ПОЧИНА АКАДЕМИК ЈОРДАН ПОП-ЈОРДАНОВ

March 13, 2024
3 mins read

Академик Јордан Поп-Јорданов почина вчера на 98 години, соопшти Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), каде беше претседател од 1984 до 1991. Погребот на академик Поп-Јорданов ќе се изврши денеска во 12 часот на Градските гробишта Бутел во Скопје. Комеморацијата во МАНУ е закажана за на 15 март во 12 часот.

Акададемик Јордан Поп-Јорданов (1925 – 2024) е роден во Велико Градиште, Србија, на 23 ноември 1925 . Гимназија завршил во Штип. Во 1956 година дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје (средна оценка 9,94), а во 1960 година техничка физика на Електротехничкиот факултет во Белград (средна оценка 9,32). Докторирал на Електротехничкиот факултет во Белград во 1964 година. Бил на стручно усовршување во Англија, Советскиот Сојуз и Швајцарија. Од 1960 год. работи во Институтот „Борис Кидрич“ во Винча во повеќе научни звања и раководи со група млади научни работници. Во 1971 година преминува на Електротехничкиот факултет на Белградскиот универзитет, каде останува како редовен професор сé до крајот на 1983 година, кога се враќа во Скопје.

На редовните и постдипломските студии на Електротехничкиот факултет во Белград држел настава по атомска и статистичка физика, енергетска микрофизика и квантна електродинамика. На истиот факултет основал и постдипломска насока за сончева енергија, прва во Југославија од оваа проблематика.

Предавал и на постдипломски студии на Природно-математичкиот и Филозофскиот факултет и во Центарот за мултидисциплинарни студии на Белградскиот универзитет, како и на Електротехничкиот факултет во Скопје.

Автор е на универзитетските учебници „Нерамнотежна статистичка физика“ (1981) и „Квантна електродинамика“ (1983), како и на неколку книги во земјата и странство. Објавил околу 300 научни и стручни трудови главно во меѓународни научни списанија и монографии, од кои најмногу се од полето на неутронската физика, електричното инженерство, енергетиката и одржлив развој, мозочниот електрицитет и филозофијата на науката.

Учествувал на повеќе меѓународни научни собири во дваесетина земји на Европа, Америка и Азија, најчесто како поканет експерт. Реализирал голем број научни проекти, од кои преку 20 имале меѓународен карактер. Неговите резултати се користени во многу странски статии, монографии и докторски дисертации.

Главните негови научни придонеси се однесуваат на неутрониката („метод на Поп-Јорданов“ за термализација на неутроните, објавено во престижното издание на Обединетите нации пред половина век); електроенергетиката (мултидизмензионална интерпретација на околински ризици); соларната енергија (квантни модели на тенки филмови), одржливиот развој (негентропски концепт и ментални индикатори); невронауката (мозочен електрицитет и квантни ментални спектри) и филозофијата на природните науки (интерпретација на микрочестичен дуализам).

Академик Поп-Јорданов бил член на редакции и рецензент на повеќе меѓународни научни списанија и на меѓународни стручни организации, како и референт за избор на професори на универзитети во Европа и Америка. Бил одговорен уредник на списанието „Радови“ (на Заводот за физика на Белградскиот универзитет), како и директор на Меѓународната постмагистерска летна школа по реакторска физика, организирана од Меѓународната агенција за атомска енергија.

Добитник бил на повеќе награди, меѓу кои: Годишна награда на Институтот во Винча за индивидуално научно остварување (1964); Јубилејна награда на Институтот во Винча за развој на научната област (1968); награда на ВРЕН-УНЕСКО за најдобар труд на Светскиот конгрес по обновлива енергија во Денвер (1996); награда на Светската иновациона фондација за извонреден придонес за науката и човештвото (2003); награда за извонреден придонес на науката на 20-от век; награда на Универзитетите во Скопје и во Белград за најдобар успех на студии и др.

Тој бил носител на Споменица 1941 (како учесник на НОБ во Македонија), Орден за храброст, Орден Братство и единство, Орден за труд, три Ордени Заслуги за народ, Орден за заслуги за Македонија (2007), Медал на Македонската православна црква (2008) и др. Бил претседател на Научниот совет на Институтот за нуклеарни науки во Винча (1969-1970) во време кога тој институт бил најарфимиран научен центар во југоисточна Европа, како и декан на Електротехничкиот факултет во Белград (1977-1979).

Во 1993 година го основал Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали при МАНУ, со кој раководел до 2012, и кој се развил во меѓународно афирмиран „центар на одличност“. Бил претседател на Македонскиот
национален комитет на Светскиот совет за енергија. Бил член на пет странски академии и тоа: Њујоршката академија на науките (САД), Меѓународната академија на науката (Минхен, Германија), Европската академија на науките и уметностите (Салцбург, Австрија), Медитеранската академија (Неапол, Италија) и Светската академија за уметност и наука (Сан Франциско, САД).

Бил почесен член на Светската иновациона фондација и на Филозофското друштво на Македонија, како и странски член на Американско физичко друштво, Европска секција на друштвото за анализа на ризици, Меѓународно друштво за соларна енергија, Римски клуб-Совет за иднина на Европа, Европско нуклеарно друштво, Друштво за применета невронаука и Европско друштво за култура.

За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите бил избран на 25 декември 1969 на првото редовно изборно собрание, а за редовен член на 26 декември 1974 година.

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

ИЗВОР: sdk.mk

VERO JUMBO

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Стварно ќе немат љуѓе

Следно

Официјално: Лацио го избра наследникот на Сари

Latest from Blog

Коњановски: Поголема улога на компаниите во развојот и општествениот живот на Битола

Иницијативата за формирање „Бизнис клуб Битола“, поддршката за Клиничката болница и поголемото вклучување на компаниите во активности од општествен интерес беа теми на работниот состанок на Регионалната комора со седиште во Битола.

Славески: Од следната недела до 15.000 денари неделно за подигање готовина од „АЛТА банка“

Од следната недела, неделниот лимит за подигање готовина и плаќање со картичките на „АЛТА банка“ АД Битола ќе се зголеми од 10.000 на 15.000 денари, најави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.

Проданоски: По половина век се обновува патот за Веселчани и Загорани

Се рехабилитираат три километри од локалниот пат што ги поврзува Веселчани и Загорани со регионалниот пат Прилеп – Битола, соопшти градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски. Според Проданоски, делницата се обновува по 50

Битола петта година ги вклучува граѓаните во планирањето на општинскиот буџет

Жителите на Битола и околните населени места ги изнесоа своите предлози за општинскиот буџет за 2027 година на втората сесија од Буџетскиот форум. Меѓу темите беа инвестициите во Старата чаршија, санацијата на

„Охридско лето“ со три бесплатни концерти надвор од фестивалската сезона

„Охридско лето“ ја продолжува концертната програма и по завршувањето на летната фестивалска сезона. Националната установа најави три бесплатни концерти со меѓународни уметници – два во Скопје и еден во Охрид. Првиот концерт
Go toTop