Ражњатовиќ во интервју за КУРИР: Македонија во моментов го има еден од најдобрите кошаркари во Европа

10 mins read

Доволно е да се спомене неговото име и веќе се е јасно. Мишко Ражњатовиќ, најдобриот европски кошаркарски агент.

Животот комплетно му се менува откако од адвокат по кривично право, почнува по малку да чепка и помага на кошаркарите околу нивните договори и натаму веќе е сценарио за филмска приказна. Синоним за успех, соработката со најдобрите ,а доволно е да спомене дека е агент на најдобриот европски кошаркар Никола Јокиќ, додека големото тренерско кошаркарско име Душан Дуда Ивковиќ во него имал голема доверба.

Екипата на курир.мк го посети во Белград, каде беше наш домаќин и ја прифати поканата прв пат за еден македонски медиум да поразговараме за него и неговата кариера како и за се она што е актуелно во светот на кошарката.

1.Како од еден адвокат по кривично право се решавате да бидете кошаркарски агент?

Навистина никогаш тоа не беше мој план или го имам испланирано да бидам спортски менџер или агент. Јас од секогаш сум го сакал правото како наука , поточно кривичното право. Но некои работи беа случајност. Некои кошаркари кои тогаш ми беа пријатели на почетокот имаа во својата кариера на тоа време имаа потреба од договори со кои на некој начин ќе бидат заштитени околу барањата или обврските на клубовите кон нив. Сакав да им помогнам околу тоа, за да потоа после година, две некако почна подетално да се разговара со клубовите детално околу кошарката и договорите на играчите во детали. Паралено двете работи го работев некои четири години, за да потоа самиот одлучив дека менаџерската работа е вистинското нешто за мене, затоа што уживав во тоа што го работев, а воедно тоа сакав да го работам. Престанав да го работам кривичното право, се фокусирав во оваа работа и успеав во тоа.

2.Колку беше тешко да се префрлите од еден во друг сектор?

Искрено тоа е навистина сосема различно, но јас освен кривичното право паралелно тогаш ги работев граѓанско правните договори, што ми помогнаа околу самата адаптација во оваа работа. И јас самиот поставив некои дополнителни правни ставки и воедно стандарди кои во тоа време ги немаше. Сега кога ќе гледам од оваа перспектива и поминато време изгледа дека сум бил вешт и снаодлив во тоа време. Нешто што мора да го направите во бизнисот ако сте во него ќе најдете начин да успеете.

3.Како одеше целата работа од фаза во фаза?

Мојата кариера како менаџер имаше неколку етапи.Првата фаза беше 1995 година кога работен само како правен сервис на кошаркарите. Потоа 1996/97 година почнав на некои помали или локални клубови да им сугерирам кои кошаркари или играчи да ги потпишат и доведат во своите редови. Тука веќе не сум само правник , туку и менаџер. 1998/1999 година почнав да работам полека и надвор од Србија. Македонија е меѓу првите земји каде работев. Се сеќавам тоа браќата Боцевски, Мирза Куротивиќ кои беа мои први клиенти и кои не се од Србија, се сеќавам на Борис Тадиќ кога го потпишав во МЗТ Скопје. Потоа работата се рашири и во останатите земји од регионот.Добрите трансфери и резултати од мојата работа ми го отворија патот и во Полска каде успеав да склучам некои 20 договори. Во 2002 година еден мој пријател ме поврза со легендарниот тренер Душан Дуда Ивковиќ со што станав негов агент и успеав да го договорам неговиот трансфер во ЦСКА Москва. После тој договор се тргна во нагорна позитивна линија и дојдов до тоа ниво каде што сум сега во моментот.Познат европски агент во кој луѓето имаат доверба и лесно како агенција доаѓавме до познатите кошаркарски имиња. Во агенцијата тогаш се појави и прославениот грчки кошаркар Василис Спанулис. Се поврзав со американската агенција НБА Екселс Спорт во 2002 година од каде добив неколку американски играчи и полека се пробив и на таа територија. Во 2004 година влегов во проектот да основам свој клуб каде ќе имам контрола на него, а тоа е сегашната КК Мега. Поставивме стандарди, имаме правец , не го менуваме и затоа успешно работиме како агенција.

4. Познатиот кошаркарски тренерски маг – Душан Дуда Ивковиќ,нешто за него да ни кажете.

Јас мислам дека Дуда е персона број еден на Европската кошарка последните години. Има тренери кои имале и повеќе трофеи од него, но никој како него немаше такво влијание во овој спорт и во било која екипа да бил, се било поинаку во позитивна смисла. Соработката со него беше навистина неверојатна и јас како личност многу научив од него , не само во мојата работа во кошарката туку воопшто за животот во целина. За жал неговото прерано заминување беше голема загуба за кошарката, особено и за мене. Веќе реков соработката со него ми промени се. Мојот живот, работата во агенцијата буквално се, за што многу сум благодарен. Човек со невиден авторитет,неверојатен тренер ,ја знаеше кошарката во мал прст и пред се добар човек.Сите го почитуваа.Авангарда на Европската и Светската кошарка.

5. Трансферот на Василис Спанулис од Панатинаикос во Олимпијакос.Како и што беше пресудно тогаш во тој момент?

Во тоа време беше навистина револуционарно. Јас за се бев свесен, спремен и дека се ќе се промени во односите со неговиот поранешен клуб Панатинаикос. Агентите постојат поради играчите и го застапуваат интересот на кошаркарот. Во тој момент Спанулис сакаше да го промени клубот и да премине во лутиот ривал Олимпијакос без разлика што ќе се случи, но подоцна како одминуваа годините се виде дека за него беше правилна одлука во неговата играчка кариера што го смени клубот. Јас секогаш сум се грижел и тогаш и сега за интересите на играчите и ги завршував работите во нивна корист без разлика на сите притисоци или проблеми и последици со кои сум се сретнувал во текот на преговорите и после тоа. Немав никаков страв кога е во прашање трансферот на Спанулис. Знаев дека веќе вратата на Панатинаикос за мене ќе биде затворена некое време и дека познатиот тренер Жељко Обрадовиќ ќе биде многу лут на мене. Се случи и едното и другото. Цели пет години не соработував со Панатинаикос, но потоа пак се се среди и соработката продолжи со грчкиот тим каде токму турскиот тренер Ергин Атаман е шеф на стручниот штаб на европскиот шампион, а воедно и мој клиент.
Цената на тој трансфер ја платив пред се за да го исполнам моето прво правило во работата дека треба да го испочитувам договорот и интересот на играчот и тука нема никаква дилема.

6. Основање на Кошаркарскиот Клуб Мега е уште успешно поглавје во Вашата кариера.

2004 година видов дека младите кошаркари тешко добиваат шанса од кога ќе поминат од јуниори во сениори или поточно да им се даде шанса во било која прва екипа за да играат и да имаат поголема минутажа. Ретко имаше екипи кои беа спремни да ризикуваат со младите кошаркарски таленти. Сметав тогаш дека треба да постои некој клуб кој ќе им даде шанса, добри услови, одличен тренажен процес, но исто така да имаат многу минути на паркетот и да имаат право да погрешат. Тоа значи дека ако направиш две или три грешки во серија, одиш на клупа, но за пет минути повторно се враќаш во игра и продолжуваш. Тогаш тоа беше еден клуб кој играше во втората српска лига и се викаше Авала Ада, каде имаа ситуација буквално што ќе работат понатаму и беа во незавидна ситуација. Стапив во контакт со сопственикот на клубот, направивме договор и го презедов клубот во тој момент. Искрено да ти кажам немав идеја дека од тој клуб во тој момент и не ни помислував дека ќе направиме бум и дека ќе играме во Првата АБА лига, ќе бидеме конкуренти, ќе имаме играчи кои еден ден ќе играат во НБА лигата. Во моментот кога екипата влезе во АБА лигата излегов од сопственичката структура пред се поради судир на интереси, но и понатаму сум тука во тимот како главен креатор, и советник. Мега веќе е тим кој е препознатлив не само на овие простори и Европа, туку и во САД како бренд за најдобар развој на младите играчи во светот.

7. Која е разликата во преговорите во Евролига и НБА лигата?

Има разлика и тоа голема. Прво во НБА договорите не преговарам директно туку имам одличен партнер на тоа тло и нивните договори се многу едноставни затоа што се е средено преку правила и нема мрдање од тоа. Последното нешто ќе го земам за пример е договорот на хрватскиот кошаркар Ивица Зубац. Постои граница на максимум којз може ние да добиеме во овој случај 18 милиони долари.Колку и да сум добар агент јас неможам да добијам 20 милиони долари, затоа што правилата не го дозволуваат тоа. Исто така постои во НБА лигата тој некој минимум од кој исто така неможеш да го прескокнеш. Едноставно маневарскиот простор на менаџерите и агентите во НБА лигата е многу мал, за разлика од Евролигата каде е многу покомплицирано затоа што прво имаш најмалку 14 земји и сите со различни менталитети. Евролигата успеа некои работи да ги среди ,но генерално секој агент може да потпише играч за цена од 100.000 евра или пак цифра од 10 милиони евра. Нема лимит или граница, буквално дијаметрално е спротивно од НБА лигата.

8.Најдобра петорка да направите од сите играчи на кои сте им биле агент во Вашата кариера?

Уф навистина е тешко ако верувате. Тоа се околу 2000 кошаркари кои поминале во овие 30 години. Нека биде вака сигурно место има за Василис Спанулис и Никола Јокиќ. Останатото треба пред се да се одбере или најде начин затоа што секој од нив има квалитет. Нијанси се во прашање.Што и да кажам искрено би згрешил затоа што навистина голем квалитет има во сите нив кои ги имам застапувано или ги застапувам.

9.Каков е квалитетот на кошарката на Балканот поточно во земјите од поранешна Југославија?

Во Србија засега може да кажам дека квалитетот на кошарката е доста добар. Црна Гора исто така има квалитет и потенцијал.Во останатите земји од поранешните југословенски простори генерално падна квалитетот, посебно во Македонија, а истото важи и за Хрватска. Словенија и Босна и Херцеговина оджуваат некое ниво, но во Македонија и Хрватска квалитетот на кошарката оди во надолна линија.

10.Евролигата е се поинтересна и понеизвесна.Што мислите за квалитетот на оваа натпреварување и според вас кој има највеќе шанси да биде шампион оваа година?

Тешко е да се прогнозира се до самиот крај. Минатата година сите мислеа дека Реал Мадрид ќе биде шампион.Кралевите во текот на сезоната одлично играа , се до последните 25 минути од финалниот меч, каде покажаа мала слабост и натпреварот го загубија, воедно и титулата. Според мене во моментот најдобри тимови имаат грчките претставници Панатинаикос и Олимпијакос. Посебно мислам за ПАО, кој не смени ништо туку додаде неколку кошаркари со кој Атаман го надгради тимот, а имаат и тренер кој има искуство да освојува титули од година за година. Системот на натпреварување е таков, да што и да направиш во регуларниот дел, на Фајнл Фор завршницата ако имаш еден меч или лош ден, се паѓа во вода што си направил во текот на целата сезона.

11.Дали сте за промена на завршницата во Евролигата да се врати стариот систем и да се игра дома- гости или да се игра како на принципот во НБА лигата на три или четири добиени натпревари?

Едно знам дека сигурно ќе остане како што е досега Фајнл-Фор завршница. Праведен е начинот играње дома-гости и на добиени повеќе натпревари во серија. Но Евролигата и натаму го форсира овој начин на натпреварување , а јас лично сакам вака да остане вака затоа што е поинтересен и повозбудлив.

12. И НБА лигата е изедначена .

Во моментот ништо неможе да се каже или прогнозира.Оклахома ја гледам како фаворит од друг план на Западот и како екипа изгледа добро, Денвер е тука, ЛА Клиперс. На Истокот Бостон засега е најуверлив.Тешко е да се прогнозира кој ќе биде шампион на крајот од сезоната во најквалитетната лига во светот.

13.Не можеме а да не го спомнеме Никола Јокиќ.

Никола од секогаш покажуваше голем талент и ние сите очекувавме дека ќе направи одлична кошаркарска кариера. На почетокот потајно се надевав дека ќе игра НБА лига ,но дека дефинитивно ќе биде најдобар европски играч на сите времиња и три пати МВП во НБА лигата верувајте дека тоа никој не го очекуваше. Мислам било кој европски играч неможеше до сега да направи ваков успех како што направи Никола Јокиќ до овој момент. Сигурно тука нема да застане и мислам дека и понатаму ќе не радува и ќе не изненадува со нови неверојатни работи и резултати како и до сега.

14.Дали ја следите македонската кошарка и македонските кошаркари?

Да нормално ја следам.Сами знаете дека долги години бев менаџер на човекот кој ја води кошаркарската федерација на Македонија во моментот, Перо Антиќ со кој исто така сум и голем пријател. Секоја година младинските Европски првенства се одржуваат во Македонија каде сум присутен и од кои се надевам дека ќе доведат до подобрување на квалитетот на кошарката во Вашата земја. Македонија во моментот го има еден од најдобрите кошаркари и плејмејкери во Европа Ненад Димитријевиќ. Штета што останатите кошаркари во Вашата селекција се постари, младите се со послаб квалитет, но се надеваме дека ќе го надминете и тој проблем и ќе тргнете квалитативно напред. Клубската кошарка исто така е со послаб квалитет. МЗТ Скопје се обидува да се врати во АБА 1 лигата , а доколку тоа се оствари тогаш мислам дека тоа би бил дополнителен ветер во грб за да и тие се борат да се најдат во најквалитетното регионално натпреварување преку кое потоа се излегува во Европа.

15 Дали мислите Евролигата дека треба да биде поотворен систем и за останатите клубови од помалите земји и оние кои немаат лиценца за настап во неа, нешто слично на фудбалската ЛШ?

Јас сум за форматот од фудбалската ЛШ. Како на пример ќе се појави некој спонзор во Азербејџан да потроши некои 100 милиони евра, но не крајот неможе да влезе во Евролигата и да стигне до неа. Во фудбалот тоа е можно. Влегуваш, вложуваш ги поминуваш сите квалификациски кола и се пласираш во ЛШ.Тоа во Евролигата не е можно и не ми се допаѓа. Лига на клубови, каде тимовите ја имаат целата сопственост и одлучуваат за се и се затворен круг.

16. Ќе го решат ли веќе еднаш засекогаш спорот Евролига и ФИБА?

Се приблиќуваат полека. Не е сега толку голем јазот како во минатото. Можеби наредната година веќе кошаркарската Лига на Шампиони на ФИБА и Еврокупот на Евролигата имаат шанси тие две натпреварувања да се спојат со што ќе биде уште еден чекор плус кон обединување на двете организации. Имаа тенденции кои одат во позитивен правец , но ќе видиме како ќе се одвиват работите во иднина и дали тоа ќе се случи.

17. Дали се гледате како менаџер во фудбалот и тука да се пробате евентуално?

Имало моменти каде сум посредувал индиректно во предходните 10 години во фудбалот и тоа во делот на правните работи, но тоа не е правецот во кој сакам да се движам и да работам. И така има доволно работа во кошарката затоа што го сакам како спорт и не би менувал ништо во иднина.

Интервјуто го реализираше и подготви

Бошко Тасиќ – редакција курир.мк

Извор: kurir.mk

Претходно

Рускиот премиер пристигна во официјална посета на иранскиот главен град Техеран

Следно

Еден од обвинетите на Вања и Панче во тешка состојба пренесен на клиника

Latest from Blog