Претседателски избори: Во трката за нова, не се „испушта“ старата функција?

7 mins read

Еден министер, една пратеничка и тројца градоначалници се меѓу 13-те имиња кои во моментов се обидуваат да влезат во претседателската трка за изборите што треба да се одржат претстојната пролет во Северна Македонија. Покрај тоа што овие избори може да бидат едни со најдолгото гласачко ливче, извесно е дека ќе бидат забележани и како избори на кои има најмногу актуелни функционери кои се впуштиле во битката за шеф на државата.

Досега никој од нив не најави повлекување од актуелната функција, а дали тоа ќе го направат до почетокот на кампањата и како планираат паралелно и да водат кампања и да ги извршуваат актуелните функции? Дел од нив засега без одговор, а други сметаат дека можат да направат разграничување во функционерските и партиските активности.

Кој ќе се најде на гласачкото ливче, ќе се знае по 8 март кога завршува рокот за собирање 10.000 граѓански потписи потребни за претседателската кандидатура. Тоа е еден од двата услови, додека другиот е поддршка од 30 пратеници, што според распоредот на силите во актуелниот пратенички состав можат да ја обезбедат само кандидатите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

Кампањата за претседателските избори официјално треба да започне на 4 април. Законски пречки некој што е на функција да биде кандидат на избори нема, но прашање е како дел од кандидатите планираат да ги „играат“ двете улоги паралелно – и да тераат кампања и да ги извршуваат функциите?

Бујар Османи – и шеф на дипломатија и претседателски кандидат

Собирањето започна на 23 февруари, а дел од претендентите веќе ја постигнаа целта. Прв кој се пофали дека ги собрал потписите, што вчера го потврди и Државната изборна комисија (ДИК), е актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи, како кандидат на ДУИ.

Османи, кој од денеска, 28 февруари, заедно со премиерот Талат Џафери и други владини членови, е во официјална посета на Тирана каде ќе се одржи Регионален самит за развој на Западен Балкан, до објавување на написот не одговори на нашите прашања: Како ќе направи разграничување во водењето кампања и извршувањето на функцијата министер и дали евентуално пред почетокот на кампањата ќе поднесе оставка од функцијата министер?

Во својство на министер за надворешни работи минатата недела тој беше во Њујорк каде се обрати на пленарен состанок на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН). Таму го „затече“ номинацијата за претседателски кандидат на ДУИ која ја објави партискиот лидер Али Ахмети, па преку видео порака снимена во седиштето на ОН министерот упати благодарност што е претседателски кандидат и најави дека по враќањето во Скопје заеднички ќе ја претставуваат идејата на неговата партија за избор на претседател на државата во Собранието.

На пленарниот состанок на Генералното Собрание на 23 февруари кој се одржа по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, како министер за надворешни работи на Северна Македонија во говорот тој порача: „Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат“.

Слични зборови, македонската јавност слушна и од обраќањето на Ахмети ден претходно при промоцијата на Османи како претседателски кандидат. „Не на Русија да за Европа“, беше слоганот што го презентираше лидерот на ДУИ, кој беше испишан и на партиската говорница.

Градоначалниците не се повлекуваат од функциите

Покрај Османи, од тројцата градоначалници кои сакаат да влезат во претседателската трка извесно е дека двајца ќе се најдат на конечната кандидатска листа. Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари – кандидат на опозициската коалиција на албанските партии „Вреди“, и неговиот колега од Куманово, Максим Димитриевски, кандидат на новоформираната партија За наша Македонија (ЗНАМ), сметаат дека може паралелно да водат кампања и да им одговорат на обврските што им ги наметнува функциите.

Двајцата, како што потврди денеска ДИК, успеале да ги соберат потребните по 10.000 потписи.

Таравари е убеден е дека ќе може да направи разграничување на градоначалничките обврски и активностите како претседателски кандидат и најавува назначување на заменик-градоначалник.

„При извршување на обврските како градоначалник во текот на досегашното раководење со општината неколку пати сум бил на студиски патувања и посети надвор, воспоставивме практика на назначување на заменик од редовите на советниците, сега дури ќе биде полесно бидејќи ќе бидам во државата и дел од обврските ќе ги реализирам, нормално во соработка со Советот на Општината. Јас сум човек што работниот ден ми започнува многу рано, така што убеден сум дека ќе се организирам и дел од времето ќе го посветам на општината“, вели Таравари за РСЕ.

Во периодов што претстои, како што додава, „се што е во рамки на законот и Уставот ќе биде моја одговорност и како кандидат за претседател и како актуелен градоначалник“.

Оставка пред кампањата не планира ниту градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, кој исто како и Таравари, уверува оти успешно ќе ги разграничува активностите во двете улоги.

„Како градоначалник секојдневно редовно ги извршувам своите работни обврски а партиските ги вршам вон работното време, програмите во општината се реализираат навремено и во целост а тоа најдобро се гледа и чувствува на терен во Куманово. Дали ќе поднесам оставка од позицијата која ја вршам во моментов ќе зависи од одлуката на граѓаните која ќе ја видиме по изборниот резултат“, вели Димитриевски за РСЕ кој е уверен дека ќе стане идниот шеф на државата, а неговата партија ќе ја промени политичката сцена.

Стевчо Јакимовски, кој како актуелен градоначалник на Карпош планира да ги предизвика неговите колеги од Гостивар и Куманово и останатите кандидати за претседател, вели дека има доволно искуство и да води кампања и да си ја извршува работата во Општината. Партиска кампања, вели, ќе тера во попладневните часови.

„Моето искуство во раководење со општината, моето познавање на оваа проблематика, на проблемите на Општина Карпош ми овозможуваат во исто време да ја раководам општината и во исто време да ја терам изборната кампања имајќи предвид дека таа ќе трае само 20 дена. Јас од утро до вечер нема да бидам на терен туку нормално моите обврски што ги имам овде ќе си ги завршувам секојдневно. Евентуално во екот на изборната кампањата можно е да земам седум дена годишен одмор, а ако нема потреба можеби нема ни тоа“, вели Јакимовски.

Тој е кандидат на Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) и заклучно со 27 февруари, според податоците на ДИК, собрал повеќе од половина од потребните потписи – 6.676.

На гласачкото ливче за претседателските избори, треба да се најде и актуелна пратеничка Гордана Силјановска-Давкова која формално треба да биде потврдена како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ претстојниот викенд кога на 2 март треба да се одржи партиска конвенција.

Силјановска-Давкова повикувајќи се на уставните одредби нагласува дека не постои законски услов да поднесе оставка од пратеничката функција.

„Водена од етичкиот императив, јас во ниту еден момент и на ниту еден начин нема да го употребам пратеничкиот статус за кампања. Македонското законодавство јасно разграничува што е пратеничка работа, а што кампања, па јас како и досега ќе се придржувам и кон словото и кон духот на законот!“, вели Силјановска-Давкова за РСЕ.

Според неа, проблемот со употреба на статусот останува кај претседателот на државата, кај министрите и кај градоначалниците – кандидати, за што, вели, „зборува и досегашната изборна пракса, низ призма на членовите 8а, 8б и 8в од Изборниот законик“.

Сепак, досегашната пракса на работа на законодавниот дом, која е најавена и за претстојните избори, е во текот на изборна кампања парламентот да не заседава за да нема злоупотреби на собраниската говорница.

Како актуелен шеф на државата, во кампањата треба да влезе и Стево Пендаровски, кој доби поддршка од раководството на СДСМ и се очекува негова официјална промоција од партијата на 3 март.

Тешко оди собирањето потписи за дел од кандидатите

Кога се во прашање останатите кандидати за претседател, до 27 февруари шестмина од нив собрале помалку од илјада потписи – Вело Марковски (924), Мерсиха Смаиловиќ (887), Ѓорѓи Манасков (267), Зорица Цветковска (140), Господин Поповски (40) и Томе Николоски (0).

Името на професорката од Филозофскиот факултет во Скопје, Билјана Ванковска-Цветковска, пак, е извесно дека како кандидатка на Левица ќе биде на гласачкото ливче со оглед дека и недостасуваат околу 2. 100 потписи. За нејзината кандидатура досега се потпишале 7.876 граѓани.

Законски пречки нема – каква беше праксата на другите избори?

Условите за тоа кој може да биде кандидат за претседател на државата, како што е наведено и во Изборниот законик, се пропишани со Уставот.

Во членот 80 од Уставот, е наведено дека претседател може да биде лице кое на „денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот“.

„За претседател на Републиката не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Македонија најмалку десет години во последните 15 години“, пишува во останатиот дел од условите.

Мандатот на претседателот е пет години и едно лице може да биде избрано за оваа функција најмногу два пати.

Забрана за кандидатура на некој што извршува друга државна функција нема. Нема ниту пречка кога се во прашање кандидати за парламентарни или локални избори.

Во досегашните изборни циклуси, пак, имаше различна пракса. На пример, во 2013 актуелниот министер за надворешни работи и претседателски кандидат на ДУИ Бујар Османи, како тогашен портпарол на партијата соопшти дека нивните актуелни функционери кои беа и кандидати на локалните избори си поднесуваат оставки за да бидат „рамноправни во трката за барањето доверба од граѓаните“. Оставки од министерските позиции тогаш депонираа Теура Арифи и Невзет Бејта кои беа кандидати за градоначалници на Тетово и Гостивар, а пратеничкиот мандат го врати и Арбен Лабеништа кој беше кандидат за градоначалник на Струга.

Лидерот на Беса, Билал Касами се откажа од пратеничкото место кога во 2017 за првпат се обиде да стане градоначалник на Тетово. Кога четири години подоцна повторно се кандидираше и победи на локалните избори, му беше констатиран престанок на пратеничкиот мандат по победата на изборите.

Во 2017 од пратеници во градоначалници заминаа повеќе членови на парламентот, меѓу кои и Петре Шилегов, Стефан Богоев и Максим Димитриевски. И на ним прекин на пратеничките мандати беше констатирани откако победија на изборите.

Поранешниот директор на Царинската управа Горан Сугарески, пак, на пример си поднесе оставка од позицијата кога реши да влезе во битката за градоначалник на Прилеп на изборите во 2021.

Истата година, имаше и повеќе случаи кога кандидати за градоначалници не ги напуштија функции пред почетокот на кампањата. Меѓу нив, на пример, беа тогашните пратеници Костадин Костадинов од СДСМ кој стана градоначалник на Струмица, како и неколку поранешни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои застанаа на чело на неколку општини – Тимчо Муцунски (Аеродром), Дарко Костовски (Бутел), Иван Јорданов (Штип), Кирил Пецаков (Охрид).

Претстојните претседателски избори треба да се одржат на 24 април – прв круг и на 8 мај – втор круг кога ќе се гласа и на парламентарни избори. Ова ќе бидат шести по ред избори на кои граѓаните преку непосредно гласање одлучуваат за шеф на државата. Досега, најмногу кандидати за шеф на државата имаше на изборите во 1999 година – шест и 2009 – седум.

Извор: Радио Слободна Европа

Претходно

Од воз украдени безбедносни планови за ЛОИ 2024

Следно

Србија бара измени на завршната декларација од Тирана

Latest from Blog