Од „Илинденска“ потврдуваат дека Мицкоски останува на позицијата внимателно да ги следи состојбите во институциите и реконструкцијата е резултат на неговото незадоволство од функционери што се оддалечуваат од принципите врз кои е формирана Владата. Дилемата околу тоа колкав обем ќе има реконструкцијата ја зголеми премиерот Мицкоски откако на партиската прослава во Струмица искажа отворено незадоволство од однесувањето на дел од функционерите од различни ешалони
Кој ја задржува функционерската фотелја, кој ќе ја смени, а кој си заминува ќе се знае на први јули, кога, како што најави премиерот Христијан Мицкоски, ќе се најде списокот со кадровско освежување во законодавниот дом. Од премиерскиот кабинет не даваат никакви детали по првите одделни средби, кои ги остварија во петокот и во саботата со делегациите на Вреди и на ЗНАМ. Од „Илинденска“ потврдуваат дека Мицкоски останува на позицијата внимателно да ги следи состојбите во институциите и дека реконструкцијата е резултат на неговото незадоволство од функционери што се оддалечуваат од принципите врз кои е формирана Владата. Дилемата околу тоа колкав обем ќе има реконструкцијата ја зголеми премиерот Мицкоски откако на партиската прослава во Струмица искажа отворено незадоволство од однесувањето на дел од функционерите од различни ешалони.
– Јасно е дека има такви на кои фотелјата им станала подрага од контактот со народот. Добивам информации дека некои министри и директори се недостапни за народот, додека има и такви на кои приватните патувања им станале подраги од посетите на села и на градови. Не прифаќам изговори од ниту еден назначен функционер дека е уморен. Ако се уморни, фер е да си заминат – рече тогаш Мицкоски.
Тој изјави викендов дека во интерес на процесот не сака да зборува премногу околу конкретните кадровски решенија и имиња. Но, најави дека по владината реконструкција, ќе продолжат и во другите структури и на локално ниво.
Тој не коментираше дали се разговара за опцијата министерот за здравство, Азир Алиу, да ја заземе позицијата на вицепремиерот Арбен Фетаи, за што се шпекулираше во јавноста. Засега, извесно е само дека си заминува вицепремиерот од владиниот кабинет, бидејќи е прифатена неговата оставка, а под прашалник е фотелјата на министерот за социјална политика, Фатмир Лимани, кој ја напушти Вреди. Тој тврдеше викендов дека воопшто не разговарал со премиерот за реконструкцијата.
–Иако денес завршува мојот мандат, јас мислам дека повеќе треба да се насочиме кон она што го направивме ние за доброто на оваа држава и на народот, без разлика на тоа која е цената што треба да ја платиме. Не сме на овие позиции за да му бидеме товар ниту на премиерот, ниту на мандатарот, ниту на никого. Ние сме овде да играме улога на играчи што ќе ја сработат работата во полза на народот – рече тој.
Од Вреди велат дека по првиот состанок во рамките на процесот на реконструкција била направена само почетна процена на работата на извршната власт и динамиката на спроведување на владината програма.
– Концептот што го презентиравме е дека не треба да се сведува реконструкцијата на промена на поединци, туку да служи како инструмент за забрзување на реформите, нова динамика и поттик на процесите што се во интерес на граѓаните. Што се однесува до имињата, сè уште е рано да се зборува. Процесот штотуку почна и се очекува да продолжи со други состаноци меѓу владините партнери. Кога ќе има конкретни одлуки, јавноста ќе биде навремено информирана – изјавија од Вреди за весникот ВЕЧЕР. Детали од средбата не откриваат ниту од ЗНАМ.
Премиерот Мицкоски смета дека процесот на реконструкција длабински и суштински ќе промени многу нешта, заклучно со крајот на летото.
– Се разгледуваат опции за промена на ресори, така што мислам дека многу брзо ќе го затвориме овој прв дел од процесот во, условно кажано, првиот ешелон. Разговараме отворено за сите добри страни, но и за слабостите, се разбира. Така што до крајот на следната недела, како што кажавме, и до крајот на јуни да го формализираме сето ова и најдоцна до први јули списокот да се најде во Парламентот, пред парламентарците – рече премиерот Мицкоски по средбата со Вреди, а пред состанокот со ЗНАМ.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, коментирајќи ја најавената реконструкција на владиниот кабинет, истакна дека таа ќе биде само козметичка и дека граѓаните не треба да очекуваат никакви позитивни промени или економски мерки што би го подобриле нивниот стандард.
– Ќе се заменат некои луѓе, ќе си ги заменат фотелјите и сè ќе биде исто – вели тој и додава дека, без оглед на тоа кои имиња ќе дојдат на министерските позиции, „тендер-коалицијата ќе продолжи да функционира“. (Е. А.)
СДСМ нема да му даде алиби на премиерот за предвремени избори
Опозицијата нема да му даде алиби на премиерот за распишување предвремени парламентарни избори, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарски прашања околу пораките од власта дека се подготвени да има избори.
Според Филипче, изјавите на премиерот на оваа тема се контрадикторни – од најави за редовни до тврдења дека се подготвени за предвремени избори.
– И кажавме: ќе има избори кога ќе им снема пари, затоа што тоа е концептот на нивното владеење. Кога ќе ги потрошат сите пари за партиски тендери, тогаш ќе одат на избори. Нема да бара алиби, ниту ќе му дадеме ние, како опозиција, за предвремени избори – рече претседателот на СДСМ.
На прашањето колку внатрепартиските промени во СДСМ донеле промени, Филипче посочи дека постојаниот фокус на владејачката партија кон СДСМ е доказ дека расте капацитетот на опозицијата и оти е консолидирана. Тој изрази задоволство од придонесот на партиските структури, но и од новиот бран поддршка што го добиваат.
– Од една страна, велат дека била партијата пред изумирање, не знам како ќе нè победеле на избори, а, од друга страна, секој ден се занимаваат со нас. Тоа значи дека знаат дека расте нашиот капацитет и дека е консолидирана партијата – истакна лидерот на социјалдемократите.
Извор: zurnal.mk

