ЊУЈОРК (АА) – Крег Мохајбер, поранешен висок претставник на Обединетите нации (ОН), ја нарече ситуацијата во Газа геноцид, објаснувајќи и поткрепувајќи ја својата изјава со „многу од конкретните дејствија“ кои се наведени во Конвенцијата на ОН за геноцид, јавува Анадолу.
Мохајбер, до неодамна директор на њујоршката канцеларија на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации, поднесе оставка од својата функција минатата недела поради, како што рече, „млаката“ реакција на Организацијата за време на тековниот конфликт во Газа.
Во интервју за Анадолу, тој порача дека се залага за поцврст став, особено во говорот против влијателните земји како Израел и Соединетите Американски Држави (САД), и покрај притисокот од лоби групите.
Мохајбер ја нагласи потребата да се „говори вистината“ и предупреди дека целосно ќе ја напушти Организацијата доколку таа не примени понаметлив пристап. По ескалацијата на насилствата во Газа во октомври, особено по одговорот на Израел, тој напиша детално писмо во кое ја критикува меѓународната заедница и пристапот на ОН кон човековите права во Палестина, повикувајќи на промена на стратегијата.
Писмото потоа протече во јавноста и привлече големо внимание, што доведе до негова оставка по 32 години во организацијата.
– Јасни докази за „геноцидна намера“ –
Мохајбер ја опиша ситуацијата во Газа како геноцид, посочувајќи неколку аспекти за кои смета дека го карактеризираат. Тој истакна дека „многу од конкретните дејствија“ се наведени во Конвенцијата за геноцид, како што се „масовното убивање“ и „предизвикувањето сериозни повреди, вклучително и телесни“, кои се евидентни во Газа и Палестина.
„Постои линија за наметнувањето услови … кои се креирани да доведат до уништување на групата целосно или делумно. Па, тоа е очигледно затоа што веќе многу, многу години имаме затворање и опсада на Газа, што е специјално направена да ги лиши жителите на Газа од храна, лекови, вода, санитарни услови, здравствена заштита, слобода на движење – сите нешта што се неопходни за пристоен живот“, рече Мохајбер.
Тој ја нагласи реткоста да се има јасни докази за „геноцидна намера“, честопати најтешкиот елемент за докажување.
Но, во случајот со Газа, тој рече дека има невообичаена ситуација: „Атмосферата на неказнивост околу Израел е толку голема што всушност имаме како високи израелски лидери јавно и официјално ја изразуваат својата геноцидна намера. И така, имавме изјави за геноцидни намери од претседателот, премиерот, министрите во владата, високи воени претставници и тинк-тенк организации поврзани со израелската влада“.
Понатаму, тој ја истакна важноста од разбирање на историскиот контекст, повикувајќи се на настаните од 1948 година, како Накба, и континуираното „етничко чистење на Палестинците од Израел и окупираните територии“.
Имајќи ги предвид сите овие фактори: „Постои најмалку прима фација-случај на геноцид кој се случува таму“. Мохајбер смета дека постои јасна обврска на меѓународната заедница соодветно да дејствува на ова.
– Соучесништвото на САД и Западот –
На прашањето да ги разјасни своите коментари кои ја опишуваат ситуацијата во Палестина како европски етно-националистички проект за доселеништво, Мохајбер за Анадолу изјави: „Ова нема да биде првпат Западот да биде вмешан во колонијализмот на доселеници. Тоа е нешто што многу му прирасна на Западот“.
„Гледаме активно соучесништво бидејќи додека се случуваат овие напади, земете ги на пример Соединетите Американски Држави, видовме финансирање, вооружување, обезбедување разузнавачка поддршка, обезбедување дипломатско покривање, па дури и вето во Советот за безбедност сé за да се олеснат израелските акции во Газа“, рече тој.
„Ова е соучесништво во правна смисла за што се одговорни и САД. Значи, апсолутно, Западот е вклучен. Тоа го видовме со САД, со Велика Британија и со други европски влади, сосема шокантно, кои не само што го поддржуваат она што го прави Израел, туку и го потиснуваат несогласувањето во сопствените земји преку забраната на протестите за одбрана на палестинските човекови права и кои повикаат на одговорност на Израел. И таа комбинација на фактори ми кажува дека голем број од овие западни земји се всушност соучесници“, нагласи тој.
– „Продолжување на Накба“ –
На прашањето дали смета дека ситуацијата во Газа може да еволуира во нова Накба, Мохајбер одговори: „Мислам дека тоа е истата Накба“.
Тој ги гледа актуелните настани како дел од континуираната серија на „последователни етнички чистења на палестинскиот народ“, кои започнаа со Накба, а потоа се проширија во различни области, меѓу кои и во Ерусалим и Западниот Брег.
„И тогаш, се разбира, масовната голема чистка на северот на Појасот Газа и пошироко е индикатор за продолжувањето на Накба, продолжување на етничкото чистење. И како што реков дел од … геноцидот што се одвива“, додаде тој.
Накба, што на арапски значи „катастрофа“, се однесува на масовното раселување и одземање на имотот на Палестинците за време на Арапско-израелската војна во 1948 година.
Осврнувајќи се на израелската политика на Западниот Брег и на еврејските доселеници, Мохајбер истакна дека намерата на Израел е да ја преземе цела историска Палестина.
„Чистката на овие села на Западниот Брег е продолжување на конфискацијата на палестинската територија што трае веќе многу долго време“, рече тој.
Мохајбер смета дека идејата за дводржавно решение е „апсурдност“, наведувајќи ја сегашната карта на Западниот Брег и нагласувајќи дека ништо не останува за одржлива палестинска држава таму.
„Значи, сметам дека намерата е многу јасна. Тоа е да се продолжи овој етно-националистички колонијален проект за доселеништво и да се замени автохтоното палестинско население со еврејските доселеници, низ Газа, низ Западниот Брег, низ Ерусалим“, додаде тој.
– ОН имаат „обврска да се спротивстават на“ притисоците –
Мохајбер го критикуваше политичкото раководство на ОН и меѓувладините тела, како Советот за безбедност, за нивните недостатоци во две клучни области.
Тој рече дека тие „дозволиле да бидат заплашени од силни демарши од западните држави“ како САД, Велика Британија и одредени европски земји.
Дополнително, Мохајбер го истакна влијанието на израелските лоби групи, кои ги обвини дека не само што промовираат „неказнување на израелската влада“, туку и дека се вклучени во „оцрнување на бранителите на човековите права во Обединетите нации“.
И покрај тоа што смета дека таквите клеветнички кампањи се „застрашувачки“ и „вознемирувачки“, Мохајбер рече дека ОН имаат „обврска да се спротивстават“ на овие притисоци, а не да подлегнуваат на нив, истакнувајќи дека попуштањето на овие влијанија „ја ослабело позицијата на Организацијата. “
„Почнувајќи со процесот во Осло пред 30 години, ОН во основа го напуштија стариот пристап на фокусирање на меѓународното право, меѓународните човекови права и еднаквоста кон Израел и Палестина“, додаде тој.
– „Двојните стандарди на Меѓународниот кривичен суд“ –
Во врска со брзиот одговор на Меѓународниот кривичен суд (МКС) на постапките на Русија во војната во Украина, а негова отсутност за израелските напади врз Палестинците, Мохајбер изјави дека „надворешниот притисок од моќните западни држави и лоби групи“ довел до двојните стандарди во МКС, особено во канцеларијата на обвинителот.
Сепак, тој ја изрази својата поддршка за МКС, признавајќи го неговото постоење како неопходно, но, исто така, признавајќи дека „треба долг пат да помине“ за да ја покаже својата глобална посветеност на правдата.
„Меѓународниот кривичен суд има долг пат пред да му докаже на светот дека едноставно не е механизам формиран за судење на луѓето во Африка, туку дека всушност е меѓународен кривичен суд кој е посветен на глобалниот режим на меѓународното кривично право и дека е подготвен да бара одговорност од западните сторители како оние во Израел и оние кои се нивни соучесници“, додаде тој.
– Нападите врз Агенцијата на ОН за бегалци –
Во врска со континуираните напади на Израел врз Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), Мохајбер рече дека Агенцијата е напаѓана бидејќи „претставува можност за продолжување на автохтониот палестински живот“.
„И тоа сметам дека е закана за колонијалниот проект на доселеништво… УНРВА е извонредна организација“, рече Мохајбер, нагласувајќи дека таа е составена од вработени, претежно палестински бегалци.
Тој нагласи дека без УНРВА „нема да има едукација за човековите права на кои сите Палестинци, како и сите нас, имаат право“.
„УНРВА е таа што дозволи голем дел од палестинското општество“ да ја промовира и одбележува својата култура.
Во израелските напади врз Газа досега загинаа над 100 вработени на УНРВА.