СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Комисијата за надворешни работи на Големото национално собрание на Туркије (ТБММ), Фуат Октај, изјави дека Балканот е исклучително важен за гарантирање и одржување на мирот и стабилноста во светот, јавува Анадолу.
Октај и неговата придружна делегација, кои престојуваа во посета на Скопје, беа примени од претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, а потоа се сретнаа со претседателот на Комисијата за надворешни работи и надворешна трговија на Собранието на Северна Македонија, Муса Џафери, и неговата делегација.
Претседателот на Комисијата за надворешни работи на турското собрание разговараше и со граѓаните во Старата скопска чаршија, каде ги посети Мустафа-пашината џамија, Безистенот и здружението Енсар, како и Мурат-пашината џамија.
Во изјава за новинарите, тој истакна дека неговите средби во Скопје биле исклучително продуктивни.
– „Се чувствуваме како да шетаме низ чаршија во Туркије и луѓето се исто толку топли“
Претседателот на Комисијата за надворешни работи Октај изјави дека Туркије и Северна Македонија се две земји со заедничко историско и културно единство и додаде:
„Ние сме во Старата скопска чаршија и кога ќе погледнеме наоколу, како да шетаме по улица или чаршија во Бурса. Се чувствуваме како да шетаме низ чаршија во Туркије и луѓето се исто толку топли“.
Октај рече дека односите меѓу двете земји се на високо ниво и го истакна постигнатиот договор за формирање Совет за стратешка соработка на високо ниво, додавајќи дека продолжуваат разговорите на парламентарно и меѓувладино ниво за забрзување на овој процес.
„Се надеваме дека ова ќе биде завршено што е можно поскоро. Имаме интензивни односи во одбранбената индустрија и во воена област. Воениот рамковен договор е веќе потпишан“, додаде тој.
Октај рече дека обемот на трговијата меѓу Туркије и Северна Македонија достигна 1 милијарда долари и подвлече дека целта е таа да се удвои и да достигне 2 милијарди долари.
Потсетувајќи дека во земјава престојуваше и министерот за трговија Омер Болат во рамки на Бизнис форумот што се одржа неодамна во Скопје, тој рече дека во Северна Македонија, кај премиерот Кристијан Мицкоски и претседателката Гордана Силјановска-Давкова забележале подготвеност за развој на соработката меѓу двете земји.
Октај изјави дека треба да се прошири опсегот на Договорот за слободна трговија со што ќе се придонесе во развојот на соработката и истакна дека за ова прашања разговарале за време на неговата посета.
Претседателот на Комисијата за надворешни работи Октај изјави дека Туркије е меѓу најголемите земји со инвестиции во Северна Македонија и додаде:
„Ги оценивме прашањата поврзани со решавање на проблемите на нашите бизнисмени и отворање на нивните патишта. Кога ќе ја погледнеме Северна Македонија, таа има мултикултурна и мултисоцијална структура. Различни етнички групи живеат заедно во солидарност и се движат кон иднината. Тоа е земја која го започна процесот за влез во Европската унија по влезот во НАТО. Турската заедница е една од нив, така што имавме можност да оствариме блиски средби со турската заедница и лично да ги слушнеме нивните проблеми“.
Тој рече и дека биле разменети различни мислења за глобалната ситуација, вклучително и за Појасот Газа. Октај го повтори ставот на Туркије за создавање на палестинска држава со граници од 1967 година, со главен град источен Ерусалим.
Октај најави дека за време на неговите контакти се разговарало и за Сирија, при што ја истакнал решителноста на Туркије да се елиминираат терористичките организации во оваа земја.
– „Балканот е исклучително важен за гарантирање и одржување на мирот и стабилноста во целиот свет“
Октај рече дека за време на разговорите станало збор и за војната меѓу Русија и Украина која е тесно поврзана со Балканот и изрази надеж дека таа ќе заврши што е можно поскоро.
„Како Туркије, ние веќе долго време работиме, особено под водство на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на ниво на лидерска дипломатија и со нашите релевантни институции, вклучително и нашиот парламент“, рече тој.
Октај истакна дека Анкара ќе продолжи да ги поддржува иницијативите насочени кон мир и развој на регионот и истакна дека од исклучително значење е развојот на настаните на Балканот.
Октај рече дека Балканот не се однесува само на Балканот и додаде дека „Балканот е исклучително важен за гарантирање и одржување на мирот и стабилноста во целиот свет“.
Тој подвлече дека Туркије одблиску ја исполнила својата одговорност и истакна дека и обемот на туризмот меѓу двете земји е многу добар.
„Како Туркије, нашите пријателства на Балканот се веќе многу силни и во иднина ќе се трудиме да го извршиме нашиот дел“, рече тој.
Фуат Октај подоцна го посети Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ), каде доби информации од надлежните за работата на оваа образовна институција.
За време на средбите во Скопје, претседателот на Комисијата за надворешни работи на турското собрание Фуат Октај го придружуваа пратеничката на АК Партијата од Газиантеп, Дерја Бакбак, пратеникот на ЏХП од Дузџе, Талих Озџан, пратеникот на АК партијата од Газиантеп, Али Шахин и амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој
Извор: Anadolu Agency (AA)