обврската тоа добро да го објасниме и да носиме мудри одлуки што носат перспективи, а нема да ја заглават државата во нова долгогодишна изолација“,

рече Ковачевски.

Веднаш по него зборуваше координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој најави дека ќе биде единствен говорник од неговата партија. Повика предлогот за уставни измени веднаш да оди на пленарна седница и да биде ставен на гласање. „Да видите како пропаѓа предлогот под бугарски диктат“, рече тој.

Фото: „360степени“

„Ова не е никаква шанса за напредок на државата, туку шанса за лично профитирање на грбот на државата, за уште некое ’ауди’ – подарок од комшијата, за уште некој бизнис под превезот на демократијата… Во името на граѓаните ви велам дека нема да може, а уставни измени под бугарски диктат нема да има. Ниту пратеници ниту народ имате“,

рече Мицевски.

И Димитар Апасиев од Левица, како и ВМРО-ДПМНЕ, најави дека неговото ќе биде единственo излагање од неговата партија пред уставната комисија. Апасиев потенцира дека власта насила и безглаво влегла во процес на уставни измени, за кој однапред се знаело дека нема двотретинско мнозинство. Обраќајќи му се на премиерот, рече дека се влегува во „лузерски процес“. Вие навикнавте и сакате и нас како македонска нација да нè навикнете на порази, рече Апасиев.

„Првото нешто беше францускиот предлог за бугаризација, спортски кажано – вие и Османи изгубивте 17:2 во овој процес. Независни германски експерти ви кажаа дека ова е чудо на бугарската дипломатија или, како што велат, во Бугарија, ‘смрт за македонизмот’, овој спој на неоглобализам и неоврховизам и тие велат ’полекичка и на рати’, применуваат врз вас салама тактика – не знам дали не гледате или се правите дека не гледате. Или ве сечкаат на парчиња или да се изразам на италијански, имаат една изрека ‘кокошка се кубе пердув по пердув’ – дипломатски жаргонистички кажано, вие сте искубана кокошка во споредба со византиската грчка дипломатија или бугарската дипломатија која ви направи хет-трик“,

рече Апасиев.

Во предлог-иницијативата што ја усвои Владата, а денеска помина на собраниска комисија, се предлага бугарскиот и уште пет други народи да се додадат во Преамбулата од Уставот – хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.

Покрај ова, предвидена е уште една уставна измена во однос на составот на Комитетот за односи меѓу заедниците со која се предвидува да се измени бројот на членовите, и тоа наместо досегашните 19 члена, бројот да се зголеми на 43 члена, при што 16 члена од редот на пратениците во Собранието – Македонци и Албанци, и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, Бугари, Хрвати, Црногорци, Словенци, Евреи и Египќани.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Костадиновска- Стојчевска: Да ја одбележиме нашата историја и да замислиме иднина која ќе ја слави издржливоста на Скопје и неговите граѓани

Следно

Британскиот премиер Сунак:Велика Британија тесно соработува со Туркије за обновување на Црноморската иницијатива за жито

Latest from Blog

Суви коловози на патиштата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци