Коментирајќи ги изјавите на српскиот претседател, оти Белград нема да ги спроведе деловите од договорот поврзани со членството на Косово во Обединетите нации (ОН), косовската претседателка Османи тврди дека Вучиќ со ваквите изјави го прекршил членот 4 од договорот во кој се вели дека Србија нема да го блокира членството на Косово во меѓународните организации
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, ја повика меѓународната заедница да го зголеми притисокот врз Србија, зашто, како што вели, во рок од 24 часа по прифаќањето на анексот за имплементација на договорот за нормализација на односите, официјален Белград најавил оти нема да го почитува.
„Мислам дека сите напори и притисоци на меѓународната заедница треба да бидат насочени кон српскиот претседател Александар Вучиќ. Се надевам дека казната на меѓународната заедница за Србија ќе биде јасна“,
нагласи косовската претседателка Вјоса Османи.
Таа подвлече дека договорот за нормализација на односите на релација Белград – Приштина претставува „де факто признавање на Косово“ со тоа што во него се споменува почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и еднаквоста меѓу страните.
„Кога ќе признаете нечиј суверенитет, кога го признавате за рамноправен во меѓудржавните односи, кога признавате нечиј територијален интегритет – тоа се државните елементи на државјанството. Недостасува само признанието кое тој (Александар Вучиќ) не го потпишал“,
рече Османи и додаде дека „сите се изложени на ризик додека претседателот на Србија одбива да го потпише договорот“.
Коментирајќи ги изјавите на српскиот претседател, оти Белград нема да ги спроведе деловите од договорот поврзани со членството на Косово во Обединетите нации (ОН), Османи тврди дека Вучиќ со ваквите изјави го прекршил членот 4 од договорот во кој се вели дека Србија нема да го блокира членството на Косово во меѓународните организации.
Претходно, косовскиот премиер Албин Курти оцени дека меѓународната заедница треба да ја осуди Србија поради одбивањето да го потпише европскиот предлог за нормализација на односите и анексот за негово спроведување.
Договорот меѓу Србија и Косово, постигнат на средбата во Охрид, е правнообврзувачки иако не е потпишан, порачаа на почетокот на неделава високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, и заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Извор: 360stepeni.mk