Сојузниците на НАТО го отфрлија предлогот на Макрон за распоредување западни трупи во Украина

1 min read

ЛОНДОН (АА) – Земјите од НАТО, меѓу кои и Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Германија, изјавија дека западните земји нема да пратат копнени војници во Украина, отфрлајќи ја неодамнешната сугестија на францускиот претседател Емануел Макрон, јавува Анадолу.

Сојузниците уште еднаш ја отфрлија можноста за праќање западни трупи во Украина, повторувајќи дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина со воена помош.

„Тоа што беше меѓусебно договорено од почетокот важи и за во иднина, имено дека ќе нема копнени трупи, војници на територијата на Украина што ќе бидат пратени од европските држави или земјите од НАТО“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц за новинарите.

Тој ги даде овие коментари откако Макрон предложи праќање западни копнени трупи во Украина за да ги поддржат Украинците во одбраната на нивната земја од Русија.

„Не постои консензус дека треба да бидат распоредени копнени трупи на официјален начин, но ништо не треба да се исклучи“, рече Макрон на прес-конференцијата во Париз откако им беше домаќин на западните лидери на конференцијата за воената поддршка на Украина.

Портпаролот на британскиот премиер Риши Сунак рече дека земјата нема планови за големо воено распоредување во Украина, освен малиот број персонал што веќе ги обучува украинските сили.

Американскиот претседател Џо Бајден смета дека „патот до победа“ е праќање воена помош за Киев, „така што украинските војници да имаат оружје и муниција што им се потребни за да се одбранат“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Се додава: „Претседателот Бајден беше јасен дека САД нема да пратат војници да се борат во Украина.“

Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес, исто така, изрази противење на идејата за праќање западни трупи во Украина.

Во својот говор во Парламентот, Албарес рече: „Се разбира, ќе нема шпански војници во Украина. Затоа што сакаме мир.“

Потоа тој додаде дека шпанската Влада го сака тоа и во Газа и во Украина: „Мир и почитување на меѓународните права.“

Албарес, исто така, потсети дека неговата Влада нема дадено нова дозвола за извоз на оружје во Израел од 7 октомври.

Земјите како Полска и Чешка, исто така, го изразија своето противење на идејата.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, исто така, нагласи дека алијансата нема планови да прати воени трупи во Украина.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: Anadolu Agency (AA)

Претходно

Истражување: Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат граѓаните на Косово?

Следно

Големо невреме во Италија, црвен и портокалов аларм во сила!

Latest from Blog