Редици за вакцина против голема кашлица

February 12, 2024
2 mins read

Ред се чека за вакцина против голема кашлица во поликлиниката „Идадија“ во центарот на Скопје, пет дена откако Комисијата за заразни болести препорача да се прогласи епидемија на голема кашлица во Скопје и невакцинираните деца да не се примаат во градинка.

„Од утрово вакциниравме 56 деца со вакцина ДиТеПер. Во петокот сме имале 67. Претходно вакциниравме просечно по 20 деца дневно, што кажува дека интересот е тројно зголемен“, вели д-р Сирма Кировска од вакциналниот пункт во „Идадија“ за Радио Слободна Европа.

Вакцинален пункт во поликлиника „Идадија“ - Скопје, вакцинација со вакцина ДиТеПер против голема кашлица, 12.2.2024.

Вакцинален пункт во поликлиника „Идадија“ – Скопје, вакцинација со вакцина ДиТеПер против голема кашлица, 12.2.2024.

ДиТеПер е комбинирана вакцина која штити од бактерии предизвикувачи на три различни болести – дифтерија, тетанус и пертусис (голема кашлица). Вакцина и ревакцина се става на 2,4,6 и 18 месеци и на 7 години.

Во скопските вакцинални пунктови се вакцинираат и бебиња до една година, но и поголеми деца од три и повеќе години, кои не биле вакцинирани според редовниот календар на имунизација. Д-р Кировска вели дека главно, станува збор за претшколски деца.

Родители што ги затекнавме во вакционалниот пункт велат дека тука гужвата е помала отколку во поликлиниката „Јане Сандански“, каде чекањето е по повеќе од еден час. Оваа поликлиника е во општината Аеродром, која пак е една од општините со најнизок степен на вакцинација на децата според Министерството за здравство.

„Од градинка ни бараат потврда дека детето е комплетно вакцинирано со ДиТеПер. Имавме одложувања затоа што се разболуваше. Тука сум за да го проверат вакциналниот картон и да се информирам кои вакцини не сме ги ставиле. Многу луѓе прашуваат, добро е да има некој отворен шалтер, или можност за онлајн консултација, за да не се прават вакви редици“, ни изјави скопјанката Магдалена Радева.

Препораката да не се примаат невакцинирани деца од голема кашлица во градинките е она што ги мотивирало родителите да побрзаат да ја стават вакцината

„Детето сите вакцини редовно ги примаше, се додека тргна во градинка. На 18 месеци требаше да ја ставиме ревакцината ДиТеПер, но откако оди во градинка не може да спои две недели да е здрав, без да закачи некоја бактерија. Откако се појавија случаите со голема кашлица решивме да го чуваме дома за да биде здрав и да го вакцинираме, среќа што тука се бабите и дедовците да помогнат. Од контактите со другите родители во градинка тоа е и најголем проблем на повеќето што не успеале да ги вакцинираат навреме, нема кој да им ги чува децата за да бидат здрави и да може да ја примат вакцината“, вели скопјанецот Александар, татко на дете од година и пол.

Вакцинален пункт во поликлиника „Идадија“ - Скопје, вакцинација со вакцина ДиТеПер против голема кашлица, 12.2.2024.

Вакцинален пункт во поликлиника „Идадија“ – Скопје, вакцинација со вакцина ДиТеПер против голема кашлица, 12.2.2024.

До 8 февруари, Институтот за јавно здравје(ИЈЗ) регистрира вкупно 22 случаи на голема кашлица. Тоа е повеќе од двојно зголемување на бројот на заболени, во однос на минатиот петгодишен период (2019-2022 година) кога се регистрирани вкупно девет случаи.

Најголем број од заболените, 16 лица, се од Скопје. Три лица се од Куманово, двајца од Гостивар и еден од тетовското село Боговиње.

Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години.

Првиот пријавен случај на голема кашлица во Северна Македонија беше на 5 јануари. Потоа, за само седум дена беа пријавени 11 нови случаи.

Според Извештајот на Институтот за јавно здравје за 2022 година, вкупно 3.322 деца не се вакцинирани со третата доза вакцина против голема кашлица, што значи дека не се целосно имунизирани. Тоа е последниот извештај на Институтот, бидејќи податоците за 2023 допрва ќе се сумираат.

Најголем број (1368 невакцинирани деца) се од Скопје, по што следува Куманово (910 невакцинирани деца).

Со оглед на порастот на бројот на заболени, Комисијата за заразни болести на 7 февруари препорача да се прогласи епидемија на голема кашлица во Скопје.

Сега веќе поранешниот министер за здравство, Фатмир Меџити најави дека ќе го потпише документот за прогласување епидемија, но во меѓувреме, пред два дена беше разрешен од функцијата поради расколот во неговата партија Алијанса за Албанците.

Нов министер се избира на денешната седница на Собранието.

Големата кашлица е едно од најзаразните заболувања. Кашлањето е често, силно, трае и до 100 дена. Силната бактериска инфеција може да предизвика дополнителни компликации.

Извор: Радио Слободна Европа

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MARKETING

Претходно

(ВИДЕО) Шведска – Голем пожар во воден парк во Гетеборг

Следно

Митрески: Собранието да преземе итни чекори за надминување на проблемот со возачките дозволи

Latest from Blog

Боев и Зекири предложени за редовни членови на МАНУ, за дописни Миневски, Велев, Даутовски…

Изет Зеќири, економист и доскорешен ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“ и Блажо Боев, геолог и поранешен ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, се предлозите за нови редовни членови на Македонската академија

Слот потврди: Исак утре ќе дебитира за Ливерпул

фото: LiverpoolFC (X) Новото име во нападот на Ливерпул, Александар Исак веројатно ќе го има своето деби за „црвените“ утревечер кога тимот ќе игра против Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите. Менаџерот

Брод со судански бегалци се запали покрај либискиот брег, најмалку 50 мртви

Меѓународната организација за миграција (ИОМ) денес соопшти дека најмалку 50 лица загинале откако брод со 75 судански бегалци се запалил во близина на либискиот брег во неделата. ИОМ соопшти дека им обезбедува

„И врапчињата знаат дека ДУИ раководи со Дрисла, ѓубрето во Скопје е резултат на неспособноста на Арсовска и нејзините другари од ДУИ“

На сите им е јасно кој раководи со јавните претпријатија во град Скопје. Дури и врапчињата знаат дека конкретно со Дрисла раководи ДУИ. Дрисла, ѓубрето во Скопје и состојбата во Дрисла е

Меџити: Нов кампус за Универзитетот „Мајка Тереза“ со инвестиција од 40 милиони евра

Во текот на денешната владина седница, беше донесена историски важна одлука за високото образование – Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје добива во трајно користење парцела од 31.434 м² на која ќе се
Go toTop