Пендаровски: „Можеме да ги почувствуваме негативните ефекти од крвавиот судир меѓу Израел и Хамас“

1 min read

СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во своето годишно обраќање во Собранието, рече дека и земјата може да ги почувствува негативните ефекти од војната меѓу Израел и Хамас, јавува Анадолу.

Пендаровски се осврна на случувањата во изминатата година, како и на главните предизвици и приоритет на земјата.

Говорејќи за стабилноста и безбедноста, тој се осврна на војната во Украина и конфликтот на Блискиот Исток, како и за негативните ефекти на конфликтите.

„Во овој безбедносен контекст, дозволете накусо да се реферирам и врз најактуелниот светски конфликт во моментов, меѓу Израел и Хамас, врз кој ние како мала држава сигурно не можеме да влијаеме, но, можеме да ги почувствуваме негативните ефекти од тој крвав судир“, рече Пендаровски.

Објаснувајќи го ставот на Северна Македонија, тој рече дека првиот елемент е дека „Хамас е терористичка организација“, повикувајќи државата да го потврди тоа и со формална одлука.

„Второ, Израел, според сите меѓународни акти има право на самоодбрана, трето, според истите тие меѓународни документи, мора да води сметка не за терористите на Хамас, туку, за човековите права на Палестинците. Во таа смисла, израелската армија мора да употребува пропорционална употреба на смртоносна сила, и без остаток да ги штити животите на цивилите, жените и децата“, рече Пендаровски, додавајќи:

„Она што е најважно од аспект на нашите национални интереси, потребно е внимателно и одговорно постапување на сите политички субјекти за тој судир да не ги продлабочи поделбите во нашето мултиетничко, но, и мултирелигиозно општество. За жал, почетните ефекти од таквиот говор на омраза се веќе видливи на социјалните мрежи кај нас.“

– „Ентузијазмот меѓу граѓаните за членство во Унијата драматично опаѓа“ –

Претседателот Пендаровски истакна дека државата мора да остане на патот на европските интеграции без оглед на тоа која извршна власт ќе раководи по изборите во мај 2024 година.

Според него, евентуалното забавување или целосното запирање на европските интеграции нема да се одрази добро врз ниту една сфера од општественото живеење.

„Ентузијазмот меѓу граѓаните за членство во Унијата драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка за преговорите кои секогаш имаат неутрализирачки ефект наспроти структурите кои сакаат да ја поткопаат демократијата“, рече Пендаровски.

Тој ги критикуваше и одлуките на Европскиот совет кои „го потврдија песимистичкото сценарио за Западниот Балкан“.

„Неспорно е дека ние не ја завршивме нашата домашна задача во однос на преземените обврски, но, тешко е да се пронајде логика и во последните одлуки на Брисел со кои практично беше целосно заобиколен регионот, што сигурно ќе придонесе дополнително за опаѓање на атрактивноста на проектот наречен Обединета Европа“, рече Пендаровски.

Тој, меѓу другото, говореше и за потребата од поефикасна борба против високата корупција, спречувањето на говорот на омраза и лошите демографски движења.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Претходно

Мицкоски потпиша меморандум за соработка со НДИ во рамки на програмата „Победи со интегритет“

Следно

Со пренамена на средства од МЗ ќе се реконструира амбуланта во Општина Илинден

Latest from Blog