Терористички напади, природни катастрофи, избори и протести, договори и преговори jа одбележаа годината која измина. Војната на истокот на европа и во 2024-тата беше во фокусот на јавноста.
По неуспешната контраофанзива, дозволата на САД да се користи американско оружје за напади на руска територија, драстично ја смени ситуацијата на фронтот. Украинската армија влезе на руска територија и за само неколку недели, освои големи делови од пограничниот регион. Русија возрати со хиперсонични ракети, за прв пат употребени во војната. Две години од почетокот на судирот на истокот на Европа, бројот на загинати и повредени веќе никој не ги брои ..Победата на Доналд Трамп ги промени плановите на укринската влада Володимир Зеленски сега ќе мора паметно да ги искористи следните неколку месеци доколку сака да и се спротистави на руската армија која од ден во ден, освојува нови територии.
– Потребни ни се безбедносни гаранции од алијансата и повеќе оружје за да се одбрани, пред да почнат пред какви било разговори со Русија. – рече Зеленски.
Јакнење на десницата во европа, но не доволно за промени. Граѓаните на ЕУ на почетокот на јуни избраа нов состав на европскиот парламент. Антонио Коста како претседател на Европскиот совет, Урсула фон дер Лајен како шефица на Европската комисија и естонската премиерка Каја Калас како висок претставник за надворешни работи и безбедност е новото трио кое ќе ја предводи Европската унија до 2029 година. Но начинот на кој беа избрани, покажуваат голема поделеност во Унијата, како политичка така и безбедносна.
„Нема мнозинство во Европската Унија.“ – Мари Тусен европратеник.
Политичка криза во двете водечки членки на ЕУ – владите на Германија и Франција – паднаа во рок од само еден месец. Кога пред три години, Социјалдемократите, Зелените и Либералите влегоа во таканаречената семафор коалиција, сите во новата влада на Олаф Шолц со голем ентузијазам гледаа кон иднината. Но, војната во Украина, енергетската криза и инфлацијата, покажаа дека не е се така сјајно во Германија. Бурна политичка година имаше и Франција. Две влади паднаа, дали ќе има трета среќа за Емануел Макрон. После четиринаесет години на власт, лабуристите се вратија на лидерското место во британската политика…Најголемиот изборен пораз на конзервативците, го доведе во прашање опстанокот на најстарата европска политичка партија. Грузија на крстопат меѓу Исток и Запад..Протестите кои започнаа како одговор на контроверзниот „закон за странски агенти“ , прераснаа во движење против корупцијата, авторитарните тенденции на власта и сè позабележливото руско влијание во внатрешните работи на Грузија.
„Нема дозволиме странска сила да не оддели од нашата судбина, а тоа е Европската унија.“ – Саломе Зурабишвили претседател на Грузија.
Вооружен напад во Русија. Четворица терористи со автоматски пушки и бомби, упаднаа во трговски центар во Москва. Епилогот, преку 130 загинати, 200 повредени. Исламска држава ја презеде одговорноста, но Русија ја обвини Украинската влада дека е виновна за нападот…
Најистакнатиот опозиционер во Русија, Алексеј Навални, познат по антикорупциските истраги, остри критики за Кремљ и организирање масовни протести, ненадејно почина во казнена колонија во Сибир. Владимир Путин, кој со Русија владее од 2000 година, освои уште еден шест годишен мандат.
Вонредна сстојба во Словачка. Политички длабоко поделена меѓу истокот и западот, земјата во шок по обидот за убиство на премиерот Роберт Фицо.
„Дами и господа, сесијата е суспендирана на неодредено време, пукано е во премиерот на Словачка.“
Пет години од големиот пожар кој уништи делови од Нотр Дам, познатата француска катедрала повторно е отворена. На церемонијата дојдоа претставници од четириесетина земји – од помалите, претседатели и премиери, од поголемите, нивни заменици.
Годината која измина ја одбележаа и Катастрофални поплави. Во Западна и Централна Африка, сезоната на дождови предизвика смрт на над 1.500 луѓе. Бурата Борис зафати неколку земји во Централна Европа, ураганот Хајлин го погоди југоисточниот дел на САД, а супертајфунот Јаги – Виетнам, Лаос, Тајланд. На крајот на октомври големи поплави во јужна и источна Шпанија. Најтешко погоден регионот на Валенсија, каде со месеци траеше потрагата по преживеани.
Војната која започна со нападот на Хамас на 7 октомври минатата година, продолжи прво со бомбардирање на Газа, а потоа и со копнена офанзива на израелската армија. Судирот влезе во втора година, а крајот, се уште не се гледа. Десетици илјади загинати, појасот Газа е во урнатини, Сирија, Ирак, Јемен се вклучија во конфликтот, а војната, се прелеа и во Либан… Израел ги елиминираше главните луѓе на Хамас и Хезболах. Целосната ескалација меѓу Израел и Иран се чини дека е прашање на време, бидејќи ниту една страна нема намера да отстапи.
Падот на владеењето на Башар ал-Асад во Сирија, означија крај на повеќе од една декада граѓанска војна и 50-годишното владеење на семејството Асад. Сирија, која сè уште стои на работ од економски колапс, со милиони раселени и длабоки рани од долгогодишната војна, сега се наоѓа на крстопат. Дали новиот владетел ќе успее да ги обедини различните интереси и да го насочи својот народ кон закрепнување, или ќе се врати кон радикалните корени, што го дефинираа неговото минато?
Извор: 24vesti.mk