Случај „Непобедливи дивоградби на Пластичарска”: Инспекторатот вели дека Општината го саботирала рушењето, за Центар тоа се несериозни тврдења

4 mins read

Наместо да постапи согласно одредбите на Законот за општа управна постапка, Општина Центар после приемот на Записникот поднесува директно тужба до Управен Суд, со други зборови Општина Центар ја (саботира) прекинува постапката – велат од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ), со кој раководи Фатмир Арифи, кадар на ДУИ

Наводите на ДИГУ дека Општина Центар со тужба сама ја саботирала постапката ги оценуваме како несериозни и паушални… Ве информираме дека приговорите до ДИГУ се поднесени на ден 12.6.2023 г. – ни одговорија од локалната власт на чие чело е Горан Герасимовски од СДСМ

Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) е на став дека Општина Центар згрешила што поднела тужба до Управниот суд против нивните записници, оти така „прескокнале“ чекори во управна постапка со што, како што тврдат оттаму, самите ја саботирале процедурата поврзана со уривање на двете габаритни дивоградби на улицата Пластичарска во Скопје.

Во очи на акција на уривање на двете дивоградби на Пластичарска во март оваа година, во вонреден инспекциски надзор ДИГУ ја одзеде целата документација од Општината и со записници констатираше дека општинските служби неправилно ја воделе инспекциската постапка, наложувајќи им на општинарите да ја повторат процедурата за уривање.

Двете дивоградби на Пластичарска во Скопје

Општината, пак, поднесе и приговори до ДИГУ и тужба до Управниот суд. Судот им ја отфрли тужбата и појасни – записници не се управни акти, па оттаму и нема услови за управен спор. Од ДИГУ досега на стигнал одговор до Општината за приговорите.

Во ставот што го добивме од Инспекторатот, со кој раководи Фатмир Арифи – кадар на ДУИ, не се споменуваат приговори од Општината за записниците, како воопшто и да не ги добиле.

„Општина Центар, согласно член 118 од Закон за општа управна постапка, има правен лек да поднесе управен приговор против реален акт – Записник до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, според кој ДИГУ е обврзан да донесе Решение против кое Општина Центар може да поведе управен спор пред надлежен Суд. Наместо да постапи согласно одредбите на Законот за општа управна постапка, Општина Центар после приемот на Записникот поднесува директно тужба до Управен Суд, со други зборови Општина Центар ја (саботира) прекинува постапката“,

велат од ДИГУ за „360 степени“.

Во одговорот на ДИГУ никаде не се споменува дека Општината поднела приговор и до нив, иако во таков документ имавме увид при снимање на интервју со градоначалникот Горан Герасимовски. Она што прашавме, а ДИГУ не го одговори е кога тие планираат да се произнесат по приговорите на Општина Центар.

„Наводите на ДИГУ дека Општина Центар со тужба сама ја саботирала постапката ги оценуваме како несериозни и паушални. Општина Центар ги има искористено сите правни лекови за да го заштити јавниот интерес и сега на потег е Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Ве информираме дека приговорите до ДИГУ се поднесени на ден 12.6.2023 г.“,

велат од Општина Центар.

Во изданието на емисијата „360 степени” на 23 ноември годинава, градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, кажа дека решението на Управниот суд е во нивна полза, затоа што само уште еднаш потврдило дека записници не се управни акти. Тој е во исчекување како ДИГУ ќе се произнесе по нивните приговори.

„Ние во моментот чекаме, покрај решението што е донесено на Судот, од страна на Државниот инспекторат и сакам да апелирам заради поефикасно, економично и правично решавање на ова прашање, ДИГУ што поскоро да се произнесе по поднесените приговори од страна на Општината“,

рече Герасимовски во изјава за „360 степени“.

Горан Герасимовски – градоначалник на Општина Центар

Првиот човек на Општина Центар одбива да се рушат дивоградбите додека не се произнесе ДИГУ. Вели – ако треба, ќе се разговара и на „повисоко ниво“.

360°: Господине Герасимовски, ова е одолговлекување. Дали вие имате притисоци да не се уриваат овие градби или да се одолговлекува случајов?

Герасимовски: Не, немаме никакви притици. Од самиот почеток како Општина, нашите инспекциски служби навремено, соодветно искочија и постапија законски…

360°: Треба ли да се сомневаме дека сте координирани со Градежниот инспекторат, барем да се одолговлекува случајот додека не се умориме?

Герасимовски: Тоа е многу лесно проверливо. Ние имавме една средба по мое барање во Министерството за транспорт за да најдеме решение на проблемот и на лавиринтот којшто се прави за неспроведување. Ние како Општина доколку не сме сакале да го спроведеме немаше јас да ги потпишам оние две решенија за уривање, немаше да спроведеме набавка на фирма која ќе го руши објектот…

360°: И што сега?

Герасимовски: Сега чекаме произнесување од странa на ДИГУ.

360°: Повторно одолговлекување значи.

Герасимовски: За да знаеме што да постапиме како општина.

 360°: Хипотетички, ако никогаш не ви вратат одговор?

Герасимовски: Па, ние ќе направиме притисок да добиеме одговор што побргу.

360°: Значи додека не се произнесе ДИГУ нема да рушите на терен. Што значи ова може да потрае додека не ви заврши мандатот.

Герасимовск: Па, не верувам дека толку долго би траело…

360°: A, каков притисок може вие да направите за да се убрза постапката од нивна страна?

Герасимовски: Ние можеме малце и политички да поразговараме во тој дел и да побараме помош. Дополнително, да доставиме уште еднаш и приговори и судското решение до ДИГУ и да побараме побрзо решавање на проблемот.

360°: Верувате дека ова е механизам што ќе ви помогне?

Герасимовски: Па, можеби треба малку да се поразговара и на повисоко ниво, иако и претходно е разговарано.

360°: Очигледно, неуспешно.

Герасимовски: Па, ние постапуваме прво по закон, политичкиот дел е политички, но законот е закон кој мора сите да го почитуваме“.

И додека институциите меѓусебно се спорат, во една од дивоградбите се вселуваат кираџии – на приземјето производи внесува фирмата „Муслим Шоп“, а според непотврдени информации на „360 степени“, на погорните катови се сместуваат неколку семејства.

Една од дивоградбите на Пластичарска

Обвинителството одамна расчисти дека во случајот сторено е кривично дело – бесправно градење. Сега оттаму велат дека има сознанија и за можни сторители на кривичното дело и дека продолжуваат да преземаат дејствија.

И „360 степени“ ќе продолжи да го следи развојот на настаните.

Во меѓувреме, Антикорупциската комисија до Обвинителството иницираше кривична постапка, а до Владата – разрешување на директорот на ДИГУ, Фатмир Арифи, затоа што му најде непријавени два стана и автомобил.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Продолжен рокот за аплицирање за доделување месечни надоместоци на самостојни уметници за 2024 година

Следно

Израелската војска погоди над 400 цели во Газа последните 24 часа

Latest from Blog