Општина Прилеп ги заврши средбите со сите урбани заедници во градот во рамките на консултациите за подготовка на Буџетот за 2027 година. Градоначалникот Дејан Проданоски најави дека процесот продолжува со средби со месните заедници во населените места.
Последните средби беа со жителите на Чачорица, Корзо, Тапани, Центар – Библиотека, Центар – Општина, Цар Самоил, Бончејца, Варошко Маало, Рид, Гоце Делчев, Тризла 1, Тризла 2, Сточен пазар и Жабино Маало.
Според Проданоски, граѓаните изнеле бројни предлози, идеи и иницијативи, а заеднички биле идентификувани проблемите и потребите за кои се неопходни конкретни активности.
Градоначалникот им се заблагодари на учесниците за придонесот во утврдувањето на приоритетите за наредната година.
„Во следниот период консултациите ги продолжуваме со средби со месните заедници во населените места, со цел да ги слушнеме потребите на сите граѓани и заеднички да креираме буџет кој ќе одговори на реалните приоритети“, порача Проданоски.
Тој ги повика граѓаните да продолжат да ги споделуваат своите предлози и да учествуваат во планирањето на развојот на општината.

